Како јазикот се менува (прв дел)

Овие три текста биле објавени во три различни периоди во распон од 76 години во истиот дневен весник, Нова Македонија. Иако без проблем ги разбираме сите три текста, веднаш забележуваме дека постојат и некои разлики во јазикот. Колку подалеку во минатото одиме, толку подалечна изгледа формата на јазикот од она на што сме навикнати денес.

Интересно е дека воопшто не ни мора да се навраќаме многу години назад во времето за да забележиме промени во јазикот што нѐ опкружува. Јазикот што го користиме кога зборуваме со нашите другари и другарки во многу нешта се разликува од тој што го користеле нашите родители во опуштен муабет со нивните блиски. Најбрзо и најзабележливо се менуваат зборовите што ги користиме, па дури може да се каже дека секоја генерација има свои зборови, кои може да се употребуваат за да го засилат чувството на припадност. На пример, кога некои од постарите генерации изразуваат воодушевување, може да речат дека нешто е шизичко; генерациите по нив велат дека нешто е закон, а уште помладите генерации би рекле дека нешто е јако. Секако, овие зборови може секој да ги користи, но сепак шансите дека ќе чуете тинејџер да рече шизичко или пензионер да рече јако се мали!

Овој податок ни открива една од многубројните причини поради кои доаѓа до јазични промени: запазување на неговата експресивност. Ако еден збор се користи подолго време со исто значење, може да се случи зборувачите на јазикот веќе да не го доживуваат толку силно и да бараат некој друг збор со поголем интензитет, кој и повеќе ќе одговара на „духот“ на нивната генерација. Истовремено, вреди да се нагласи дека младите корисници на јазикот се често токму тие што ја започнуваат промената во јазикот, а тоа е сосема природно.

Јазичните промени на ниво на зборови се најзабележливи и подразбираат и навлегување на нови зборови во јазикот, но и губење на некои зборови од кои веќе нема потреба. Јазикот што го зборуваме ги отсликува нашите потреби, нашето секојдневие и предметите што ги користиме. Кога некоја појава станува актуелна и за неа многу се зборува, логично е да ни притребаат нови зборови со кои најпрецизно и најлесно ќе можеме да се разбереме кога комуницираме во врска со неа. На пример, лингвистите насекаде низ светот во последнава година будно го следат јазикот поврзан со пандемијата на коронавирусот: новите зборови што масовно навлегоа во сите јазици на кои се пишува и се говори за ситуацијата, метафорите што ги користиме за да го опишеме нашето искуство, значењето со кое сите почнавме да ги поврзуваме зборовите маска, дистанца итн.

Од друга страна, постојат зборови што означуваат предмети, места или појави што порано биле дел од секојдневието на нашите предци, но со развојот на технологијата престанале да се употребуваат или станале излишни. Покрај тоа, во зависност од тоа како се менува реалноста околу нас, се менува дури и нашата ментална слика т.е. тоа што си го замислуваме кога употребуваме одреден збор. Помислете на зборот чинија. За повеќето луѓе во современото општество првата помисла е порцеланска, керамичка или пластична чинија, бидејќи повеќето чинии што ги употребуваме во секојдневниот живот се најчесто направени од тие материјали. Меѓутоа, секојдневието на нашите предци било исполнето со погрубо изработени метални и дрвени чинии, па така и сликата што ја имале за тој предмет во главата сигурно била малку поинаква.

Покрај фондот на зборови, и гласовниот систем и граматиката на сите јазици се подложни на промени, иако таквите промени се одвиваат доста побавно. На пример, разликите помеѓу македонскиот и бугарскиот јазик за кои пишувавме се резултат на такви подолгорочни системски промени.

Промените почнуваат во говорениот јазик, но дури ни пишаниот стандарден јазик не е сосема ригиден. Со оглед на тоа дека неговата најважна функција е јасна и непречена комуникација, зборувачите и него го приспособуваат на своите комуникативни потреби. Во вториот текст на оваа тема ќе зборуваме за уште неколку начини на кои јазикот се менува и за ставот на луѓето кон тие промени.

