Осум факти за македонската азбука

На денот на македонскиот јазик и на македонската азбука ви претставуваме осум интересни податоци поврзани со македонската азбука!

1. Различни кирилици

Сигурно веќе знаете дека повеќе словенски јазици користат кирилица, но дали знаете кои се буквите што денеска се користат само во македонската кирилица? Тоа се буквите Ѓ, Ќ и Ѕ! Буквата Ѕ постоела и во старословенската кирилица, која веќе не се користи. На следниов дијаграм се прикажани деветте словенски кирилици и буквите што се исти и се разликуваат меѓу сите нив. Патем, постојат и многу несловенски јазици што користат свои приспособени кирилици, особено јазиците што се зборуваат на териториите на поранешниот СССР.

(при составувањето на овој дијаграм бевме инспирирани од еден многу сличен)

2. Најчестата буква на почеток на зборот

Во Толковниот речник на македонскиот јазик (издаден во шест тома од 2003 до 2014 година, a од многу скоро достапен и во електронско издание) како почетна буква најчесто се наоѓа буквата П, на која ѝ е посветен целиот четврти том на Речникот. Ова се должи (меѓу другото) на големиот број зборови изведени со префиксите по-, под-, пра-, пре-, пред-, при-, про-, против– итн.

3. Мали и големи, печатни и ракописни букви

Дали знаевте дека во печатното писмо на македонската азбука постојат само три случаи во кои малата и големата буква се разликуваат по форма? Тоа се А (а), Б (б) и Е (е). Ова е една од причините зошто при описменувањето на училиште малите и големите печатни букви се усвојуваат истовремено! Дури откако децата ќе ги научат печатните букви, почнуваат со усвојување на ракописните букви.

4. Предавање на македонското писмо со латиница

Поради специфичните букви во македонската азбука, не постои само еден единствен начин на кој може да се пренесе македонското писмо на латиница. Според Правописот на македонскиот јазик (стр.169), постои а) традиционален начин во кој се користат дијакритички знаци (цртички над буквите) и б) пренесување што се користи кај личните имиња во официјалните документи (без дијакритички знаци).

а) Традиционален начин
б) Кај личните имиња во официјалните документи

5. Македонски кирилични фонтови

Во современиот дигитален свет во кој живееме, фонтовите се од голема важност. Постојат многу кирилични фонтови, но важно е да се знае дека во ракописното македонско кирилично писмо некои букви изгледаат различно од нивните соодветни знаци во руската кирилица (која има најмногу корисници, па затоа постојат и најмногу фонтови). На пример, една голема разлика може да се забележи во буквите п и т, како што се гледа во следнава табела:

Иако фонтовите строго земено не се дел од лингвистиката, вреди да се нагласи дека во овие случаи конвенциите на различните јазици се разликуваат. Со помош на двете букви погоре лесно може да проверите дали кириличниот фонт што сте го избрале ја претставува македонската кирилица.

6. Гласови наспроти букви

Писмото претставува графички приказ на јазикот што го зборуваме. Во стандардниот македонски јазик има 31 глас*, а бидејќи правописот на македонскиот јазик е фонетски, односно гласовите се бележат така како што се изговараат, во македонската азбука има исто толку букви: 31. Но, тоа не е така во сите јазици! На пример, во англискиот јазик, буквата C се чита различно во зборовите castle и nice. Или, од друга страна, во германскиот јазик постојат четири начини да се запише гласот „ како во зборот Mai. Гласовите во јазикот се неговите составни делови, а буквите и писмото се прашање на конвенција.

*Технички, тука станува збор за 31 фонема, а за разликите помеѓу глас и фонема допрва ќе пишуваме!

7. Азбука и кирилица

Зборот „азбука“ потекнува од имињата на првите две букви во најстарото словенско писмо, глаголицата: Ⰰ („аз“) и Ⰱ („буки“), со значење јас и букви, соодветно. Кирилицата со која денес се служиме го добила името во чест на Св. Кирил. Кога се зборува за кирилицата може да се чујат две придавки: кирилично или кирилско писмо. Сепак, кирилско писмо звучи како Кирил да бил тој што ја составил кирилицата, но тоа не е точно (тој ја составил глаголицата); затоа почесто се користи изразот кирилично писмо (во кој придавката е изведена од кирилица).

