Анонимно прашање: Здравейте! Имам три въпроса за разликте между македонския и българския стандартни езици, както ги описвате по-долу, на 30-и ноември 2020 г. 1) Относно #4, не мислите ли, че българските показателни местоимения тази/тая и т.н. покриват употребата на оваа и таа и т.н.? За “посочување без просторна и временска определеност” не е ли “тия” равно на “тие”?

2) Относно #6, смятате ли за “има-перфект” следния израз в стандартния български език: “има постигнато споразумение…”? Ако да, #6 остава ли категорична разлика? Или само такава в честотата и широтата на употреба? 3) В #7, не важи ли следното? “бугарски: пиша → писанo, напиша → написанo, дойда → /” ДОШЛО Ако важи, #7 остава ли разлика?


Здраво! Фала за интересните прашања. Пред да ги одговориме, би сакале да истакнеме дека кај сите особености кои ги наведовме во последната објава се работи за системски разлики што се однесуваат на сржта на структурата на јазикот и на тоа како различни појави од реалноста се изразуваат преку јазикот. Инаку, тие осум особини секако не се единствените разлики меѓу двата јазика (ако ве интересира повеќе, погледнете ги коментарите од Емилија Нешкоска и Елка Јачева-Улчар тука).

Еве сега одговори на сите поединечни прашања:

  1. Во врска со показните заменки, посочуваме на тоа дека во системот на македонскиот јазик (односно на македонските дијалекти) се развиле три посебни форми, додека во системот на бугарскиот јазик постојат само две. Во лингвистиката е докажано дека формите што постојат во еден јазичен систем ги отсликуваат потребите на луѓето што го зборуваат тој јазик. Од друга страна, ако во системот не постојат посебни форми за изразување на одредени концепти или појави, а се појави потреба да се изразат, луѓето спонтано почнуваат да ги употребуваат елементите што им се веќе на располагање, односно формите што веќе постојат во јазикот. И така доаѓаме до случајот со показните заменки во бугарскиот јазик – во јазичниот систем постојат само две форми за изразување на три различни категории. Како што велите вие, тази/тая во едни случаи се употребува за посочување блиски предмети и лица (македонското оваа), а во други за посочување без просторна и временска определеност (македонското таа). Разликата лежи во тоа дека едниот систем развил три посебни форми за трите категории, а другиот користи само две форми – што самото по себе е важна структурна разлика. Тука мора да се нагласи дека не кажуваме дека едното е подобро од другото, туку само ги констатираме објективните јазични особености.
  1. Има-перфектот во македонскиот јазик со текот на времето се има развиено во целост и постои во системот на исто ниво со другите глаголски времиња; затоа ги посочуваме времињата во другите јазици (present perfect во англискиот, Perfekt во германскиот и passé composé во францускиот јазик) кои сосема соодветствуваат на македонскиот има-перфект. Тоа што ова време може да се користи во сите лица и за сите глаголи значи дека целосно се има граматикализирано. Во бугарскиот секако такви конструкции со глаголот има постојат, но не се целосно раширени на сите глаголи т.е. не се на истото ниво на граматикализација. Повторно доаѓаме до тоа дека не се работи за разлики во употребата или зачестеноста, туку за суштински структурни разлики меѓу двата јазика.
  1. Глаголските придавки во македонскиот јазик може да се образуваат од буквално сите глаголи (со наставките –т и –н), што е директно поврзано со целосната граматикализација на има-перфектот. Во низата пиша → писанo, напиша → написанo, дойда → / вие предлагате дошло наместо косата црта, но тоа не е формата што е потребна таму; формата, кога би постоела, би гласела нешто како *дойдано (но такво нешто не постои, и затоа ставаме ѕвездичка пред формата). Дошло е друга нелична глаголска форма (во македонскиот ја нарекуваме глаголска л-форма), која постои и во македонскиот и во бугарскиот јазик, но се користи во сосема други конструкции и контексти.

