И конечно, во новата рубрика на #ЈазичарницаПрашува, ве запознаваме со луѓе што го учат и зборуваат македонскиот како странски јазик!
Во првото видео запознајте ја Ника, докторантка од Словенија, која раскажува за својата љубов кон македонскиот јазик! Дознајте како дошло до тоа да го изучува токму овој јазик, кој е нејзиниот омилен збор и кои македонски песни ѝ се омилени.
Голема благодарност до Ника, Бојан Станиќ за дизајнот и анимацијата на воведната шпица и morvern што ни дозволи да ја употребиме неговата музика.
Едноставно немаме доволно зборови на македонски, таков ни е јазикот, сиромашен…
Англискиот е најбогатиот јазик на светот, на англиски има збор за сѐ!
Сите сме ги чуле ваквите ставови кон јазикот, без оглед дали се работи за нашиот мајчин или за некој странски јазик. Тие се најчесто изразени во комбинација со чувство на немоќ или, во обратниот случај, надмоќ. Но дали може објективно да се каже дека некои јазици се побогати од другите?
Човековиот јазик служи за изразување на тоа што го мислиме и чувствуваме на начин што е разбирлив и за другите луѓе, па затоа овозможува комуникација и пренесување информации. Од ова следува дека секој човеков јазик има потенцијал да изрази сѐ што им е потребно на неговите зборувачи. Јазиците се разликуваат во многу аспекти и секој јазик има свои особености во однос на начинот на кој се изразуваат различни концепти, меѓутоа значењето на тоа што е искажано секогаш може да се пренесе од еден јазик на друг. Еве еден пример што често го слушаме: англискиот збор uncle покрива три значења што ги разликуваме во македонскиот јазик: чичко/стрико, вујко и тетин. Но, тоа што за вујко не постои единствен збор на англиски јазик, не значи дека не може да се преведе, туку само дека мора да се искористи описен превод (на пр. my mother’s brother или my uncle on my mother’s side). Сѐ што е кажано на еден јазик може да се изрази и на друг, иако можеби за тоа ќе бидат потребни повеќе зборови и описи.
Ставот дека некој јазик е сам по себе подобар од останатите јазици не е нешто што може да се поткрепи со научни факти, па затоа во лингвистиката не ги споредуваме јазиците на таков начин. Секако, сите имаме субјективни чувства и ставови кон различните јазици, па може да кажеме дека нам лично најубаво ни звучи одреден јазик, но нема смисла да тврдиме дека тој е објективно најубав.
Некои работи поврзани со јазикот може да се мерат и да се споредуваат, но ниеден јазик нема поголема апсолутна вредност од кој било друг. Може, на пример, да кажеме дека некој јазик се смета за покорисен од другите во рамки на одредено општество и во дадена ера, ако се работи за јазикот што го зборува мнозинството или, пак, за службениот јазик. Може да се споредува бројот на гласови (согласки и самогласки), бројот на зборувачи (како мајчин и како странски јазик), па дури и бројот на зборови – иако претставува предизвик да се определи точниот број на зборови во еден јазик (на пример, ако некој збор го користат само сто луѓе, дали треба да го броиме како збор во јазикот?). Фондот на зборови во јазикот зависи и од тоа колку содржини се создаваат на тој јазик (книги, научни и новинарски статии, телевизиски и радиоемисии итн.), бидејќи секогаш кога се зборува и пишува на нови теми мора да настанат и да се изнајдат нови зборови и термини. Затоа не е изненадувачки фактот дека на англиски постои терминологија во секоја современа област, бидејќи на овој јазик најмногу се создава и издава. Ова не значи дека англискиот јазик е супериорен во однос на другите; всушност секој јазик како средство за комуникација има неограничен потенцијал за изразување, но колку од тој потенцијал ќе се оствари зависи од неговите зборувачи.