8. Панграми

Панграм претставува реченица што ги содржи сите букви од азбуката, а за најуспешен се смета оној во кој буквите се повторуваат колку што е можно поретко. Редакцијата на „Окно“ досега има објавено три конкурси за најдобар панграм на македонски јазик, а на интернет постои дури и бројач со кој може да проверите дали вашиот панграм навистина ги содржи сите букви и колку од нив се повторуваат. Како интересен пример го избравме следниов панграм на Новица Наков: Желката Љуба музицира на харфа читајќи го Његош, а песот Ѓоше се џари во ѕвезди.


Забелешка: Во првата верзија на овој текст имаше грешка во дијаграмот (како дел од русинската азбука беше претставена буквата ѣ, која веќе не се употребува), но сега е поправена. Му благодариме на читателот што ни ја посочи грешката!

За разликите меѓу јазиците

Целта на лингвистиката е преку податоци за различните јазици што се зборуваат во светот да извлече заклучоци за човековиот јазик воопшто. Затоа лингвистите ги проучуваат сличностите меѓу јазиците, но и разликите меѓу нив.

Веќе при самото слушање на некој странски јазик може да забележиме некои негови особености, како на пример интонацијата или гласовите што ги содржи. Гласовите се најмалата единица на говорениот јазик. Тешко е да се изброи колку различни гласови можат да произведат говорните органи на човекот, но факт е дека секој човеков јазик содржи само подмножество од сите гласови што може да се изговорат. Интересно е дека нашите говорни органи се навикнати пред сѐ да ги произведуваат гласовите што ги содржи нашиот мајчин јазик – тоа е и една од причините зошто имитирањето на звуците на други јазици може да биде предизвик за некои луѓе. На пример, гласот [m] што го слушаме на почетокот на зборот месечина е дел од речиси сите светски јазици, но постојат гласови, т.н. кликови, кои се дел од само некои јазици што се зборуваат на југот на Африка.

Информациите што ги содржи одредена форма на зборот се нарекуваат граматички категории. На пример, формата свеќите содржи граматички информации својствени за именките во македонскиот јазик, па за оваа форма може да кажеме дека е: во женски род (според категоријата род), во множина (според категоријата број) и определена (според категоријата определеност). Формата прочитавте содржи граматички податоци својствени за македонскиот глагол: второ лице (според категоријата лице), множина (според категоријата број), свршен (според категоријата вид) и минато определено време (според категоријата време). Но, овие неколку граматички категории не се наоѓаат во сите јазици во светот, а постојат и други. Во унгарскиот јазик, на пример, именките не разликуваат граматички род, додека кај глаголите постои уште една (многу ретка) граматичка категорија: определеност. Освен тоа, како што веќе посочивме кај македонскиот и кај бугарскиот јазик, комуникативните потреби на зборувачите на одреден јазик може да доведат до развивање на нови граматички конструкции и граматички категории, или на губење на некои од старите.

Jазиците се разликуваат и во однос на зборовите што ги содржат. Еден важен извор на нови зборови во јазикот е зборообразувањето, при кое од веќе постојни елементи се создава нов збор со ново значење (на пример трка + -ачтркач). Покрај тоа, бидејќи јазиците често се наоѓаат во меѓусебен контакт, вообичаено е да позајмуваат зборови едни од други. Проучувањето на зборовите во различните јазици е особено интересно кога се работи за зборови што означуваат специфични делови од културата на еден народ: храна, обичаи, животни и растенија, облека и сл. Историски гледано, кога две различни култури доаѓаат во контакт, таквите зборови најчесто се позајмуваат од еден во друг јазик за да се доловат предметите и концептите што едната култура ги нема. Предметите и концептите често патуваат заедно со нивните имиња; така на пример, името на бананата потекнува од волофскиот јазик, кој се зборува во Западна Африка, но зборот денеска се користи во целиот свет, бидејќи се раширил заедно со овошјето.

