Денес сакаме накратко да ви ја претставиме платформата LinguaLibre, проект на француската Викимедија. Се работи за дигитална ризница на звучен материјал на различни јазици, меѓу кои е и македонскиот. Собирањето материјал и уредувањето на самата страница може да ги врши секој на доброволна основа, а за тоа треба да се направи кориснички профил на порталот: https://lingualibre.org/wiki/LinguaLibre:Main_Page
Целта на проектот е да се претстави и документира разноликоста на јазиците, а снимките ќе бидат употребени и за лингвистички истражувања. Ве поттикнуваме доколку имате време и желба да придонесете со свои снимки на македонски јазик или да учествувате во преведувањето на информативните страници на проектот на македонски.
Во текстот за мајчин јазик ги објаснивме поимите како прв, втор и странски јазик, кои го опишуваат статусот што може да го има еден јазик за одредена заедница или поединец. Сепак, исто така нагласивме и дека вистинската слика во пракса е прилично комплексна, па во реалноста сите можни комбинации на јазици најчесто не се јасно разграничени.
Сѐ повеќе општества во современиот свет се повеќејазични, благодарение на постојаните преселби на луѓето низ целиот свет. Меѓутоа, постоењето на различни јазици во рамки на едно општество не значи дека сите тие имаат подеднаква употреба во секојдневиот живот на луѓето (правниот статус на јазикот е друга работа за која ќе пишуваме во друга прилика, а не мора да биде тесно поврзана со неговата реална употреба). Веќе нагласивме дека најчесто луѓето што зборуваат повеќе јазици имаат еден јазик што е за нив доминантен, а тоа е секогаш оној што го употребуваат во повеќе сфери во општеството и во приватниот живот.
Но, што се случува со оние јазици што не се доминантни? На пример, ако станува збор за автохтон малцински јазик што е засенет или потиснат од другите подоминантни јазици во даденото општество, па не се користи во образованието, медиумите или државните институции (на пр. јазикот на македонското малцинство во Грција); или, пак, јазикот на иселениците што имаат ограничен контакт со домашната култура (на пр. јазикот на македонските иселеници во Австралија). Во вакви ситуации, јазикот што го стекнуваат децата дома на многу рана возраст честопати не може да се нарече мајчин јазик, бидејќи го употребуваат во мал и ограничен број ситуации (најчесто само со потесното семејство и други блиски роднини и пријатели) и немаат можност да го употребуваат во сите општествени сфери. Во такви случаи станува збор за т.н. наследен јазик (англ. heritage language) на поединецот, односно на заедницата.
Таквиот наследен јазик се одржува пред сѐ во рамки на јазичната заедница, а понекогаш и со поддршка од страна на државниот систем. Во секој случај, во таквите повеќејазични општества поголемо е влијанието на доминантниот јазик, кој е институционализиран. Тоа значи дека поголемиот дел од реалноста на луѓето се одвива на тој јазик: контактот со јавни институции, образованието на нивните деца, рекламите што ги слушаат, најголемиот дел од медиумите со кои се опкружени итн.
Да го земеме примерот на македонската дијаспора што живее во Австралија: нивниот примарен јазик во образованието и во јавниот живот е англискиот, додека македонскиот јазик го користат во рамки на заедницата и го негуваат преку формирање на културни друштва и локални медиуми на својот јазик. Иако се работи за истиот јазик, факт е дека говорителите во дијаспората го користат македонскиот јазик под поинакви услови во споредба со родените говорители што живеат во Македонија, кои се образоваат на македонски и се секојдневно изложени на јазикот во институциите и медиумите. Поради тоа, луѓето од дијаспората не се во толкава мера изложени на стандарниот јазик, туку пред сѐ на различните дијалекти со кои израснале членовите на заедницата што се родиле во Македонија. Поновите генерации, родени во Австралија, го слушаат јазикот најмногу од страна на постарите роднини и учат токму од нив.