Да направиме една кратка споредба помеѓу два сродни, а различни јазика: македонски и словенечки. Некој можеби би помислил дека македонскиот јазик е „посиромашен“ од словенечкиот бидејќи именките во македонскиот не се менуваат по падежи, додека словенечкиот е „богат“ бидејќи има шест падежи. Освен тоа, во словенечкиот постои и трет граматички број покрај еднината и множината (наречен двоина)! Меѓутоа, иако македонските именки имаат само еднина и множина и немаат посебни падежни форми, кај нив се наоѓа нешто што словенечките именки го немаат, а тоа е определениот член. Покрај тоа, македонскиот јазик е многу „богат“ со глаголски времиња, додека во словенечкиот постојат четири од кои само три се во секојдневна употреба. Вакви споредби може да се прават помеѓу многу различни јазици и секогаш се доаѓа до истиот заклучок: тоа што еден јазик го изразува поедноставно на едно поле, го надоместува со други посложени структури на друго поле.
За крај, важно е да се запомни дека јазичното „богатство“ не е јазична категорија, туку само личен став. Кога во лингвистиката се прави споредба помеѓу два јазика, научно и објективно се разгледуваат нивните особини и секогаш во даден контекст, но без субјективно да се вреднува кој јазик е „подобар“ од другиот.
Едно од најзбунувачките прашања во лингвистиката, особено за луѓето што не се занимаваат со неа, се однесува на тоа која е разликата помеѓу поимот јазик и поимот дијалект.
Проблемот лежи во тоа дека не постои јасна граница помеѓу двете нешта. На прв поглед звучи јасно: под јазик подразбираме стандарден јазик, а наспроти него постојат дијалектите кои се зборуваат на територијата на една држава. Сепак, поделбата воопшто не е толку едноставна (а оваа поделба не е ни сосема точна).
Прво мора да се разјасни дека во рамките на еден јазик влегуваат и стандардниот јазик и различните нестандардни варијанти (вклучувајќи ги дијалектите). Ова дополнително ја усложнува разликата меѓу јазик и дијалект, бидејќи едно од значењата на поимот дијалект се однесува и на локалните нестандардни варијанти кои се дел од еден јазик (т.е. јазик како поим го содржи поимот дијалект).
Освен тоа, постојат уште многу фактори што придонесуваат кон комплексноста на целата приказна. Да го разгледаме подетално ова прашање од неколку различни гледни точки.
Јазично потекло
Кога два јазика имаат различно потекло, не е воопшто спорно дека се работи за различни јазици. На пример, арапскиот и финскиот јазик се посебни јазици бидејќи немаат заеднички јазичен предок. Сепак, често за посебни јазици ги сметаме и јазиците што се сродни меѓу себе, како на пример шпанскиот и италијанскиот. Латинскиот јазик им е непосреден заеднички предок на овие два јазика, а нивните говорители низ вековите често доаѓале во близок контакт. Меѓутоа, и двата јазика поминале свој пат на развој низ стотици години, па денес секој од нив има посебна граматика, посебен систем на гласови и фонд на зборови. И покрај нивната заедничка историја, ги сметаме за посебни јазици бидејќи и шпанскиот и италијанскиот јазик со векови се развивале во посебни правци.
Географски фактори
Кога на едно поголемо географско подрачје се зборуваат повеќе сродни јазици, тоа најчесто значи дека тие историски се рашириле од една почетна точка низ целото подрачје. Со ширењето на населението од една територија на друга и природниот развој на народниот јазик дошло до создавање на различни дијалекти, кои постепено се развивале во посебни јазици.
