Во последната недела од октомври објавивме кратка анкета во која ве прашавме како велите по дома за чинија, девојче и бакнува. За само четири дена анкетата ја пополнија 680 луѓе од сите краишта на Македонија, што значи дека собравме доволно материјал за да ви претставиме еден исечок од вистинскиот жив македонски јазик, така како што се зборува денес во земјата и надвор од неа.
Накратко за дијалектите
Во секој јазик на планетава е нормално да постои варијација што директно произлегува од човечкиот фактор, т.е. од тоа каде и како живеат луѓето што го зборуваат тој јазик. Локалните варијанти на јазикот се нарекуваат дијалекти. Тие се развиваат непосредно, без ничија интервенција и го рефлектираат природниот развој на јазикот (за разлика од стандардниот јазик).
И покрај тоа што никој не го насочува развојот на дијалектите, сите тие претставуваат целосни системи за себе во кои владеат непишани внатрешни правила. Затоа меѓу различните дијалекти на еден јазик постојат голем број разлики на секое јазично ниво, како на пример во зборовите што се користат (лексиката), во акцентот, во глаголските форми, во начинот на кој се изговараат гласовите итн. Специфичната комбинација од јазични особини на дијалектот во кој сме израснале е нашиот мајчин јазик и поради ова е тешко да имитираме нечиј дијалект, дури и кога е сроден со нашиот.
Сето ова важи за сите јазици, но овојпат ќе ставиме акцент на македонскиот јазик и неговите дијалекти и ќе разгледаме неколку конкретни примери.
За македонските дијалекти
Македонските дијалекти се делат на три големи групи што ги нарекуваме наречја: западно, југоисточно и северно наречје. Во рамките на наречјата се издвојуваат различните дијалекти, кои, пак, се состојат од повеќе говори. Всушност, говорот претставува најмала одделна географска јазична единица, а дијалектот покрива неколку поврзани говори. Сепак, во овој текст главно го користиме терминот дијалект како општ назив за сите овие регионални варијанти.

Дијалектите на македонскиот јазик се проучувани и опишувани од страна на многу видни лингвисти, па ако сакате да научите повеќе за нив ви ги препорачуваме следниве извори:
- „Дијалектите на македонскиот јазик“ (3 тома) од Божидар Видоески, издание на МАНУ (електронска верзија на сите три тома);
- Лингвистички атлас на македонските дијалекти во издание на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика “Божидар Видоески” при МАНУ (електронска верзија на атласот);
- Интерактивна карта на пишувани и снимени текстови на разни македонски дијалекти (сините топчиња се снимки, а црвените се текстови).
Овие изданија и други слични извори може да најдете на порталот Дигитални ресурси за македонските дијалекти, проект на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика “Божидар Видоески” при МАНУ.
Разновидноста на македонските дијалекти преку три поими
Целта на нашето кратко истражување беше прегледно да ја прикажеме разновидноста на македонските дијалекти кои активно се зборуваат денес. Поимите што ги избравме беа чинија, девојче и бакнува, бидејќи се чести и секојдневни зборови за кои веќе сме чуле многу интересни локални варијанти. Нѐ интересираше кои зборови и форми се употребуваат во кој дел од Македонија, а податоците што ги собравме ќе ги искористиме понатаму за да одговориме и на некои други прашања. Секако, дијалектите не се разликуваат меѓу себе само по зборовите што се користат, но тоа е аспектот што најчесто прв се забележува кога стапуваме во контакт со луѓе што зборуваат поинаков дијалект од нашиот.
Во продолжение ви ги претставуваме нашите резултати илустрирани преку три карти што јасно ја прикажуваат распространетоста на локалните варијанти во 25 места.
Имаш ваган? Еве мисур!

Македонско момиче, китка шарена

Како се цунуваме низ Македонија

Кога зборуваме за дијалекти, зборуваме за најактивниот и најавтентичниот дел од јазикот, а не за нешто што е статично и врзано за минатото. Распространетоста на трите избрани поими што ги истраживме претставува само еден мал дел од вистинската ризница на интересните јазични разлики меѓу говорителите на македонскиот јазик.
* Како основа за четирите карти во оваа објава ги искористивме оваа и оваа мапа.