Со таква комбинација на „состојки“, воопшто не е чудно што јазикот на дијаспората значително отстапува од стандардниот јазик, како што впрочем отстапува и самата употреба во рамки на општеството. Особеностите на јазикот на Македонците од дијаспората што некои родени говорители ги исмеваат се всушност честа и сосема природна појава кај сите луѓе што секојдневно живеат со најмалку два јазика. На крајот на краиштата, едноставно станува збор за посебна јазична заедница што гради свој идентитет и притоа на располагање има поинакви јазични средства за да ја опише реалноста во која живее. Така, за Македонците во Австралија „во офис работам“ е прифатен разговорен израз што се слуша многу почесто отколку стандардното „работам во канцеларија“; некој наместо да каже „автомеханичар сум“, едноставно вели „поправам карои“ (овие примери и оној во насловот се делови од вистински разговори запишани во оваа одлична научна статија). Патем, не е случајно што се работи за изрази поврзани со професијата, кога работното секојдневие на луѓето се одвива пред сѐ на англиски јазик!
Начинот на кој луѓето го употребуваат својот наследен јазик претставува можност за лингвистите да ги истражат границите на човековата креативност и снаодливост при употребата на јазикот. Делот од лингвистиката што ги истражува овие појави (наследен јазик, јазик на дијаспората) е во подем во последниве години и сигурно ќе помогне да се разјаснат некои од клучните прашања поврзани со јазикот и идентитетот на луѓето.
Завчера добивме едно толку интересно прашање од некој анонимен читател (или читателка), што одлучивме да напишеме посебна објава за да го разјасниме! Прашањето гласи: зошто учиме дека во македонскиот јазик нема падежи, кога сепак во секојдневниот говор се користи вокативот?
Прво да разјасниме дека се точни и двете тврдења – точно е дека во современиот македонски јазик навистина нема падежи, но точно е и дека многу именки имаат вокативни форми, кои се користат во секојдневниот говор и во стандардниот јазик! „Цаката“ лежи во тоа дека овие две работи не се исклучуваат меѓу себе, а за тоа постојат две причини.
Првата причина всушност се крие во тоа како се дефинира концептот за граматички падеж кога се зборува за кој било јазик, концепт што е патем особено збунувачки за луѓе чиј мајчин јазик нема падежи, како македонскиот. Велиме дека во еден јазик има падежи кога именките, заменките и придавките имаат различни форми (најчесто добиваат наставки) во зависност од функцијата во реченицата и начинот на кој се поврзани со останатите зборови во реченицата. Овие форми се сосема задолжителни т.е. дел од граматичките правила на јазикот, па неупотребувањето на падежните наставки води кон неграматички реченици (вистински граматички погрешни, нешто што не е поврзано со прескриптивизмот и стандардниот јазик!).
Ова е тешко да се илустрира со пример на македонски јазик, бидејќи во современиот македонски јазик остатоци од таквиот стар падежен систем има само кај заменките: „Само него го видов, неа не ја видов вчера“; „Само нему му се јавив, нејзе не ѝ се јавив вчера.“ Кога ја употребуваме заменката „тој“ како директен предмет, ги користиме формите „него го“, а кога е индиректен предмет ги користиме формите „нему му“ (во примерите ги има и соодветните форми за заменката „таа“). Најблискиот роднина на македонскиот што има падежи е српскиот јазик, па еве неколку примери на српски во кои може да се забележат некои од различните форми на името Марија:
Марија ми је донела књигу. (Марија ми донесе книга)
Данас сам видела Марију. (Денеска ја видов Марија)
Марији сам купила поклон. (Ѝ купив подарок на Марија)
Во првата реченица Марија се јавува во улога на подмет односно вршител на дејството; во втората е директен предмет, а во третата индиректен предмет. Изборот на наставката зависи единствено од функцијата на зборот во реченицата. Ако ги погледнеме преводите на овие три реченици, веднаш ги забележуваме падежните остатоци во формите на кратките заменки за директен и индиректен предмет (ја видов / ѝ купив), плус предлогот на кој е всушност дел од индиректниот предмет во третата реченица. Меѓутоа, формата на именката не се менува, односно не се додава наставка, па во сите три реченици формата е Марија.