Како е правилно, „јаболка“ или „јаболки“? – За јазичниот прескриптивизам

Дали ви се случило некој да ви рече дека не го владеете својот мајчин јазик? Сите некогаш сме се поколебале околу правилниот начин да се каже нешто. Всушност ни лингвистите не се рамнодушни во однос на оваа тема!

Централната цел на лингвистиката како наука за јазикот е да ги открие тајните на човековиот јазик и да разбере како тој функционира. Научниот метод подразбира објективност при набљудувањето на предметот на истражување, па така, на пример, биологот може да ги проучува специфичните особини на пингвините без да ги суди за тоа што се толку нетипични птици. Така и лингвистите само го опишуваат јазикот што го проучуваат, а стекнатото знаење вообичаено не го користат за да го поправаат начинот на изразување на луѓето што зборуваат одреден јазик.

Во лингвистиката се водиме по начелото дека сите јазици и сите варијанти на еден јазик се рамноправни и подеднакво интересни за проучување. Секој телефонски разговор, твит, антички законик, рецепт за торта, политички говор или муабет на пазар е валиден јазичен податок што лингвистите може да го искористат во своите истражувања.

Меѓутоа, една од последиците на тоа што јазикот во целост им припаѓа на сите што го зборуваат е што сите имаме некакви ставови околу тоа како нашиот јазик звучи и како треба да звучи. Јазикот на една заедница секогаш постои во рамки на некакво општество и на различни начини ги отсликува состојбите што постојат во него; на пример, јазикот што го зборуваме открива многу за тоа на која општествена група ѝ припаѓаме. Во сите општества низ историјата секогаш јазикот на богатите, образованите и моќните се сметал за престижен, односно се вреднувал повеќе од јазикот на обичните луѓе, сиромашните и необразованите. Врз основа на тоа, се изделувале јазичните особини што се сметале за пожелни и прифатливи од една страна, и таквите што биле осудувани од друга страна.

Верувањето дека само една јазична варијанта е „точна“ и има посебен статус во однос на другите, кои се „погрешни“, се нарекува јазичен прескриптивизам. Ова е тесно поврзано со идејата дека кога во јазикот постојат два или повеќе начина да се изрази истата работа, само еден од нив може да е „правилен“. Од друга страна, употребата на другите варијанти во очите на прескриптивистите може да создаде впечаток дека тој што зборува е неписмен, необразован или не се потрудил доволно. 

Најчесто варијантата што се зема како „точна“ и во споредба со која другите начини на изразување се сметаат за „погрешни“ е стандардниот јазик (оттаму доаѓа и терминот прескриптивизам – се однесува на пропишаните правила што ги наоѓаме во правописите, речниците и граматиките). Стандардниот јазик во општеството служи како неутрален јазик на образованието и официјалната комуникација, но за лингвистите тој не е „подобар“ или „поправилен“ од другите варијанти на јазикот (разговорниот јазик и дијалектите). Употребата на стандардниот јазик во секој случај мора да се регулира и во тоа клучна улога имаат лекторите, но нивните интервенции мора да се ограничат само на ситуациите во кои се употребува стандардниот јазик.

„Потајно ти ги поправам граматичките грешки“ лево и „Не те судам ако правиш граматички грешки, само ги анализирам“ десно

Во реалноста, секако, варијацијата во јазикот, односно постоењето на повеќе варијанти за истата работа, сведочи за богатството, разновидноста и креативноста на човековиот јазик. Постоењето на тие варијанти се должи на најразлични фактори: возраста и потеклото на тој што зборува, различните дијалекти, дали се работи за пишан или говорен јазик, постар или понов јазичен материјал, или пак се работи за варијација што не е условена од ниту еден фактор  – понекогаш навистина едноставно имаме повеќе начини да кажеме едно исто нешто. Постоењето на варијација е возбудливо за лингвистите, бидејќи може да биде предвесник на промени во јазикот што се случуваат пред нашите очи.

Меѓутоа, кога зборувачите на еден јазик се соочуваат со повеќе варијанти, тоа кај нив може да доведе до сомневање во сопствените јазични способности при користењето на мајчиниот јазик. На пример, ако во нашиот дијалект множина од јаболко е јаболка и таа е единствената форма што сме ја слушале и читале, а одеднаш слушнеме роден говорител на македонскиот јазик што вели јаболки, природно е да се посомневаме дека некој од нас греши. Во ваквите случаи, прескриптивизмот знае да понуди едноставно решение: сигурно само една од понудените варијанти е правилна, а другите се погрешни. Тоа доведува до едно од најчесто поставуваните прашања: Како е правилно?