Се надеваме дека ги разјаснивме овие работи, пишете ни слободно ако имате и други прашања 🙂

Осум особини на македонскиот стандарден јазик што ги нема во бугарскиот стандарден јазик

Македонскиот и бугарскиот јазик заедно ја сочинуваат источната гранка на јужнословенските јазици и се соседи во јужнословенскиот дијалектен континуум. Тоа значи дека низ дијалектите на овие два јазика може да се најдат голем број заеднички јазични особини, кои може да бидат понагласени во некои дијалекти или воопшто да не постојат во други. Поради тоа, во овој и во следниот текст ќе се фокусираме само на стандардните варијанти на двата јазика и тоа на особините по кои се разликуваат.

Предмет на овој текст се структурните разлики помеѓу двата јазика, а не разликите во зборовите што се дел од нив. Имено, варијации во лексиката често постојат и помеѓу дијалектите во рамките на еден јазик, бидејќи фондот на зборови што ги има еден јазик е подложен на разни влијанија поради кои се менува. Од друга страна, структурата на јазикот постепено се менува со развојот на јазикот под влијание на различни фактори: контакт со други јазици, различни процеси на стандардизација итн.

Како резултат на овие промени, македонскиот стандарден јазик денеска има особини што не се среќаваат во бугарскиот стандарден јазик. Еве осум од нив:

1. Определен третосложен акцент

Една од типичните особености на македонскиот јазик е определениот (фиксиран) третосложен акцент. Тоа значи дека акцентот скоро секогаш паѓа на третиот слог од крајот на зборот кај трисложните и повеќесложните зборови, односно на вториот слог од крајот на зборот кај двосложните зборови. За разлика од него, акцентот во бугарскиот јазик е слободен и подвижен, па може да се падне на кој било слог во зборот.

  • македонски: грáд, грáдот, грáдови, градóвите
  • бугарски: грáд, градъ́т, градовé, градовéте

2. Губење на гласот х

Развојот на македонскиот јазик уште од 16 век бележи процес на постепено исчезнување на гласот х или негова замена со в или ф (шетах шетав). Овој глас во македонскиот стандарден јазик денес се среќава во некои изворни словенски зборови (храна, храброст) и во заемки од интернационалната лексика (хемија, хигиена), но исчезнал од почетната и меѓувокалната позиција, како и од глаголскиот систем. Сите тие се позиции на кои гласот х и денес се среќава во бугарскиот стандарден јазик.

  • македонски: убава, снаа, бев
  • бугарски: хубава, снаха, бях

3. Троен определен член

Македонскиот стандарден јазик е единствениот стандарден словенски јазик во кој постои тројниот определен член: форми за општа определеност (-та, -от, -то, -те, -та), форми за определеност кога предметот или личноста се блиску до говорителот (-ва, -ов, -во, -ве, -ва) и форми за определеност кога се далеку од говорителот (-на, -он, -но, -не, -на). Во бугарскиот стандарден јазик постои само категоријата за општа определеност, со форми за женски, машки и среден род и за множина. Во рамките на машкиот род постојат две форми на членот, но нивната употреба зависи од функцијата на именката во реченицата, а не од просторната или од временската определеност.

  • македонски: соба собата, собава, собана; собите, собиве, собине
  • бугарски: стаястаята; стаите

4. Три форми на показните заменки

Слично како кај членот, и показните заменки во македонскиот стандарден јазик имаат три форми: за посочување блиски предмети и лица (оваа, овој, ова, овие), подалечни предмети и лица (онаа, оној, она, оние) и посочување без просторна и временска определеност (таа, тој, тоа, тие). Во бугарскиот стандарден јазик постојат само две категории: блискост (този/тоя, тази/тая, това/туй, тези/тия) и оддалеченост (онзи/оня, онази/оная, онова/онуй, онeзи/ония).

  • македонски: тоа списание, ова списание, она списание
  • бугарски: това списание, онова списание

5. Множина со -иња во среден род

Во македонскиот стандарден јазик, некои именки од среден род што завршуваат на образуваат множина со наставката -иња. Во бугарскиот јазик, именките од среден род што завршуваат на најчесто образуваат множина со наставката –(е)та или -(е)на, а наставката -иња воопшто не постои.

