Анонимно прашање: Здравейте! Имам три въпроса за разликте между македонския и българския стандартни езици, както ги описвате по-долу, на 30-и ноември 2020 г. 1) Относно #4, не мислите ли, че българските показателни местоимения тази/тая и т.н. покриват употребата на оваа и таа и т.н.? За “посочување без просторна и временска определеност” не е ли “тия” равно на “тие”?
2) Относно #6, смятате ли за “има-перфект” следния израз в стандартния български език: “има постигнато споразумение…”? Ако да, #6 остава ли категорична разлика? Или само такава в честотата и широтата на употреба? 3) В #7, не важи ли следното? “бугарски: пиша → писанo, напиша → написанo, дойда → /” ДОШЛО Ако важи, #7 остава ли разлика?
Здраво! Фала за интересните прашања. Пред да ги одговориме, би сакале да истакнеме дека кај сите особености кои ги наведовме во последната објава се работи за системски разлики што се однесуваат на сржта на структурата на јазикот и на тоа како различни појави од реалноста се изразуваат преку јазикот. Инаку, тие осум особини секако не се единствените разлики меѓу двата јазика (ако ве интересира повеќе, погледнете ги коментарите од Емилија Нешкоска и Елка Јачева-Улчар тука).
Еве сега одговори на сите поединечни прашања:
- Во врска со показните заменки, посочуваме на тоа дека во системот на македонскиот јазик (односно на македонските дијалекти) се развиле три посебни форми, додека во системот на бугарскиот јазик постојат само две. Во лингвистиката е докажано дека формите што постојат во еден јазичен систем ги отсликуваат потребите на луѓето што го зборуваат тој јазик. Од друга страна, ако во системот не постојат посебни форми за изразување на одредени концепти или појави, а се појави потреба да се изразат, луѓето спонтано почнуваат да ги употребуваат елементите што им се веќе на располагање, односно формите што веќе постојат во јазикот. И така доаѓаме до случајот со показните заменки во бугарскиот јазик – во јазичниот систем постојат само две форми за изразување на три различни категории. Како што велите вие, тази/тая во едни случаи се употребува за посочување блиски предмети и лица (македонското оваа), а во други за посочување без просторна и временска определеност (македонското таа). Разликата лежи во тоа дека едниот систем развил три посебни форми за трите категории, а другиот користи само две форми – што самото по себе е важна структурна разлика. Тука мора да се нагласи дека не кажуваме дека едното е подобро од другото, туку само ги констатираме објективните јазични особености.
- Има-перфектот во македонскиот јазик со текот на времето се има развиено во целост и постои во системот на исто ниво со другите глаголски времиња; затоа ги посочуваме времињата во другите јазици (present perfect во англискиот, Perfekt во германскиот и passé composé во францускиот јазик) кои сосема соодветствуваат на македонскиот има-перфект. Тоа што ова време може да се користи во сите лица и за сите глаголи значи дека целосно се има граматикализирано. Во бугарскиот секако такви конструкции со глаголот има постојат, но не се целосно раширени на сите глаголи т.е. не се на истото ниво на граматикализација. Повторно доаѓаме до тоа дека не се работи за разлики во употребата или зачестеноста, туку за суштински структурни разлики меѓу двата јазика.
- Глаголските придавки во македонскиот јазик може да се образуваат од буквално сите глаголи (со наставките –т и –н), што е директно поврзано со целосната граматикализација на има-перфектот. Во низата пиша → писанo, напиша → написанo, дойда → / вие предлагате дошло наместо косата црта, но тоа не е формата што е потребна таму; формата, кога би постоела, би гласела нешто како *дойдано (но такво нешто не постои, и затоа ставаме ѕвездичка пред формата). Дошло е друга нелична глаголска форма (во македонскиот ја нарекуваме глаголска л-форма), која постои и во македонскиот и во бугарскиот јазик, но се користи во сосема други конструкции и контексти.
Се надеваме дека ги разјаснивме овие работи, пишете ни слободно ако имате и други прашања 🙂