Прескриптивизмот на прв поглед изгледа како совесна грижа за јазикот, но претераното поправање на јазикот што го користат луѓето во своето секојдневие е всушност штетно за неговиот развој и за односите меѓу различните зборувачи. Јазикот им припаѓа на сите негови корисници и не може да се оддели од нив. Според ова, лингвистите немаат улога на „чувари на јазикот“, токму бидејќи идејата е тој да не се чува од никого, туку напротив, да се уважува секој начин на кој луѓето го користат. Вистинската грижа за јазикот подразбира воочување на соодветната варијанта што треба да се употреби во дадена ситуација и отвореност кон различните начини на кои може да се изразуваме.

За крај, да одговориме на прашањето во насловот – и двете опции се правилни, бидејќи и двете се многу чести во македонскиот јазик! Стандардна е само множинската форма јаболка, па би требало таа да е формата што ја слушаме на телевизија или ја читаме во учебниците. Сепак, ако чичкото на пазар напишал дека продава зелени јаболки, нема потреба да го поправаме, бидејќи станува збор за неформална комуникација што сепак се одвива на македонски јазик.

Јазик или дијалект?

Едно од најзбунувачките прашања во лингвистиката, особено за луѓето што не се занимаваат со неа, се однесува на тоа која е разликата помеѓу поимот јазик и поимот дијалект.

Проблемот лежи во тоа дека не постои јасна граница помеѓу двете нешта. На прв поглед звучи јасно: под јазик подразбираме стандарден јазик, а наспроти него постојат дијалектите кои се зборуваат на територијата на една држава. Сепак, поделбата воопшто не е толку едноставна (а оваа поделба не е ни сосема точна).

Прво мора да се разјасни дека во рамките на еден јазик влегуваат и стандардниот јазик и различните нестандардни варијанти (вклучувајќи ги дијалектите). Ова дополнително ја усложнува разликата меѓу јазик и дијалект, бидејќи едно од значењата на поимот дијалект се однесува и на локалните нестандардни варијанти кои се дел од еден јазик (т.е. јазик како поим го содржи поимот дијалект).

Освен тоа, постојат уште многу фактори што придонесуваат кон комплексноста на целата приказна. Да го разгледаме подетално ова прашање од неколку различни гледни точки.

Јазично потекло

Кога два јазика имаат различно потекло, не е воопшто спорно дека се работи за различни јазици. На пример, арапскиот и финскиот јазик се посебни јазици бидејќи немаат заеднички јазичен предок. Сепак, често за посебни јазици ги сметаме и јазиците што се сродни меѓу себе, како на пример шпанскиот и италијанскиот. Латинскиот јазик им е непосреден заеднички предок на овие два јазика, а нивните говорители низ вековите често доаѓале во близок контакт. Меѓутоа, и двата јазика поминале свој пат на развој низ стотици години, па денес секој од нив има посебна граматика, посебен систем на гласови и фонд на зборови. И покрај нивната заедничка историја, ги сметаме за посебни јазици бидејќи и шпанскиот и италијанскиот јазик со векови се развивале во посебни правци.

Географски фактори

Кога на едно поголемо географско подрачје се зборуваат повеќе сродни јазици, тоа најчесто значи дека тие историски се рашириле од една почетна точка низ целото подрачје. Со ширењето на населението од една територија на друга и природниот развој на народниот јазик дошло до создавање на различни дијалекти, кои постепено се развивале во посебни јазици.