  • македонски: моремориња, имеимиња
  • бугарски: : мореморета, име имена

6. Две минати неопределени времиња – со сум и со има

Македонскиот стандарден јазик е единствениот стандарден словенски јазик во кој постои минато неопределено време (т.н. перфект) што се образува со помошниот глагол има и глаголска придавка во среден род. Ова граматичко време во лингвистиката го нарекуваме има-перфект и може да се спореди со времето present perfect во англискиот, Perfekt во германскиот и passé composé во францускиот јазик. Ваквата конструкција на има со глаголска придавка постои и во некои нестандардни форми на бугарскиот јазик, но не е дел од стандардниот јазик и не е толку развиена и широко распространета како во македонскиот.

  • македонски: Ги имам прочитано сите негови книги.

7. Глаголски придавки од сите глаголи

Оваа интересна одлика на македонскиот јазик произлегува од постоењето на има-перфектот (види во претходната точка), кој може да се употреби со сите глаголи. Поради тоа, глаголска придавка (види ги примерите подолу) може да се образува од сите глаголи, без оглед на тоа дали се преодни или непреодни, повратни или неповратни, свршени или несвршени. Од друга страна, во бугарскиот стандарден јазик постојат само глаголски придавки од преодни и повратни глаголи, бидејќи нивната употреба е секогаш поврзана со врската помеѓу глаголот и директниот предмет (а непреодните глаголи немаат директен предмет).

  • македонски: пишува → пишуванo, напише → напишанo, дојде → дојденo
  • бугарски: пиша → писанo, напиша → написанo, дойда → /

8. Задолжително удвојување на предметот

Задолжителното удвојувањето на директниот и индиректниот предмет е интересна и уникатна карактеристика на македонскиот јазик. Тоа значи дека секогаш кога како дел од предметот во реченицата се јавува определена именка (на пример членувана именка или лично име), неа мора да ја придружува и кратка заменска форма. Таа се согласува со именката по лице, род и број, а во различните форми за директен и индиректен предмет се гледаат остатоци од падежниот систем својствен за повеќето словенски јазици. Во бугарскиот стандарден јазик ова удвојување е незадолжително и ограничено на примери кога треба да се истакне односот на елементите во реченицата.

  • македонски:
    • Веќе ја напишав статијата.
    • Учителoт им зборува на учениците.
  • бугарски:
    • Написах вече статията.
    • Учителят говори на учениците.

Ова се осум од јазичните особини на македонскиот стандарден јазик што го прават различен од бугарскиот – во продолжение откријте ги и особеностите на бугарскиот јазик што ги нема во македонскиот јазик.

Јазик или дијалект?

Едно од најзбунувачките прашања во лингвистиката, особено за луѓето што не се занимаваат со неа, се однесува на тоа која е разликата помеѓу поимот јазик и поимот дијалект.

Проблемот лежи во тоа дека не постои јасна граница помеѓу двете нешта. На прв поглед звучи јасно: под јазик подразбираме стандарден јазик, а наспроти него постојат дијалектите кои се зборуваат на територијата на една држава. Сепак, поделбата воопшто не е толку едноставна (а оваа поделба не е ни сосема точна).

Прво мора да се разјасни дека во рамките на еден јазик влегуваат и стандардниот јазик и различните нестандардни варијанти (вклучувајќи ги дијалектите). Ова дополнително ја усложнува разликата меѓу јазик и дијалект, бидејќи едно од значењата на поимот дијалект се однесува и на локалните нестандардни варијанти кои се дел од еден јазик (т.е. јазик како поим го содржи поимот дијалект).

Освен тоа, постојат уште многу фактори што придонесуваат кон комплексноста на целата приказна. Да го разгледаме подетално ова прашање од неколку различни гледни точки.

Јазично потекло

Кога два јазика имаат различно потекло, не е воопшто спорно дека се работи за различни јазици. На пример, арапскиот и финскиот јазик се посебни јазици бидејќи немаат заеднички јазичен предок. Сепак, често за посебни јазици ги сметаме и јазиците што се сродни меѓу себе, како на пример шпанскиот и италијанскиот. Латинскиот јазик им е непосреден заеднички предок на овие два јазика, а нивните говорители низ вековите често доаѓале во близок контакт. Меѓутоа, и двата јазика поминале свој пат на развој низ стотици години, па денес секој од нив има посебна граматика, посебен систем на гласови и фонд на зборови. И покрај нивната заедничка историја, ги сметаме за посебни јазици бидејќи и шпанскиот и италијанскиот јазик со векови се развивале во посебни правци.