Но добро, да се вратиме на вокативот! Тој традиционално се смета за падеж бидејќи во јазиците кои имаат развиен падежен систем, вокативот се издвојува со посебни наставки за искажување на функцијата обраќање или повикување. Сепак, вокативот се разликува од останатите падежи бидејќи неговата употреба не е во зависност од другите зборови, туку упатува на ситуацијата „надвор“ од самата реченица т.е. на тоа на што му се обраќаме со исказот. Ова е нешто што важи за сите јазици, бидејќи обраќањето во суштина не е дел од реченицата, туку еден вид нејзин „додаток“ (и токму затоа во многу јазици се користи во комбинација со запирка!). Поврзано со тоа, терминот „вокатив“ се користи и во јазиците што немаат различни вокативни форми, како англискиот, кога се мисли на функцијата обраќање.
Конечно, втората причина за тоа зошто вокативот не го сметаме за„вистински“ падеж е специфична за неговата употреба во современиот македонски јазик. Еднаш веќе пишуваме за тоа дека само кај именките има посебни вокативни форми, и тоа не кај сите. Покрај тоа, за „статусот“ на вокативот е уште поважно тоа дека употребата на вокативната форма е честопати незадолжителна, туку по избор на зборувачот, бидеќи функцијата за обраќање се пренесува и без неа: помеѓу „Стефан, дојди малку!“ и „Стефане, дојди малку!“ нема разлика во значењето, туку само во стилот и во додадената емоционална нијанса. Исклучок кон ова се само најчесто употребуваните вокативни форми како професоре, наставничке, мамо, Боже, господине, госпоѓо итн., кои се неутрални и ги доживуваме како задолжителни, бидејќи без нив реченицата звучи неправилно: „Се извинувам, професор“ или „Бог, дај ми сила!“.
Значи, да заклучиме: македонскиот јазик нема падежи и поради тоа е (заедно со бугарскиот) единствен словенски јазик без падежи, но сепак има падежни остатоци во заменскиот систем (кои се задолжителни) и кај некои именки (некои од нив се задолжителни, а некои не).
Мајчин јазик се нарекува јазикот што ја придружува личноста од нејзиното раѓање или од многу рана возраст. Најчесто тоа е јазикот што личноста го користи највешто и најинтуитивно во сите или речиси сите области од својот живот, и кој умее спонтано да го употребува во секоја прилика. Од друга страна, човек што израснал со одреден јазик се нарекува роден говорител на тој јазик. Лингвистите може да дознаат многу за јазикот што го проучуваат со анализа на начинот на кој зборуваат родените говорители и на нивните јазични навики.
Интересно е да се забележи дека една личност може да има повеќе од еден мајчин јазик. Тоа се должи на околностите во кои детето се родило и израснало; тоа се случува, на пример, кога родителите немаат ист мајчин јазик, или пак кога детето ќе се роди во држава во која се зборува јазик различен од тој на родителите. Во такви случаи, детето расте со најмалку два јазика што интензивно ги користи и најчесто точно знае со кој од возрасните кој јазик може да го користи за успешно да комуницира. Во случаи во кои и двата јазика се мајчини јазици на детето, станува збор за билингвалност (најчесто се мисли на јазиците усвоени до четиригодишна возраст). И покрај тоа што детето активно ги користи и двата јазика, најчесто едниот јазик е доминантен, па го користи поспонтано и во повеќе ситуации.
На пример, да си замислиме дека Софи се родила во Франција, во семејство во кое мајчиниот јазик на едниот родител е француски, а на другиот шпански. Јазичниот развој на Софи може да тече во две насоки:
Доколку и двајцата родители дома зборуваат француски (со Софи и меѓу себе), нејзиниот мајчин јазик ќе биде француски, бидејќи тоа е јазикот што го слуша и користи и дома и во околината.
