Прашање од читател: Здраво, најпрво едно големо БРАВО за идејата и вашата страница. Сакам да пршам како е правилно: “Здраво Македонијо” или пак “Здраво Македонија” дали личните именки имаат вокативна форма во македонскиот јазик? Уште еден пример: “Здраво Викторија” е точно, додека според моето мислење “Здраво Викторијо” е неточно исто како што е неточно и “Здраво Македонијо”. Ви благодарам за одговорот. Срдечен Поздрав, Александар
Здраво, Александар! Фала ви многу за убавите зборови и за одличното прашање.
Како што и самите спомнувате, во македонскиот јазик многу именки имаат посебна вокативна форма што се употребува за директно обраќање или повикување: професорке, Иване, мамо, Боже, госпоѓо… Сепак, ваквите посебни вокативни форми полека исчезнуваат, па тие што сѐ уште постојат се само оние што се употребуваат; за сите останати, вокативната форма е идентична со основната (Никола, дете, дедо). Така, на пример, во теорија постои вокативна форма од сите машки лични имиња што завршуваат на согласка, но прашање е колку луѓе навистина ги употребуваат. Размислувавме ете за вашето име – дали некој вас ве вика Александре? 😀
Затоа, ова прашање би го одговориле повеќе во смисла на тоа како ги доживуваме одредените форми отколку дали постои посебна вокативна форма на некоја именка. Нам лично „Здраво Македонијо“ ни звучи сосема во ред и нема посебна нијанса во значењето, но ако некој нѐ повика со нашите лични имиња во вокативна форма со -о (Нино! Викторијо!) веднаш помислуваме дека нешто сме згрешиле и ќе нѐ караат! Интересно е дека во примерот што го давате, Македонијо всушност ни звучи поприфатливо од Македонија, што можеби е поврзано со тоа колку често ја слушаме таа форма во медиумите и во народните песни. Од друга страна, понавикнати сме да ни се обраќаат со основната форма (Нина! Викторија!), иако и вокативната форма постои, само не е неутрална.