Замислете си подрачје на кое се зборуваат дијалектите означени на сликата со бројки од 1 до 6, така што со нивната местоположба еден до друг обликуваат замислен ланец. За потребите на овој пример замислете си дека секој го зборува само својот дијалект и нема претходни познавања од другите дијалекти во ланецот. Луѓето што го зборуваат дијалектот 1 без проблем се разбираат со нивните соседи што го зборуваат дијалектот 2; говорителите на дијалектот 2 исто толку лесно се разбираат и со тие што зборуваат на дијалект 1 и со тие што зборуваат на дијалект 3 – всушност, сите се разбираат со најблиските соседи кон лево или десно. Тоа е така бидејќи соседните дијалекти делат многу заеднички јазични особини, а разликите не го попречуваат меѓусебното разбирање. Меѓутоа, дијалектите што се малку пооддалечени еден од друг не се веќе толку слични; 3 и 5 можат да се разберат, но разликите се позабележителни. На истиот начин, ако се сретнат говорители на дијалектите 3 и 6, тие веќе се разбираат само ако зборуваат побавно и појасно, итн. Во комбинација и со некои други фактори (освен меѓусебното разбирање), најооддалечените дијалекти 1 и 6 може да се сметаат веќе за различни јазици, бидејќи иако се постепено поврзани меѓу себе, нивните говорители не се разбираат кога зборуваат секој на својот говор.

Ваквата појава кога постои постепено „прелевање“ на јазични особини од еден дијалект во друг се нарекува дијалектен континуум. Ова е појава што се среќава во различни јазични фамилии на различни места во светот: на пример, јужнословенскиот дијалектен континуум (во кој спаѓа и македонскиот јазик) ги покрива териториите на сите држави каде што се зборуваат јужнословенски јазици и дијалекти од Словенија па сѐ до Бугарија; скандинавскиот континуум ги опфаќа шведскиот, данскиот, норвешкиот, фарскиот и исландскиот јазик (заедно со сите нивни дијалекти); арапскиот континуум се протега на огромно подрачје што ги покрива цела Северна Африка, целиот Арапски Полуостров и некои од околните земји од Блискиот Исток, итн. Тука е важно да се нагласи дека кога зборуваме за дијалектен континуум на едно подрачје зборуваме само за јазиците т.е. дијалектите што се сродни меѓу себе, дури и кога на истото подрачје постојат и се користат и некои други јазици. Во такви случаи, употребата на терминот континуум не ги исклучува останатите несродни јазици.

Во секој дијалектен континуум јазичните особености се толку испреплетени низ дијалектите што станува многу тешко да се одреди каде точно започнува односно завршува одреден јазик. Може да се обидеме да го замислиме континуумот како на сликата долу, на која левата страна е обоена во розовo, а десната во синo; на средината двете бои постепено се мешаат, па како резултат се прелеваат повеќе различни нијанси на виолетово. Но, каде точно започнува виолетовото од двете страни? Проблемот е што не можеме прецизно да кажеме која е точната граница меѓу розовото и виолетовото односно виолетовото и синото.

Така и во дијалектниот континуум јазичните карактеристики се преплетуваат меѓу различните дијалекти, па не може да се каже дека му припаѓаат само на еден од нив, а уште помалку дека му припаѓаат само на еден од посебните јазици. Меѓу различните „нијанси“ во континуумот не постојат строги граници, па затоа при дефинирањето на границите на еден јазик мора да се послужиме и со други критериуми (за кои ќе пишуваме подолу).

Како последица на ова, границите на еден јазик најчесто не се поклопуваат со границите на државата во која се зборува тој јазик. Ако се навратиме на визуелниот приказ на македонските дијалекти од претходната објава, гледаме дека на мапата е обоено целото подрачје каде што луѓето го зборуваат македонскиот јазик како мајчин јазик. Покрај тоа, забележуваме дека боите на трите наречја не згаснуваат нагло на север и на исток, туку постепено се прелеваат во соседниот јазик од дијалектниот континуум – на север во српски, а на исток во бугарски.

Општествено-политички фактори

Сѐ досега зборувавме за релативно објективни нешта, како географското подрачје на кое се протега еден јазик или дијалект, јазичните особености на дијалектите за кои станува збор и меѓусебното разбирање помеѓу луѓето што зборуваат сродни дијалекти кои се дел од дијалектен континуум. Покрај овие фактори, при одлучувањето дали еден дијалект ќе го добие „статусот“ на јазик често се одлучувачки некои други, покомплексни критериуми, кои спаѓаат во областа на социолингвистиката и применетата лингвистика, бидејќи се тесно поврзани со општествено-политичкиот контекст на тој дијалект односно јазик.