Доколку родителот што зборува шпански одлучи да го користи својот мајчин јазик со Софи, па во домот се користат и двата јазика (секој родител ѝ зборува на Софи на својот мајчин јазик, меѓу себе зборуваат на француски, а таа ги користи и двата јазика) – во тој случај таа ќе порасне со два мајчини јазици. Сепак, најверојатно францускиот ќе ѝ биде доминантен јазик, бидејќи го слуша и дома (со едниот родител и кога тие зборуваат меѓу себе) и во околината (во градинка, во продавница, на телевизија итн.).
Во лингвистиката мајчиниот јазик често се нарекува и прв јазик, а наспроти него, многу луѓе имаат и втор јазик. Ова е концепт различен од мајчиниот јазик, бидејќи се работи за доминантниот јазик на општеството, кој поединецот го стекнува малку подоцна во животот и како дел од социјализацијата, на пример во текот на образовниот процес. Кој јазик ќе биде прв, а кој втор, како и тоа кој јазик ќе биде доминантен во животот на поединецот зависи од многу фактори: што се зборува дома, низ каков образовен систем поминало детето, каков е статусот на одреден јазик во државата во која живее и уште многу други околности. Покрај тоа, сосема трет и посебен концепт во лингвистиката претставува изучувањето странски јазик,кој најчесто не се зборува во општеството во кое живее личноста, па затоа за да го научи треба свесно да се потруди.
Ако се вратиме на примерот со Софи, може да си замислиме ситуација во која целото семејство се сели во Германија и таа дури таму почнува да оди на училиште. Во тој случај германскиот многу брзо станува нејзин втор јазик, бидејќи на него се образова и се социјализира со врсниците (дури и ако дома никогаш не зборува на германски со родителите). Подоцна Софи во кој било момент може да одлучи да изучува и некој дополнителен странски јазик, на пример јапонски, на курс.
Мајчиниот јазик игра важна улога при учењето странски јазици, бидејќи од јазичните особености што ни се на располагање во него зависи како ќе ги протолкуваме и научиме појавите во другите јазици. Покрај тоа, мајчиниот јазик влијае и врз тоа кои гласови ќе ни бидат најприродни за изговор, бидејќи нашиот говорен апарат многу рано се приспособува за најлесно да ги создава звуците на нашиот мајчин јазик.
Досега зборувавме за мајчиниот јазик на поединецот, но може да се зборува и за мајчиниот јазик во рамките на едно општество. Кога во една држава живеат луѓе што имаат различни мајчини јазици, станува збор за двојазичност или повеќејазичност на ниво на целото општество. Ова е многу честа и природна појава, која постои уште од првите контакти меѓу различните народи т.е. јазични заедници. Бидејќи мајчиниот јазик е тесно поврзан со идентитетот на поединците и на општествените групи, прашањето како да се регулира и да се почитува повеќејазичноста во одредена држава треба секогаш внимателно да се разгледува.
Во современото општество сѐ повеќе луѓе секојдневно користат повеќе од еден јазик, дури и ако не им е мајчин јазик или не го зборуваат течно. Постојат најразлични причини за учење странски јазици и различни околности што водат кон билингвалност, па тешко е да се разграничат сите појави и комбинации. Затоа често вреди секој случај да се разгледува посебно – како примерот со Софи. Меѓутоа, мајчин јазик имаат баш сите што пораснале во заедница со други луѓе, што значи дека со самото тоа што сме дел од општеството „добиваме“ најмалку еден јазик!
На денот на македонскиот јазик и на македонската азбука ви претставуваме осум интересни податоци поврзани со македонската азбука!
1. Различни кирилици
Сигурно веќе знаете дека повеќе словенски јазици користат кирилица, но дали знаете кои се буквите што денеска се користат само во македонската кирилица? Тоа се буквите Ѓ, Ќ и Ѕ! Буквата Ѕ постоела и во старословенската кирилица, која веќе не се користи. На следниов дијаграм се прикажани деветте словенски кирилици и буквите што се исти и се разликуваат меѓу сите нив. Патем, постојат и многу несловенски јазици што користат свои приспособени кирилици, особено јазиците што се зборуваат на териториите на поранешниот СССР.