Географски фактори

Кога на едно поголемо географско подрачје се зборуваат повеќе сродни јазици, тоа најчесто значи дека тие историски се рашириле од една почетна точка низ целото подрачје. Со ширењето на населението од една територија на друга и природниот развој на народниот јазик дошло до создавање на различни дијалекти, кои постепено се развивале во посебни јазици.

Замислете си подрачје на кое се зборуваат дијалектите означени на сликата со бројки од 1 до 6, така што со нивната местоположба еден до друг обликуваат замислен ланец. За потребите на овој пример замислете си дека секој го зборува само својот дијалект и нема претходни познавања од другите дијалекти во ланецот. Луѓето што го зборуваат дијалектот 1 без проблем се разбираат со нивните соседи што го зборуваат дијалектот 2; говорителите на дијалектот 2 исто толку лесно се разбираат и со тие што зборуваат на дијалект 1 и со тие што зборуваат на дијалект 3 – всушност, сите се разбираат со најблиските соседи кон лево или десно. Тоа е така бидејќи соседните дијалекти делат многу заеднички јазични особини, а разликите не го попречуваат меѓусебното разбирање. Меѓутоа, дијалектите што се малку пооддалечени еден од друг не се веќе толку слични; 3 и 5 можат да се разберат, но разликите се позабележителни. На истиот начин, ако се сретнат говорители на дијалектите 3 и 6, тие веќе се разбираат само ако зборуваат побавно и појасно, итн. Во комбинација и со некои други фактори (освен меѓусебното разбирање), најооддалечените дијалекти 1 и 6 може да се сметаат веќе за различни јазици, бидејќи иако се постепено поврзани меѓу себе, нивните говорители не се разбираат кога зборуваат секој на својот говор.

Ваквата појава кога постои постепено „прелевање“ на јазични особини од еден дијалект во друг се нарекува дијалектен континуум. Ова е појава што се среќава во различни јазични фамилии на различни места во светот: на пример, јужнословенскиот дијалектен континуум (во кој спаѓа и македонскиот јазик) ги покрива териториите на сите држави каде што се зборуваат јужнословенски јазици и дијалекти од Словенија па сѐ до Бугарија; скандинавскиот континуум ги опфаќа шведскиот, данскиот, норвешкиот, фарскиот и исландскиот јазик (заедно со сите нивни дијалекти); арапскиот континуум се протега на огромно подрачје што ги покрива цела Северна Африка, целиот Арапски Полуостров и некои од околните земји од Блискиот Исток, итн. Тука е важно да се нагласи дека кога зборуваме за дијалектен континуум на едно подрачје зборуваме само за јазиците т.е. дијалектите што се сродни меѓу себе, дури и кога на истото подрачје постојат и се користат и некои други јазици. Во такви случаи, употребата на терминот континуум не ги исклучува останатите несродни јазици.

Во секој дијалектен континуум јазичните особености се толку испреплетени низ дијалектите што станува многу тешко да се одреди каде точно започнува односно завршува одреден јазик. Може да се обидеме да го замислиме континуумот како на сликата долу, на која левата страна е обоена во розовo, а десната во синo; на средината двете бои постепено се мешаат, па како резултат се прелеваат повеќе различни нијанси на виолетово. Но, каде точно започнува виолетовото од двете страни? Проблемот е што не можеме прецизно да кажеме која е точната граница меѓу розовото и виолетовото односно виолетовото и синото.

Така и во дијалектниот континуум јазичните карактеристики се преплетуваат меѓу различните дијалекти, па не може да се каже дека му припаѓаат само на еден од нив, а уште помалку дека му припаѓаат само на еден од посебните јазици. Меѓу различните „нијанси“ во континуумот не постојат строги граници, па затоа при дефинирањето на границите на еден јазик мора да се послужиме и со други критериуми (за кои ќе пишуваме подолу).

