Како е правилно, „јаболка“ или „јаболки“? – За јазичниот прескриптивизам

Дали ви се случило некој да ви рече дека не го владеете својот мајчин јазик? Сите некогаш сме се поколебале околу правилниот начин да се каже нешто. Всушност ни лингвистите не се рамнодушни во однос на оваа тема!

Централната цел на лингвистиката како наука за јазикот е да ги открие тајните на човековиот јазик и да разбере како тој функционира. Научниот метод подразбира објективност при набљудувањето на предметот на истражување, па така, на пример, биологот може да ги проучува специфичните особини на пингвините без да ги суди за тоа што се толку нетипични птици. Така и лингвистите само го опишуваат јазикот што го проучуваат, а стекнатото знаење вообичаено не го користат за да го поправаат начинот на изразување на луѓето што зборуваат одреден јазик.

Во лингвистиката се водиме по начелото дека сите јазици и сите варијанти на еден јазик се рамноправни и подеднакво интересни за проучување. Секој телефонски разговор, твит, антички законик, рецепт за торта, политички говор или муабет на пазар е валиден јазичен податок што лингвистите може да го искористат во своите истражувања.

Меѓутоа, една од последиците на тоа што јазикот во целост им припаѓа на сите што го зборуваат е што сите имаме некакви ставови околу тоа како нашиот јазик звучи и како треба да звучи. Јазикот на една заедница секогаш постои во рамки на некакво општество и на различни начини ги отсликува состојбите што постојат во него; на пример, јазикот што го зборуваме открива многу за тоа на која општествена група ѝ припаѓаме. Во сите општества низ историјата секогаш јазикот на богатите, образованите и моќните се сметал за престижен, односно се вреднувал повеќе од јазикот на обичните луѓе, сиромашните и необразованите. Врз основа на тоа, се изделувале јазичните особини што се сметале за пожелни и прифатливи од една страна, и таквите што биле осудувани од друга страна.

Верувањето дека само една јазична варијанта е „точна“ и има посебен статус во однос на другите, кои се „погрешни“, се нарекува јазичен прескриптивизам. Ова е тесно поврзано со идејата дека кога во јазикот постојат два или повеќе начина да се изрази истата работа, само еден од нив може да е „правилен“. Од друга страна, употребата на другите варијанти во очите на прескриптивистите може да создаде впечаток дека тој што зборува е неписмен, необразован или не се потрудил доволно. 

Најчесто варијантата што се зема како „точна“ и во споредба со која другите начини на изразување се сметаат за „погрешни“ е стандардниот јазик (оттаму доаѓа и терминот прескриптивизам – се однесува на пропишаните правила што ги наоѓаме во правописите, речниците и граматиките). Стандардниот јазик во општеството служи како неутрален јазик на образованието и официјалната комуникација, но за лингвистите тој не е „подобар“ или „поправилен“ од другите варијанти на јазикот (разговорниот јазик и дијалектите). Употребата на стандардниот јазик во секој случај мора да се регулира и во тоа клучна улога имаат лекторите, но нивните интервенции мора да се ограничат само на ситуациите во кои се употребува стандардниот јазик.

„Потајно ти ги поправам граматичките грешки“ лево и „Не те судам ако правиш граматички грешки, само ги анализирам“ десно

Во реалноста, секако, варијацијата во јазикот, односно постоењето на повеќе варијанти за истата работа, сведочи за богатството, разновидноста и креативноста на човековиот јазик. Постоењето на тие варијанти се должи на најразлични фактори: возраста и потеклото на тој што зборува, различните дијалекти, дали се работи за пишан или говорен јазик, постар или понов јазичен материјал, или пак се работи за варијација што не е условена од ниту еден фактор  – понекогаш навистина едноставно имаме повеќе начини да кажеме едно исто нешто. Постоењето на варијација е возбудливо за лингвистите, бидејќи може да биде предвесник на промени во јазикот што се случуваат пред нашите очи.

Меѓутоа, кога зборувачите на еден јазик се соочуваат со повеќе варијанти, тоа кај нив може да доведе до сомневање во сопствените јазични способности при користењето на мајчиниот јазик. На пример, ако во нашиот дијалект множина од јаболко е јаболка и таа е единствената форма што сме ја слушале и читале, а одеднаш слушнеме роден говорител на македонскиот јазик што вели јаболки, природно е да се посомневаме дека некој од нас греши. Во ваквите случаи, прескриптивизмот знае да понуди едноставно решение: сигурно само една од понудените варијанти е правилна, а другите се погрешни. Тоа доведува до едно од најчесто поставуваните прашања: Како е правилно?

Прескриптивизмот на прв поглед изгледа како совесна грижа за јазикот, но претераното поправање на јазикот што го користат луѓето во своето секојдневие е всушност штетно за неговиот развој и за односите меѓу различните зборувачи. Јазикот им припаѓа на сите негови корисници и не може да се оддели од нив. Според ова, лингвистите немаат улога на „чувари на јазикот“, токму бидејќи идејата е тој да не се чува од никого, туку напротив, да се уважува секој начин на кој луѓето го користат. Вистинската грижа за јазикот подразбира воочување на соодветната варијанта што треба да се употреби во дадена ситуација и отвореност кон различните начини на кои може да се изразуваме.