Замислете си подрачје на кое се зборуваат дијалектите означени на сликата со бројки од 1 до 6, така што со нивната местоположба еден до друг обликуваат замислен ланец. За потребите на овој пример замислете си дека секој го зборува само својот дијалект и нема претходни познавања од другите дијалекти во ланецот. Луѓето што го зборуваат дијалектот 1 без проблем се разбираат со нивните соседи што го зборуваат дијалектот 2; говорителите на дијалектот 2 исто толку лесно се разбираат и со тие што зборуваат на дијалект 1 и со тие што зборуваат на дијалект 3 – всушност, сите се разбираат со најблиските соседи кон лево или десно. Тоа е така бидејќи соседните дијалекти делат многу заеднички јазични особини, а разликите не го попречуваат меѓусебното разбирање. Меѓутоа, дијалектите што се малку пооддалечени еден од друг не се веќе толку слични; 3 и 5 можат да се разберат, но разликите се позабележителни. На истиот начин, ако се сретнат говорители на дијалектите 3 и 6, тие веќе се разбираат само ако зборуваат побавно и појасно, итн. Во комбинација и со некои други фактори (освен меѓусебното разбирање), најооддалечените дијалекти 1 и 6 може да се сметаат веќе за различни јазици, бидејќи иако се постепено поврзани меѓу себе, нивните говорители не се разбираат кога зборуваат секој на својот говор.
Ваквата појава кога постои постепено „прелевање“ на јазични особини од еден дијалект во друг се нарекува дијалектен континуум. Ова е појава што се среќава во различни јазични фамилии на различни места во светот: на пример, јужнословенскиот дијалектен континуум (во кој спаѓа и македонскиот јазик) ги покрива териториите на сите држави каде што се зборуваат јужнословенски јазици и дијалекти од Словенија па сѐ до Бугарија; скандинавскиот континуум ги опфаќа шведскиот, данскиот, норвешкиот, фарскиот и исландскиот јазик (заедно со сите нивни дијалекти); арапскиот континуум се протега на огромно подрачје што ги покрива цела Северна Африка, целиот Арапски Полуостров и некои од околните земји од Блискиот Исток, итн. Тука е важно да се нагласи дека кога зборуваме за дијалектен континуум на едно подрачје зборуваме само за јазиците т.е. дијалектите што се сродни меѓу себе, дури и кога на истото подрачје постојат и се користат и некои други јазици. Во такви случаи, употребата на терминот континуум не ги исклучува останатите несродни јазици.
Во секој дијалектен континуум јазичните особености се толку испреплетени низ дијалектите што станува многу тешко да се одреди каде точно започнува односно завршува одреден јазик. Може да се обидеме да го замислиме континуумот како на сликата долу, на која левата страна е обоена во розовo, а десната во синo; на средината двете бои постепено се мешаат, па како резултат се прелеваат повеќе различни нијанси на виолетово. Но, каде точно започнува виолетовото од двете страни? Проблемот е што не можеме прецизно да кажеме која е точната граница меѓу розовото и виолетовото односно виолетовото и синото.
Така и во дијалектниот континуум јазичните карактеристики се преплетуваат меѓу различните дијалекти, па не може да се каже дека му припаѓаат само на еден од нив, а уште помалку дека му припаѓаат само на еден од посебните јазици. Меѓу различните „нијанси“ во континуумот не постојат строги граници, па затоа при дефинирањето на границите на еден јазик мора да се послужиме и со други критериуми (за кои ќе пишуваме подолу).
Како последица на ова, границите на еден јазик најчесто не се поклопуваат со границите на државата во која се зборува тој јазик. Ако се навратиме на визуелниот приказ на македонските дијалекти од претходната објава, гледаме дека на мапата е обоено целото подрачје каде што луѓето го зборуваат македонскиот јазик како мајчин јазик. Покрај тоа, забележуваме дека боите на трите наречја не згаснуваат нагло на север и на исток, туку постепено се прелеваат во соседниот јазик од дијалектниот континуум – на север во српски, а на исток во бугарски.
Општествено-политички фактори
Сѐ досега зборувавме за релативно објективни нешта, како географското подрачје на кое се протега еден јазик или дијалект, јазичните особености на дијалектите за кои станува збор и меѓусебното разбирање помеѓу луѓето што зборуваат сродни дијалекти кои се дел од дијалектен континуум. Покрај овие фактори, при одлучувањето дали еден дијалект ќе го добие „статусот“ на јазик често се одлучувачки некои други, покомплексни критериуми, кои спаѓаат во областа на социолингвистиката и применетата лингвистика, бидејќи се тесно поврзани со општествено-политичкиот контекст на тој дијалект односно јазик.
