Анонимно прашање: Здраво! Ме интересира дали именките од машки род коишто именуваат националност имаат форми за избројана множина (пример: Македонеца, Србина, Русина, Грка, Кинеза итн.)? И кои од следниве искази се исправни: 1. два Македонеца; 2. два Македонци; 3. двајца Македонеца; 4. двајца Македонци? Ви благодарам!
Здраво, одлично прашање! На прв поглед звучи како нешто банално, но всушност многу е интересно дека не сме чуле некој да вели „два Македон(е)ца“. Иако и двете ја користиме избројаната множина во нашиот личен говор, во примерите што сте ги навеле не би ја искористиле за ниту една од именките што означуваат лица од одредена националност.
Од друга страна, кога се зборува за лица може да се користат и формите двајца, тројца итн., но во тој случај именката е секогаш во обична множина (а не во избројана). Па така: два лекара ИЛИ двајца лекари; три ученика ИЛИ тројца ученици. Всушност во дадените примери најмногу ни одговара оваа комбинација – двајца + обична множина од именката.
Според тоа, од наведените опции во прашањето, ние лично природно би рекле (4); евентуално би го прифатиле и (2), но самите не би рекле така. Другите два примера (1 и 3) ни се чинат сосема неграматични, односно нешто што не би очекувале да го чуеме од роден говорител на македонски.
Уште еднаш, многу интересно прашање, баш нѐ интересира што би рекле и другите наши читатели за ова :))