Како последица на ова, границите на еден јазик најчесто не се поклопуваат со границите на државата во која се зборува тој јазик. Ако се навратиме на визуелниот приказ на македонските дијалекти од претходната објава, гледаме дека на мапата е обоено целото подрачје каде што луѓето го зборуваат македонскиот јазик како мајчин јазик. Покрај тоа, забележуваме дека боите на трите наречја не згаснуваат нагло на север и на исток, туку постепено се прелеваат во соседниот јазик од дијалектниот континуум – на север во српски, а на исток во бугарски.

Општествено-политички фактори

Сѐ досега зборувавме за релативно објективни нешта, како географското подрачје на кое се протега еден јазик или дијалект, јазичните особености на дијалектите за кои станува збор и меѓусебното разбирање помеѓу луѓето што зборуваат сродни дијалекти кои се дел од дијалектен континуум. Покрај овие фактори, при одлучувањето дали еден дијалект ќе го добие „статусот“ на јазик често се одлучувачки некои други, покомплексни критериуми, кои спаѓаат во областа на социолингвистиката и применетата лингвистика, бидејќи се тесно поврзани со општествено-политичкиот контекст на тој дијалект односно јазик.

Пред сѐ, мора да се нагласи дека јазикот на една заедница е тесно поврзан со идентитетот на луѓето во заедницата и нивното чувство на припадност. Од чувството на идентитет произлегува правото на самоопределување како посебна заедница со свој јазик различен од тој на другите заедници во општеството. Поради ова, доколку припадниците на заедницата т.е. самите говорители сметаат дека нивниот јазик е посебен ентитет (односно целина сама по себе, а не само дел од некоја друга целина), правото на самоопределување значи дека може да се занемарат објективните причини што би го определиле нивниот јазик за дијалект. Важи и обратното – ако припадниците на една заедница сметаат дека дијалектот што го зборуваат припаѓа на поголемата целина на еден јазик, дури и кога формално значително се разликува од другите дијалекти на тој јазик, нивното право на самоопределување мора да се почитува.

Покрај тоа, важна е и врската помеѓу јазикот и државата. Често кога се отвора ова прашање се спомнува еден познат цитат од лингвистот Макс Вајнрајх: „Јазик е дијалект со армија и морнарица“. Низ историјата многу јазици се сметале за дијалекти само бидејќи немале своја држава, дури и кога јазичните особености ги издвојувале од соседните сродни јазици. При признавањето на статусот на еден јазик често доаѓа до отворање на контроверзни прашања во кои општествено-политичките околности се многу поодлучувачки од степенот на лингвистички разлики присутни меѓу јазиците.

Значи, јазик или дијалект?

Иако звучи логично да се почитуваат само објективните географско-јазични околности, во праксата тоа едноставно не е можно. Од сите овие фактори што ги наведовме погоре може да произлезат најразлични случаи, кои ќе ги илустрираме со неколку примери од европската јазична реалност:

  • Постојат јазици што немаат своја држава, а се зборуваат на мала територија во рамките на поголема држава. Ваков пример е баскискиот јазик, кој се зборува во регионот Баскија околу западниот дел на границата меѓу Шпанија и Франција. Баскискиот јазик нема заедничко потекло со ниту еден друг европски јазик, па неговиот статус како посебен јазик не може да се оспори.
  • Постојат јазици што немаат своја држава, а се зборуваат во повеќе различни држави. Еден таков пример е ромскиот јазик, кој е мајчин јазик на милиони луѓе низ цела Европа и се зборува секаде каде што живеат Роми. Ромскиот јазик е толку распространет што има голем број свои дијалекти, кои се разликуваат во зависност од тоа каде живеат неговите говорители.
  • Постојат јазици што се зборуваат на толку голема територија и имаат толку многу дијалекти што често се случува луѓето да не се разбираат меѓу себе. На пример, човек од северот на Германија би имал проблеми да се разбере со човек од Швајцарија, иако и двајцата би рекле дека нивниот мајчин јазик е германски. Германскиот е мајчин јазик и службен јазик во повеќе држави, па нормално е дека постојат повеќе варијанти што може прилично да се разликуваат меѓу себе.
  • Постојат јазици што се многу слични меѓу себе, но нивните говорители ги сметаат за одделни јазици. Правото на посебен идентитет и јазик може да биде засилено со постоењето на посебна држава, во која јазикот на заедницата има статус на службен јазик. Овие случаи се често контроверзни, како што ни е познато од примерот на српскиот, хрватскиот, босанскиот и црногорскиот јазик, кои се денес четири стандардни јазици во рамки на јужнословенскиот дијалектен континуум.