Пред сѐ, мора да се нагласи дека јазикот на една заедница е тесно поврзан со идентитетот на луѓето во заедницата и нивното чувство на припадност. Од чувството на идентитет произлегува правото на самоопределување како посебна заедница со свој јазик различен од тој на другите заедници во општеството. Поради ова, доколку припадниците на заедницата т.е. самите говорители сметаат дека нивниот јазик е посебен ентитет (односно целина сама по себе, а не само дел од некоја друга целина), правото на самоопределување значи дека може да се занемарат објективните причини што би го определиле нивниот јазик за дијалект. Важи и обратното – ако припадниците на една заедница сметаат дека дијалектот што го зборуваат припаѓа на поголемата целина на еден јазик, дури и кога формално значително се разликува од другите дијалекти на тој јазик, нивното право на самоопределување мора да се почитува.
Покрај тоа, важна е и врската помеѓу јазикот и државата. Често кога се отвора ова прашање се спомнува еден познат цитат од лингвистот Макс Вајнрајх: „Јазик е дијалект со армија и морнарица“. Низ историјата многу јазици се сметале за дијалекти само бидејќи немале своја држава, дури и кога јазичните особености ги издвојувале од соседните сродни јазици. При признавањето на статусот на еден јазик често доаѓа до отворање на контроверзни прашања во кои општествено-политичките околности се многу поодлучувачки од степенот на лингвистички разлики присутни меѓу јазиците.
Значи, јазик или дијалект?
Иако звучи логично да се почитуваат само објективните географско-јазични околности, во праксата тоа едноставно не е можно. Од сите овие фактори што ги наведовме погоре може да произлезат најразлични случаи, кои ќе ги илустрираме со неколку примери од европската јазична реалност:
Постојат јазици што немаат своја држава, а се зборуваат на мала територија во рамките на поголема држава. Ваков пример е баскискиот јазик, кој се зборува во регионот Баскија околу западниот дел на границата меѓу Шпанија и Франција. Баскискиот јазик нема заедничко потекло со ниту еден друг европски јазик, па неговиот статус како посебен јазик не може да се оспори.
Постојат јазици што немаат своја држава, а се зборуваат во повеќе различни држави. Еден таков пример е ромскиот јазик, кој е мајчин јазик на милиони луѓе низ цела Европа и се зборува секаде каде што живеат Роми. Ромскиот јазик е толку распространет што има голем број свои дијалекти, кои се разликуваат во зависност од тоа каде живеат неговите говорители.
Постојат јазици што се зборуваат на толку голема територија и имаат толку многу дијалекти што често се случува луѓето да не се разбираат меѓу себе. На пример, човек од северот на Германија би имал проблеми да се разбере со човек од Швајцарија, иако и двајцата би рекле дека нивниот мајчин јазик е германски. Германскиот е мајчин јазик и службен јазик во повеќе држави, па нормално е дека постојат повеќе варијанти што може прилично да се разликуваат меѓу себе.
Постојат јазици што се многу слични меѓу себе, но нивните говорители ги сметаат за одделни јазици. Правото на посебен идентитет и јазик може да биде засилено со постоењето на посебна држава, во која јазикот на заедницата има статус на службен јазик. Овие случаи се често контроверзни, како што ни е познато од примерот на српскиот, хрватскиот, босанскиот и црногорскиот јазик, кои се денес четири стандардни јазици во рамки на јужнословенскиот дијалектен континуум.
Дури откако ќе се земат предвид сите овие околности станува јасно зошто ова прашање е толку комплицирано. Кога статусот на еден јазик не е потполно разрешен, мора да се разгледаат главните аспекти: јазичното потекло, географските и општествено-политичките фактори. Тие придонесуваат за појаснување на посебноста на еден јазик, но за жал ретко доведуваат до заклучок кој ќе биде прифатлив за сите засегнати страни. Во секој случај, пред сѐ мора да се слушне гласот на заедницата чиј јазик се разгледува и едно вакво отворено прашање да се проучи од сите гледишта за да се разбере целосниот контекст.