(при составувањето на овој дијаграм бевме инспирирани од еден многу сличен)
2. Најчестата буква на почеток на зборот
Во Толковниот речник на македонскиот јазик (издаден во шест тома од 2003 до 2014 година, a од многу скоро достапен и во електронско издание) како почетна буква најчесто се наоѓа буквата П, на која ѝ е посветен целиот четврти том на Речникот. Ова се должи (меѓу другото) на големиот број зборови изведени со префиксите по-, под-, пра-, пре-,пред-, при-, про-, против– итн.
3. Мали и големи, печатни и ракописни букви
Дали знаевте дека во печатното писмо на македонската азбука постојат само три случаи во кои малата и големата буква се разликуваат по форма? Тоа се А (а), Б (б) и Е (е). Ова е една од причините зошто при описменувањето на училиште малите и големите печатни букви се усвојуваат истовремено! Дури откако децата ќе ги научат печатните букви, почнуваат со усвојување на ракописните букви.
4. Предавање на македонското писмо со латиница
Поради специфичните букви во македонската азбука, не постои само еден единствен начин на кој може да се пренесе македонското писмо на латиница. Според Правописот на македонскиот јазик (стр.169), постои а) традиционален начин во кој се користат дијакритички знаци (цртички над буквите) и б) пренесување што се користи кај личните имиња во официјалните документи (без дијакритички знаци).
а) Традиционален начин
б) Кај личните имиња во официјалните документи
5. Македонски кирилични фонтови
Во современиот дигитален свет во кој живееме, фонтовите се од голема важност. Постојат многу кирилични фонтови, но важно е да се знае дека во ракописното македонско кирилично писмо некои букви изгледаат различно од нивните соодветни знаци во руската кирилица (која има најмногу корисници, па затоа постојат и најмногу фонтови). На пример, една голема разлика може да се забележи во буквите п и т, како што се гледа во следнава табела:
Иако фонтовите строго земено не се дел од лингвистиката, вреди да се нагласи дека во овие случаи конвенциите на различните јазици се разликуваат. Со помош на двете букви погоре лесно може да проверите дали кириличниот фонт што сте го избрале ја претставува македонската кирилица.
6. Гласови наспроти букви
Писмото претставува графички приказ на јазикот што го зборуваме. Во стандардниот македонски јазик има 31 глас*, а бидејќи правописот на македонскиот јазик е фонетски, односно гласовите се бележат така како што се изговараат,во македонската азбука има исто толку букви: 31. Но, тоа не е така во сите јазици! На пример, во англискиот јазик, буквата C се чита различно во зборовите castle и nice. Или, од друга страна, во германскиот јазик постојат четири начини да се запише гласот „aј“како во зборот Mai. Гласовите во јазикот се неговите составни делови, а буквите и писмото се прашање на конвенција.
*Технички, тука станува збор за 31 фонема, а за разликите помеѓу глас и фонема допрва ќе пишуваме!
7. Азбука и кирилица
Зборот „азбука“ потекнува од имињата на првите две букви во најстарото словенско писмо, глаголицата: Ⰰ („аз“) и Ⰱ („буки“), со значење јас и букви, соодветно. Кирилицата со која денес се служиме го добила името во чест на Св. Кирил. Кога се зборува за кирилицата може да се чујат две придавки: кирилично или кирилско писмо. Сепак, кирилско писмо звучи како Кирил да бил тој што ја составил кирилицата, но тоа не е точно (тој ја составил глаголицата); затоа почесто се користи изразот кириличнописмо (во кој придавката е изведена од кирилица).
8. Панграми
Панграм претставува реченица што ги содржи сите букви од азбуката, а за најуспешен се смета оној во кој буквите се повторуваат колку што е можно поретко. Редакцијата на „Окно“ досега има објавено три конкурси за најдобар панграм на македонски јазик, а на интернет постои дури и бројач со кој може да проверите дали вашиот панграм навистина ги содржи сите букви и колку од нив се повторуваат. Како интересен пример го избравме следниов панграм на Новица Наков: Желката Љуба музицира на харфа читајќи го Његош, а песот Ѓоше се џари во ѕвезди.