Дури откако ќе се земат предвид сите овие околности станува јасно зошто ова прашање е толку комплицирано. Кога статусот на еден јазик не е потполно разрешен, мора да се разгледаат главните аспекти: јазичното потекло, географските и општествено-политичките фактори. Тие придонесуваат за појаснување на посебноста на еден јазик, но за жал ретко доведуваат до заклучок кој ќе биде прифатлив за сите засегнати страни. Во секој случај, пред сѐ мора да се слушне гласот на заедницата чиј јазик се разгледува и едно вакво отворено прашање да се проучи од сите гледишта за да се разбере целосниот контекст.

#ЈазичарницаПрашува, вие одговарате: Македонските дијалекти денес

Во последната недела од октомври објавивме кратка анкета во која ве прашавме како велите по дома за чинија, девојче и бакнува. За само четири дена анкетата ја пополнија 680 луѓе од сите краишта на Македонија, што значи дека собравме доволно материјал за да ви претставиме еден исечок од вистинскиот жив македонски јазик, така како што се зборува денес во земјата и надвор од неа. 

Накратко за дијалектите

Во секој јазик на планетава е нормално да постои варијација што директно произлегува од човечкиот фактор, т.е. од тоа каде и како живеат луѓето што го зборуваат тој јазик. Локалните варијанти на јазикот се нарекуваат дијалекти. Тие се развиваат непосредно, без ничија интервенција и го рефлектираат природниот развој на јазикот (за разлика од стандардниот јазик).

И покрај тоа што никој не го насочува развојот на дијалектите, сите тие претставуваат целосни системи за себе во кои владеат непишани внатрешни правила. Затоа меѓу различните дијалекти на еден јазик постојат голем број разлики на секое јазично ниво, како на пример во зборовите што се користат (лексиката), во акцентот, во глаголските форми, во начинот на кој се изговараат гласовите итн. Специфичната комбинација од јазични особини на дијалектот во кој сме израснале е нашиот мајчин јазик и поради ова е тешко да имитираме нечиј дијалект, дури и кога е сроден со нашиот.

Сето ова важи за сите јазици, но овојпат ќе ставиме акцент на македонскиот јазик и неговите дијалекти и ќе разгледаме неколку конкретни примери.

За македонските дијалекти

Македонските дијалекти се делат на три големи групи што ги нарекуваме наречја: западно, југоисточно и северно наречје. Во рамките на наречјата се издвојуваат различните дијалекти, кои, пак, се состојат од повеќе говори. Всушност, говорот претставува најмала одделна географска јазична единица, а дијалектот покрива неколку поврзани говори. Сепак, во овој текст главно го користиме терминот дијалект како општ назив за сите овие регионални варијанти.

Дијалектите на македонскиот јазик се проучувани и опишувани од страна на многу видни лингвисти, па ако сакате да научите повеќе за нив ви ги препорачуваме следниве извори:

Овие изданија и други слични извори може да најдете на порталот Дигитални ресурси за македонските дијалекти, проект на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика “Божидар Видоески” при МАНУ.

Разновидноста на македонските дијалекти преку три поими

Целта на нашето кратко истражување беше прегледно да ја прикажеме разновидноста на македонските дијалекти кои активно се зборуваат денес. Поимите што ги избравме беа чинија, девојче и бакнува, бидејќи се чести и секојдневни зборови за кои веќе сме чуле многу интересни локални варијанти. Нѐ интересираше кои зборови и форми се употребуваат во кој дел од Македонија, а податоците што ги собравме ќе ги искористиме понатаму за да одговориме и на некои други прашања. Секако, дијалектите не се разликуваат меѓу себе само по зборовите што се користат, но тоа е аспектот што најчесто прв се забележува кога стапуваме во контакт со луѓе што зборуваат поинаков дијалект од нашиот.