Пред сѐ, мора да се нагласи дека јазикот на една заедница е тесно поврзан со идентитетот на луѓето во заедницата и нивното чувство на припадност. Од чувството на идентитет произлегува правото на самоопределување како посебна заедница со свој јазик различен од тој на другите заедници во општеството. Поради ова, доколку припадниците на заедницата т.е. самите говорители сметаат дека нивниот јазик е посебен ентитет (односно целина сама по себе, а не само дел од некоја друга целина), правото на самоопределување значи дека може да се занемарат објективните причини што би го определиле нивниот јазик за дијалект. Важи и обратното – ако припадниците на една заедница сметаат дека дијалектот што го зборуваат припаѓа на поголемата целина на еден јазик, дури и кога формално значително се разликува од другите дијалекти на тој јазик, нивното право на самоопределување мора да се почитува.

Покрај тоа, важна е и врската помеѓу јазикот и државата. Често кога се отвора ова прашање се спомнува еден познат цитат од лингвистот Макс Вајнрајх: „Јазик е дијалект со армија и морнарица“. Низ историјата многу јазици се сметале за дијалекти само бидејќи немале своја држава, дури и кога јазичните особености ги издвојувале од соседните сродни јазици. При признавањето на статусот на еден јазик често доаѓа до отворање на контроверзни прашања во кои општествено-политичките околности се многу поодлучувачки од степенот на лингвистички разлики присутни меѓу јазиците.

Значи, јазик или дијалект?

Иако звучи логично да се почитуваат само објективните географско-јазични околности, во праксата тоа едноставно не е можно. Од сите овие фактори што ги наведовме погоре може да произлезат најразлични случаи, кои ќе ги илустрираме со неколку примери од европската јазична реалност:

  • Постојат јазици што немаат своја држава, а се зборуваат на мала територија во рамките на поголема држава. Ваков пример е баскискиот јазик, кој се зборува во регионот Баскија околу западниот дел на границата меѓу Шпанија и Франција. Баскискиот јазик нема заедничко потекло со ниту еден друг европски јазик, па неговиот статус како посебен јазик не може да се оспори.
  • Постојат јазици што немаат своја држава, а се зборуваат во повеќе различни држави. Еден таков пример е ромскиот јазик, кој е мајчин јазик на милиони луѓе низ цела Европа и се зборува секаде каде што живеат Роми. Ромскиот јазик е толку распространет што има голем број свои дијалекти, кои се разликуваат во зависност од тоа каде живеат неговите говорители.
  • Постојат јазици што се зборуваат на толку голема територија и имаат толку многу дијалекти што често се случува луѓето да не се разбираат меѓу себе. На пример, човек од северот на Германија би имал проблеми да се разбере со човек од Швајцарија, иако и двајцата би рекле дека нивниот мајчин јазик е германски. Германскиот е мајчин јазик и службен јазик во повеќе држави, па нормално е дека постојат повеќе варијанти што може прилично да се разликуваат меѓу себе.
  • Постојат јазици што се многу слични меѓу себе, но нивните говорители ги сметаат за одделни јазици. Правото на посебен идентитет и јазик може да биде засилено со постоењето на посебна држава, во која јазикот на заедницата има статус на службен јазик. Овие случаи се често контроверзни, како што ни е познато од примерот на српскиот, хрватскиот, босанскиот и црногорскиот јазик, кои се денес четири стандардни јазици во рамки на јужнословенскиот дијалектен континуум.

Дури откако ќе се земат предвид сите овие околности станува јасно зошто ова прашање е толку комплицирано. Кога статусот на еден јазик не е потполно разрешен, мора да се разгледаат главните аспекти: јазичното потекло, географските и општествено-политичките фактори. Тие придонесуваат за појаснување на посебноста на еден јазик, но за жал ретко доведуваат до заклучок кој ќе биде прифатлив за сите засегнати страни. Во секој случај, пред сѐ мора да се слушне гласот на заедницата чиј јазик се разгледува и едно вакво отворено прашање да се проучи од сите гледишта за да се разбере целосниот контекст.