Јазичен мит: „Јазикот ни е сиромашен“

Едноставно немаме доволно зборови на македонски, таков ни е јазикот, сиромашен…

Англискиот е најбогатиот јазик на светот, на англиски има збор за сѐ!

Сите сме ги чуле ваквите ставови кон јазикот, без оглед дали се работи за нашиот мајчин или за некој странски јазик. Тие се најчесто изразени во комбинација со чувство на немоќ или, во обратниот случај, надмоќ. Но дали може објективно да се каже дека некои јазици се побогати од другите?

Човековиот јазик служи за изразување на тоа што го мислиме и чувствуваме на начин што е разбирлив и за другите луѓе, па затоа овозможува комуникација и пренесување информации. Од ова следува дека секој човеков јазик има потенцијал да изрази сѐ што им е потребно на неговите зборувачи. Јазиците се разликуваат во многу аспекти и секој јазик има свои особености во однос на начинот на кој се изразуваат различни концепти, меѓутоа значењето на тоа што е искажано секогаш може да се пренесе од еден јазик на друг. Еве еден пример што често го слушаме: англискиот збор uncle покрива три значења што ги разликуваме во македонскиот јазик: чичко/стрико, вујко и тетин. Но, тоа што за вујко не постои единствен збор на англиски јазик, не значи дека не може да се преведе, туку само дека мора да се искористи описен превод (на пр. my mother’s brother или my uncle on my mother’s side). Сѐ што е кажано на еден јазик може да се изрази и на друг, иако можеби за тоа ќе бидат потребни повеќе зборови и описи.

Ставот дека некој јазик е сам по себе подобар од останатите јазици не е нешто што може да се поткрепи со научни факти, па затоа во лингвистиката не ги споредуваме јазиците на таков начин. Секако, сите имаме субјективни чувства и ставови кон различните јазици, па може да кажеме дека нам лично најубаво ни звучи одреден јазик, но нема смисла да тврдиме дека тој е објективно најубав.

Некои работи поврзани со јазикот може да се мерат и да се споредуваат, но ниеден јазик нема поголема апсолутна вредност од кој било друг. Може, на пример, да кажеме дека некој јазик се смета за покорисен од другите во рамки на одредено општество и во дадена ера, ако се работи за јазикот што го зборува мнозинството или, пак, за службениот јазик. Може да се споредува бројот на гласови (согласки и самогласки), бројот на зборувачи (како мајчин и како странски јазик), па дури и бројот на зборови – иако претставува предизвик да се определи точниот број на зборови во еден јазик (на пример, ако некој збор го користат само сто луѓе, дали треба да го броиме како збор во јазикот?). Фондот на зборови во јазикот зависи и од тоа колку содржини се создаваат на тој јазик (книги, научни и новинарски статии, телевизиски и радиоемисии итн.), бидејќи секогаш кога се зборува и пишува на нови теми мора да настанат и да се изнајдат нови зборови и термини. Затоа не е изненадувачки фактот дека на англиски постои терминологија во секоја современа област, бидејќи на овој јазик најмногу се создава и издава. Ова не значи дека англискиот јазик е супериорен во однос на другите; всушност секој јазик како средство за комуникација има неограничен потенцијал за изразување, но колку од тој потенцијал ќе се оствари зависи од неговите зборувачи.

Да направиме една кратка споредба помеѓу два сродни, а различни јазика: македонски и словенечки. Некој можеби би помислил дека македонскиот јазик е „посиромашен“ од словенечкиот бидејќи именките во македонскиот не се менуваат по падежи, додека словенечкиот е „богат“ бидејќи има шест падежи. Освен тоа, во словенечкиот постои и трет граматички број покрај еднината и множината (наречен двоина)! Меѓутоа, иако македонските именки имаат само еднина и множина и немаат посебни падежни форми, кај нив се наоѓа нешто што словенечките именки го немаат, а тоа е определениот член. Покрај тоа, македонскиот јазик е многу „богат“ со глаголски времиња, додека во словенечкиот постојат четири од кои само три се во секојдневна употреба. Вакви споредби може да се прават помеѓу многу различни јазици и секогаш се доаѓа до истиот заклучок: тоа што еден јазик го изразува поедноставно на едно поле, го надоместува со други посложени структури на друго поле.

За крај, важно е да се запомни дека јазичното „богатство“ не е јазична категорија, туку само личен став. Кога во лингвистиката се прави споредба помеѓу два јазика, научно и објективно се разгледуваат нивните особини и секогаш во даден контекст, но без субјективно да се вреднува кој јазик е „подобар“ од другиот.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s