Забелешка: Во првата верзија на овој текст имаше грешка во дијаграмот (како дел од русинската азбука беше претставена буквата ѣ, која веќе не се употребува), но сега е поправена. Му благодариме на читателот што ни ја посочи грешката!
Кога пред неколку месеци пишувавме за јазичниот пуризам, во дискусијата што ја поттикнавме се појави и едно одлично прашање: дали кај нас постои некаква институција што го регулира создавањето нови зборови за поимите за кои дотогаш сме немале збор? Оваа тема заслужува посебен текст, па ајде да ја отвориме!
Во општествата на големите светски јазици често постојат институции со цел редовно и ажурно збогатување на стандардниот јазик според потребите на луѓето. Поголемиот дел од ваквите регулаторни тела се ригидни и се стремат кон јазичен пуризам, но постојат и такви што се поотворени кон промени и ја следат вистинската употреба на живиот јазик. На пример, Француската академија (Académie française) ги нормира сите нови зборови што навлегуваат во јазикот и директно го контролира влијанието на другите јазици врз стандардниот француски јазик. Од друга страна, во ниедна од државите на англиското јазично подрачје не постои државно регулаторно тело од тој вид, но затоа за зборовите што стануваат дел од стандардниот јазик одлучуваат големите издавачи како Оксфорд и Кембриџ. Тие се водат по дескриптивистички принципи, па внимателно ја следат јазичната употреба и во своите речници редовно внесуваат нови зборови.
Институцијата задолжена за редовно и ажурно збогатување на македонскиот стандарден јазик е Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, во чија надлежност (меѓу другото) спаѓаат и издавањето разни речници, ажурирањето на правописот и сл. Иако издавањето такви материјали е од неспорна важност, во нашето општество е неопходно и поактивно да се следат актуелните јазични промени, потребите од нови зборови и прашањата околу нивната правилна употреба во стандардниот јазик. Причините за недоволната активност на Институтот се сигурно многубројни – недостиг на средства, кадар, добра организација итн. Меѓутоа, без оглед на причините, недостигот од такви активности навистина се чувствува и има свои последици, особено во време на големи општествени промени, кои секогаш носат нови концепти што треба да добијат свое име.
Зошто спомнуваме редовност и ажурност? Кога луѓето се соочуваат со нови предмети и појави, ако веќе знаат дека постои збор во друг јазик што точно го опишува дадениот концепт, многу е полесно да го преземат тој збор отколку да сковаат нов. Во современото општество комуникацијата се одвива толку брзо, што нема време да се чека новите изрази да добијат нечие одобрување. Со други зборови, јазикот се менува преку неговата употреба, а не може да се направи пауза и тој да се „замрзне“ за да се извршат интервенции што ќе бидат поприфатливи за неговите корисници. Всушност, од гледна точка на лингвистиката, не може да го негираме постењето на ниту еден збор ако има многу луѓе што го користат, дури и кога нам лично воопшто не ни се допаѓа. Но, тоа што може да се направи (преку соодветната институција) е да се предложи некаква алтернатива што е можно поскоро, која на тој начин би добила шанса да се натпреварува со формата која е „непожелна“.
На пример, во текот на последнава година се случија драстични промени во начинот на кој комуницираме во секојдневниот живот, бидејќи моравме сета комуникација да ја префрлиме на интернет. Ова го подразбираше и образовниот процес во кој се вклучени илјадници деца и наставници во целата држава. Со новите платформи за држење настава на далечина се јави потреба од еден цел нов вокабулар поврзан со софтверот за видеоповици, кој не беше преведен на македонски кога почна да се употребува на државно ниво. Како резултат на тоа, вистинската потреба да се зборува за различни функции на платформата ја задоволија зборови како: шерне, мјутне, кикне, скрин итн. Цела година подоцна, сѐ уште се слушаат критики во однос на тоа како учениците го користат јазикот за време на дигиталната настава, иако решение не е понудено од ниту една страна (вклучувајќи го и Министерството за образование и наука, кое е одговорно за образовниот процес). Дури и да се понуди некакво решение, сега е веќе предоцна, бидејќи англиските зборови се веќе зацврстени во секојдневната употреба на илјадници млади луѓе во државата.