Може да се заклучи дека (не)постоењето на конкретен збор во еден јазик е важно за културата и народот што го зборува тој јазик, бидејќи е одраз на неговите потреби. Во одреден јазик можеме да очекуваме да сретнеме зборови за предмети и појави за кои често се зборува и што се дел од секојдневието на луѓето. Од друга страна, кога зборувачите на еден јазик се соочуваат со нешто ново, потребата да зборуваат за него е толку силна што луѓето секогаш наоѓаат начин да создадат нов збор што ќе го користат.

Покрај горенаведените разлики што произлегуваат од самите јазици, постојат и разлики што се прашање на конвенција, како на пример писмото на кое се пишува и правописот. Така, според правописот на македонскиот јазик во основа се пишува онака како што се говори (односно правописот е фонетски), додека правописот на некои други европски јазици се базира на различни принципи, кои не се секогаш очигледни. Англискиот јазик, на пример, сѐ уште се пишува така како што се изговарале зборовите пред неколку века, односно сегашниот англиски правопис не ги бележи промените во изговорот што се случиле оттогаш (на пример зборот feet пред околу 700 години навистина се изговарал „феет“!).

Ова се само некои полиња на кои јазиците се разликуваат, а постојат уште многу други. И покрај голем број заеднички тенденции, човековите јазици се богати и разновидни во секој поглед. Тоа што во еден јазик се наоѓа некој глас, збор или некоја граматичка категорија помалку или повеќе не е ниту добро ниту лошо, туку само различно. Тоа што еден јазик не го разликува на едно поле, го надоместува со подетални дистинкции на друго поле, па затоа не постои јазик што е апсолутно сложен или апсолутно едноставен. Дали некој јазик е потежок или полесен за изучување зависи од повеќе фактори, а меѓу нив важна улога играат особеностите на нашиот мајчин јазик, јазиците што претходно сме ги совладале, мотивацијата и методите на учење.

Зошто… не се пишува надреден знак над „ни“?

Пред некое време добивме одлично прашање од нашиот читател Драган: дали во стандардниот јазик се пишува надреден знак над кратката заменска форма ни (пр. Тие ни испратија писмо) или не?

Прво, краток преглед на овој правописен знак. Надредниот знак во македонскиот јазик е само цртичка што некогаш се пишува над е или и (т.е. è и ѝ), и тоа во обратен правец од цртичката над ќ и ѓ. Правописот (стр. 141) пропишува употреба на надредниот знак само во три зборчиња, и тоа во кратките заменски форми нè и ѝ, и во количествената заменска форма сè.

Причината зошто тие зборови се пишуваат со надреден знак е многу едноставна – за да се разликуваат од особено честите не (за негација), и (како сврзник) и се (помошен глагол или повратна заменка), за да не дојде до забуна или недоразбирање:

  • Нѐ прашаа како се викаме. —– Не прашаа кога сум дошол.
  • Kога стигнав ѝ се јавив. —– Кога стигнав и се јавив, не беше дома.
  • Сѐ гледам од врвот. —– Се гледам во огледалото.

Покрај тоа, ваквите зборови што исто се пишуваат, но имаат различно значење (хомоними) често се случува да се најдат еден до друг во реченица, па со надредниот знак постои начин да ги разликуваме (пр. Сѐ се случува со причина; Не нѐ викнаа на забавата; Тој влезе и ѝ се обрати).

За нѝ најчесто нема потреба, бидејќи значењето на кратка заменска форма скоро невозможно е да се помеша со другото значење на разделен сврзник (пр. Не бил ни во Охрид, ни во Струга), односно контекстот во најголем дел од случаите е доволен за да се сфати значењето на реченицата. Сепак, постојат примери во коишто надредниот знак би помогнал веднаш да се направи разлика помеѓу двата хомонима:

  • Ни играа, ни пееја, ни свиреа… (пример на Денис Бојаров – реченицата може да се протолкува на два начина, а вистинското значење може да се открие само во поширокиот контекст)
  • Сакаат да им одговориме, а не ни ни пишале.

Засега, според последниот Правопис на македонскиот јазик, над ни не се пишува надреден знак, без разлика на неговото значење или функција во реченицата. Интересни се примерите што сведочат дека веројатно постои потреба за разликување на сврзникот од кратката заменска форма, но само времето ќе покаже во кој правец ќе се развива ова јазично прашање и дали правилото ќе се промени во некое од следните изданија на Правописот.