За крај, да одговориме на прашањето во насловот – и двете опции се правилни, бидејќи и двете се многу чести во македонскиот јазик! Стандардна е само множинската форма јаболка, па би требало таа да е формата што ја слушаме на телевизија или ја читаме во учебниците. Сепак, ако чичкото на пазар напишал дека продава зелени јаболки, нема потреба да го поправаме, бидејќи станува збор за неформална комуникација што сепак се одвива на македонски јазик.

Пет јазични активности што не се дел од лингвистиката

Лингвистиката го изучува јазикот како човечка и општествена појава и вклучува многу различни дисциплини; некои од нив се однесуваат на структурните рамништа на јазикот, а некои се однесуваат на интеракцијата помеѓу јазикот и другите општествени и научни дисциплини поврзани со него.

Сепак, не сите активности и дисциплини поврзани со јазикот се дел од лингвистиката, иако се тесно поврзани со неа. Во продолжение следуваат пет јазични дејности што често се сметаат за дел од лингвистиката, а всушност не се.

1. Преведување

Преку преведувањето се зближуваат народите што зборуваат на различни јазици, било да се работи за стручен превод на правни текстови или на упатства за ракување со машини, било за книжевен превод на светските класици или на најновата современа поезија. Професионалните преведувачи мора одлично да ги познаваат и изворниот и целниот јазик за да создадат добар превод, но не мора прво да бидат лингвисти за да може да преведуваат. На преведувачите многу им помагаат сознанијата на лингвистиката, особено научната и систематска споредба меѓу јазиците. Иако постојат лингвисти што дополнително се занимаваат и со преведување, преведувањето не им е неопходно на лингвистите во нивните научни истражувања на јазикот.

2. Предавање странски јазици

Во денешно време е тешко да се најде некој што никогаш не изучувал ниту еден странски јазик; во Македонија сите што завршиле основно училиште во последните педесетина години барем една година учеле некој странски јазик (од најстарите генерации што задолжително учеле српскохрватски за време на Југославија, до денешните генерации што може да учат англиски уште во прво одделение). Некој што сака да стане одличен учител по странски јазик мора да го проучи јазикот и од гледна точка на лингвистиката, за да ги пронајде начините на кои тој најлесно може да се пренесе. Постојат многу лингвисти чии научни сознанија се употребуваат директно во праксата на предавање странски јазици. Од друга страна, лингвистите најчесто немаат потреба од методиката што ја користат учителите по странски јазици, бидејќи задача на лингвистите е да го истражат, разберат и опишат јазикот, а не да научат некого како да го користи.

3. Лекторирање

Сите текстови што треба да бидат напишани на стандарден јазик (за употреба во образованието, во медиумите, во администрацијата и во литературата) мора да бидат проверени од страна на лиценциран лектор. Задача на лекторите е да ги усогласат сите такви текстови со правилата на правописот и да се осигураат дека во нив нема никакви грешки, бидејќи само на тој начин може да се регулира правилната употреба на стандардниот јазик. Помеѓу задачата на лекторите и задачата на лингвистите постојат две клучни разлики: додека лингвистите го истражуваат јазикот во сите негови форми, лекторите се занимаваат исклучиво со стандардниот јазик. Покрај тоа, лингвистите ја опишуваат употребата на јазикот, а лекторите ја поправаат.

4. Толкување

Толкувањето наједноставно може да се дефинира како усно преведување. Бидејќи при толкувањето не мора да биде присутен никаков пишан текст, логично е да се сфати како активност што му претходела на преведувањето, па дури и на пишувањето. Сепак, кога се зборува за толкување во денешно време најчесто се мисли на симултано толкување, за кое е неопходна техничка опрема (микрофони, слушалки, кабини со звучна изолација) што му овозможува на толкувачот да го толкува говорот со само неколку секунди задоцнување по говорникот. Како и кај преведувањето, и во оваа област научните сознанија од лингвистиката се корисни за подобрување на техниките за толкување и вештините на толкувачот. И покрај тоа, лингвистите не се занимаваат со толкување.

5. Познавање многу јазици

Едно прашање што често се поставува кога некој ќе рече дека се занимава со лингвистика е: „Закон, а колку јазици зборуваш?“ Вистина е дека лингвистите често зборуваат повеќе јазици, но тоа не е правило што важи за сите. За да научиме да зборуваме некој странски јазик не ни се неопходни познавања од областа на лингвистиката и нејзините научни методи. И обратно, често се случува еден лингвист да проучува одредени појави во рамките на јазик што воопшто не го зборува течно. Постојат луѓе, т.н. полиглоти, кои за забава учат да зборуваат голем број странски јазици, што значи дека нивната цел е практична. Секако, постојат лингвисти што зборуваат повеќе јазици и постојат полиглоти што се интересираат за лингвистика.


Иако лингвистиката сама по себе не ги вклучува горенаведените јазични активности, неспорно е дека голем број лингвисти имаат искуство и со некои од нив, бидејќи сепак се работи за сродни дејности. Затоа Јазичарница е место за сите нив: лингвистите, преведувачите, толкувачите, наставниците по странски јазик, лекторите и полиглотите, кои се поврзани преку нивната голема љубов – јазикот!