Пет јазични активности што не се дел од лингвистиката

Лингвистиката го изучува јазикот како човечка и општествена појава и вклучува многу различни дисциплини; некои од нив се однесуваат на структурните рамништа на јазикот, а некои се однесуваат на интеракцијата помеѓу јазикот и другите општествени и научни дисциплини поврзани со него.

Сепак, не сите активности и дисциплини поврзани со јазикот се дел од лингвистиката, иако се тесно поврзани со неа. Во продолжение следуваат пет јазични дејности што често се сметаат за дел од лингвистиката, а всушност не се.

1. Преведување

Преку преведувањето се зближуваат народите што зборуваат на различни јазици, било да се работи за стручен превод на правни текстови или на упатства за ракување со машини, било за книжевен превод на светските класици или на најновата современа поезија. Професионалните преведувачи мора одлично да ги познаваат и изворниот и целниот јазик за да создадат добар превод, но не мора прво да бидат лингвисти за да може да преведуваат. На преведувачите многу им помагаат сознанијата на лингвистиката, особено научната и систематска споредба меѓу јазиците. Иако постојат лингвисти што дополнително се занимаваат и со преведување, преведувањето не им е неопходно на лингвистите во нивните научни истражувања на јазикот.

2. Предавање странски јазици

Во денешно време е тешко да се најде некој што никогаш не изучувал ниту еден странски јазик; во Македонија сите што завршиле основно училиште во последните педесетина години барем една година учеле некој странски јазик (од најстарите генерации што задолжително учеле српскохрватски за време на Југославија, до денешните генерации што може да учат англиски уште во прво одделение). Некој што сака да стане одличен учител по странски јазик мора да го проучи јазикот и од гледна точка на лингвистиката, за да ги пронајде начините на кои тој најлесно може да се пренесе. Постојат многу лингвисти чии научни сознанија се употребуваат директно во праксата на предавање странски јазици. Од друга страна, лингвистите најчесто немаат потреба од методиката што ја користат учителите по странски јазици, бидејќи задача на лингвистите е да го истражат, разберат и опишат јазикот, а не да научат некого како да го користи.

3. Лекторирање

Сите текстови што треба да бидат напишани на стандарден јазик (за употреба во образованието, во медиумите, во администрацијата и во литературата) мора да бидат проверени од страна на лиценциран лектор. Задача на лекторите е да ги усогласат сите такви текстови со правилата на правописот и да се осигураат дека во нив нема никакви грешки, бидејќи само на тој начин може да се регулира правилната употреба на стандардниот јазик. Помеѓу задачата на лекторите и задачата на лингвистите постојат две клучни разлики: додека лингвистите го истражуваат јазикот во сите негови форми, лекторите се занимаваат исклучиво со стандардниот јазик. Покрај тоа, лингвистите ја опишуваат употребата на јазикот, а лекторите ја поправаат.

4. Толкување

Толкувањето наједноставно може да се дефинира како усно преведување. Бидејќи при толкувањето не мора да биде присутен никаков пишан текст, логично е да се сфати како активност што му претходела на преведувањето, па дури и на пишувањето. Сепак, кога се зборува за толкување во денешно време најчесто се мисли на симултано толкување, за кое е неопходна техничка опрема (микрофони, слушалки, кабини со звучна изолација) што му овозможува на толкувачот да го толкува говорот со само неколку секунди задоцнување по говорникот. Како и кај преведувањето, и во оваа област научните сознанија од лингвистиката се корисни за подобрување на техниките за толкување и вештините на толкувачот. И покрај тоа, лингвистите не се занимаваат со толкување.

5. Познавање многу јазици

Едно прашање што често се поставува кога некој ќе рече дека се занимава со лингвистика е: „Закон, а колку јазици зборуваш?“ Вистина е дека лингвистите често зборуваат повеќе јазици, но тоа не е правило што важи за сите. За да научиме да зборуваме некој странски јазик не ни се неопходни познавања од областа на лингвистиката и нејзините научни методи. И обратно, често се случува еден лингвист да проучува одредени појави во рамките на јазик што воопшто не го зборува течно. Постојат луѓе, т.н. полиглоти, кои за забава учат да зборуваат голем број странски јазици, што значи дека нивната цел е практична. Секако, постојат лингвисти што зборуваат повеќе јазици и постојат полиглоти што се интересираат за лингвистика.