Во продолжение ви ги претставуваме нашите резултати илустрирани преку три карти што јасно ја прикажуваат распространетоста на локалните варијанти во 25 места.

Имаш ваган? Еве мисур!

Македонско момиче, китка шарена

Како се цунуваме низ Македонија


Кога зборуваме за дијалекти, зборуваме за најактивниот и најавтентичниот дел од јазикот, а не за нешто што е статично и врзано за минатото. Распространетоста на трите избрани поими што ги истраживме претставува само еден мал дел од вистинската ризница на интересните јазични разлики меѓу говорителите на македонскиот јазик. 

* Како основа за четирите карти во оваа објава ги искористивме оваа и оваа мапа.

Анонимно прашање: Дали може повеќе да ми објасните за балканскиот шпрахбунд? Ме фасцинира меѓусебното влијание на балканските јазици, па би сакал да знам повеќе за тоа 🙂


Здраво! Фала ви што ни пишавте и се охрабривте да ни го поставите првото прашање на Јазичарница :)) Навистина се работи за фасцинантна тема поврзана со македонскиот јазик и всушност и пред да ни пишете веќе планиравме да пишуваме за ова наскоро, односно откако ќе ги покриеме воведните теми. Сепак, за да не ве оставиме без одговор, еве едно кратко објаснување за сега, а за неколку недели ќе напишеме и поопширен текст.

Балканскиот јазичен сојуз, познат и како Балкански шпрахбунд (Sprachbund е германски термин што се користи и во англискиот јазик), е лингвистички термин што се однесува на неколку јазици што се зборуваат на Балканот кои низ вековите развиле многу слични јазични својства под меѓусебно влијание, а без да имаат близок заеднички јазичен предок. Постојат различни ставови за тоа точно кои јазици и дијалекти се дел од Балканскиот јазичен сојуз, но најчесто се зборува за македонскиот, бугарскиот, албанскиот, ароманскиот (влашкиот), мегленороманскиот, романскиот и грчкиот јазик, како и преодните дијалекти помеѓу македонскиот, српскиот и бугарскиот јазик (торлачки дијалекти).

Да ги погледнеме на пример македонскиот и романскиот јазик: македонскиот е словенски јазик, што значи дека се развил од истиот прасловенски јазик од кој се развиле сите словенски јазици (како полскиот и рускиот, но и старословенскиот јазик, кој е веќе изумрен); романскиот, пак, се развил од народниот латински јазик (кој бил разговорен, за разлика од класичниот латински, кој бил литературен јазик и го изучуваме и денес). Затоа, на пример, тоа што и во македонскиот и во романскиот членувањето се врши на крајот на зборот (волк-от, lup-ul) не може да се објасни како генетска поврзаност, бидејќи такво нешто не постои. Но, тоа не значи дека оваа заедничка особина е случајна, туку дека е резултат на географската блискост, што овозможила допир и меѓусебно влијание меѓу јазиците на Балканскиот јазичен сојуз низ вековите.

Толку за сега, а ако сакате да зборуваме повеќе на оваа тема, пишете ни на jazicharnica@gmail.com!

Што е Јазичарница?

Јазичарница, мн. јазичарници ж. Место каде што се зборува за јазици, зборно место за јазичари и вљубеници во јазикот. Пример: Добре дојдовте во нашата јазичарница!

Дали некогаш сте се запрашале зошто постојат толку многу различни јазици на светот? Зошто со пријателите зборуваме поинаку отколку со професорите и шефовите? Дали сте забележале како нашите баби и дедовци некогаш користат зборови што нам ни се чинат смешни и застарени? Ви се случило ли да се замислите како бебињата го учат мајчиниот јазик? Кога може да се каже дека навистина сме научиле еден странски јазик?

Ако си ги имате поставено овие прашања, тогаш се наоѓате на вистинското место! Јазичарница е онлајн платформа преку која сакаме да поттикнеме размислување и дискусија за јазикот воопшто, за македонскиот јазик и за сите останати јазици. Јазикот ни припаѓа на сите и природно е да нѐ интересира како тој функционира. Јазичарница е место каде што ќе пишуваме за јазикот и сета негова разновидност – добре дојдовте!