Обидете се да изброите колкупати денеска бевте во некаква комуникација со некого, во живо или преку интернет. Ги поздравивте цимерите со „добро утро“? Ѝ пишавте на најдобрата другарка на Месинџер? Му се насмевнавте на соседот кога го видовте пред влезот? Речиси е невозможно да се замисли ситуација во која треба да комуницираме без да користиме некакви знаци за ги искажеме своите чувства, мисли, намери и потреби.
За да може да ги разбереме другите луѓе, а и за тие нас да нѐ разберат, знаците се групирани во системи за комуникација со свои внатрешни правила. Комуникацијата е успешна само кога тие правила им се познати на сите оние до кои треба да стигне одредена порака. Така, на пример, без разлика на тоа на кој аеродром во светот се наоѓаме, сликичката со авион чиј преден дел се крева нагоре значи дека се приближуваме кон делот за полетувања.
Најсовршениот систем од знаци за комуникација е човековиот јазик. Неговото проучување претставува огромен предизвик бидејќи тој е неразделив дел од секого од нас. Сите култури и цивилизации во историјата на човештвото имале свој јазик.
Сепак, иако се работи за феномен со кој живееме секој ден и кој се развивал паралелно со човековиот вид навистина долго време, зачудувачки е колку работи сѐ уште не знаеме за него. Не сме сигурни како и кога настанал јазикот, ниту во колкава мера е општествен, а во колкава мера биолошки производ. Но, некои нешта се сигурни: човекот е единствено суштество што има свој јазик во вистинска смисла на зборот, и обратно: јазик постои секаде на планетава каде што живеат луѓе.
Тесната поврзаност на човекот со јазикот ќе биде мотив на кој постојано ќе се навраќаме, бидејќи претставува клуч за разбирање на огромен дел од тајните на јазикот. Од друга страна, пак, да се проучува човековиот јазик значи да се продре во сите сфери на постоењето на нашиот вид и да се осознае голем дел од тоа што го прави човекот човек.
Фасцинантно е дека сите поседуваме сложен и ефикасен систем за комуникација во кој можеме да се снајдеме толку лесно, што ретко помислуваме на механизмите поради кои тој функционира толку добро. Задача на науката за јазикот е да ги открие и опише тие механизми, и со тоа да го продлабочи човековото знаење; задача на Јазичарница е тие сознанија да ги сподели со сите вас!