Иако лингвистиката сама по себе не ги вклучува горенаведените јазични активности, неспорно е дека голем број лингвисти имаат искуство и со некои од нив, бидејќи сепак се работи за сродни дејности. Затоа Јазичарница е место за сите нив: лингвистите, преведувачите, толкувачите, наставниците по странски јазик, лекторите и полиглотите, кои се поврзани преку нивната голема љубов – јазикот!

Анонимно прашање: Препевот на Гавранот од Едгар Алан По што го паметам го користи Nevermore како рефрен во оригинал. Денес се обидовме да најдеме соодветен препев на овој стих, препев кој би бил колоквијален, а би ги имал концизниот ритам и чувството на мрачна судбина како во оригиналот.


Здраво! Благодариме за ова навистина интересно прашање од областа на книжевниот превод. Јас (Викторија) особено многу се интересирам за книжевен превод и одвреме-навреме преведувам, особено поезија. Иако преведувањето не е дел од темите за кои (ќе) пишуваме на Јазичарница, ова се моите размислувања во врска со вашето прашање.

Навистина, во препевот на Гане Тодоровски во последниот стих на строфите каде што се појавува Nevermore, тој збор е оставен во оригинал. Не сум сигурна дали воопшто оттогаш е објавен друг препев на стандарден македонски јазик, но знам дека постои креативен препев на скопски, во кој Nevermore станало „Никад, брат.“

Интересното е дека стиховите во песната што содржат Nevermore се римуваат со секој последен стих од секоја строфа, а воедно и со три други стиха од секоја строфа (од кои два завршуваат со истиот збор). На По тоа му успева во секоја строфа, а и Тодоровски секогаш наоѓа соодветна рима, дури и кога зборовите што кај По се исти, кај Тодоровски се само слични:

Гавранот, штом седна таму, еден збор тој гракна само
в душа божем тој збор може сам да начне разговор.
Друго појќе ни да каже, ни да пафне пердув влажен,
дур не сронив мрмор тажен: „Осамен сум долго створ.
И ти како мојта Надеж исчезнат ќе бидеш створ!” 
Тој сал гракна: „Nevermore!”

Значи, за решението да ги задоволува формалните критериуми, треба да се најдат три слога што би се римувале на овој точно определен начин. Мислам дека Тодоровски ги нашол и употребил сите или речиси сите македонски решенија што се римуваат со Nevermore: спор (и со значење ‘расправа’ и со значење ‘бавен’), однадвор, взор, збор, створ, одговор, разговор, двор, хор, неизгор, развигор, преумор, непрегор, судботвор, беспрекор…

Едно можно решение е за тоа што го грака гавранот, односно за Nevermore, да се најде израз што би се римувал со сите овие зборови, но да значи никогаш. Оваа варијанта ми се чини потешка, а некои препејувачи, како на пример еден од германските, ја постигнале: Nie, du Tor., препев на Манфред Улиг од 1999. Притоа препејувачот нашол збор што има две значења (Tor како ‘порта’ и Tor како ‘лудак’), што овозможува креативна употреба, нешто слично како спор кај Тодоровски.

Од друга страна, поинакво решение е да се земе друга рима и сите зборови што завршуваат на -ор да се заменат со нешто сосема ново. Тоа всушност се случува во повеќе германски препеви, каде што Nevermore се заменува со Nimmermehr со истото значење, па соодветните стихови се римуваат со тоа.

Второво решение ми се чини пореално, бидејќи во тој случај преведувачот може да тргне од значењето што се бара, па потоа да бара рими за трите слога што ќе ги најде. Еве три решенија што ми паднаа на памет: никогаш, нема пак, никојпат. Мислам дека во сите три случаи можат да се најдат убави рими за останатите стихови што треба да се римуваат со овој.

Кога би имала задача да ја препеам песната, мислам дека би постапила на овој начин. Во секој случај мислам дека е добра идеја да се најде соодветен македонски збор и задачата воопшто не е невозможна. Ако најдете некое креативно решение, слободно споделете го со нас, и мене и на Нина ќе ни биде мило!