Што можеме да направиме сите ние како поединци? Проактивност во однос на стандардниот јазик не треба да покажуваат само вработените во ИМЈ или МОН, туку сите што професионално се занимаваат со употребата на стандардниот јазик – новинарите, уредниците, преведувачите, лекторите, професорите… Сепак, многу би било полесно за сите кога препораките за употребата на нови зборови би биле институционално регулирани, бидејќи така може и најлесно да се следат. Иако слушаме многу критики за јазикот што го користат најмладите, важно е да се нагласи дека вината не е кај нив; фактот дека се работи за толку широка употреба посочува дека постои очигледен системски недостиг во работата на институциите што мора да се надомести.
Кога пишувавме за јазичниот прескриптивизам и пуризам, нагласивме дека стандардниот јазик е само една од варијантите на еден јазик:
„Стандардниот јазик во општеството служи како неутрален јазик на образованието и официјалната комуникација, но за лингвистите тој не е „подобар“ или „поправилен“ од другите варијанти на јазикот (разговорниот јазик и дијалектите). Употребата на стандардниот јазик во секој случај мора да се регулира и во тоа клучна улога имаат лекторите, но нивните интервенции мора да се ограничат само на ситуациите во кои се употребува стандардниот јазик.“ (извор)
Јазикот на еден народ го сочинуваат и стандардниот јазик и сите нестандардни варијанти што ги користат луѓето што го зборуваат тој јазик како мајчин, па така:
„Тоа што некој збор е нестандарден или од туѓо потекло не значи дека не е македонски; ако голем број луѓе го употребуваат, тогаш е дел од јазикот, сакале ние или не. Покрај тоа, факт е дека секој има право во својот говор да ги користи само зборовите што му се допаѓаат, но тоа не значи и дека смее да го осудува или поправа јазикот на другите луѓе.“ (извор)
Во овој дијаграм се набројани некои елементи на сѐ она што претставува јазик – иако списокот не е исцрпен! – а сите тие дополнително си влијаат едни на други.
Сите овие форми и варијанти на јазикот се сосема легитимни, но важно е да знаеме да разграничиме во кои случаи каква варијанта на јазикот треба да се користи – стандардна или нестандардна. Во секојдневниот живот е сосема вообичаено да користиме разговорен јазик, дијалект, заемки од странски јазици и сл., особено кога зборуваме со пријатели и познаници, или, пак, се наоѓаме во неформална ситуација (во продавница, во автобус, на пазар…). Дури и во рамки на разговорниот јазик постојат разлики во начинот на кој се изразуваме во зависност од соговорниците, целта на комуникацијата, расположението… Но, исто толку важно е и да се почитуваат ситуациите во кои навистина мора да се потрудиме и правилно да го употребуваме стандардниот јазик, како на пример кога сме вклучени во образованието (без оглед дали како ученици или како наставници), кога даваме пишана или усна изјава за медиумите, кога официјално претставуваме некоја организација итн.
Вистина е дека денеска во Македонија свесноста за употребата на стандардниот јазик не е на завидно ниво, и тоа особено паѓа в очи во медиумите, книгите што се печатат без соодветна лектура, јазикот на политичарите… Сепак, тоа што стандардниот јазик не се користи така како што треба не значи дека треба да се инсистира на негова употреба таму каде што не му е местото. Проблемот со јазичниот прескриптивизам настапува кога строгите правила на стандардниот јазик по секоја цена се спроведуваат и надвор од него. Во сите ситуации во кои треба да се трудиме да го употребуваме стандардниот јазик најдобро што можеме, мора да внимаваме на правилата на правописот или правоговорот. Меѓутоа, во сите останати ситуации, во ред е да си зборуваме така како што си зборуваме.
Како членови на една јазична заедница потребно е да размислуваме за тоа како го користиме јазикот и ние и другите околу нас. Ова не е едноставна тема што може да се отвори и да се затвори во кратко време, туку нешто за што ќе треба да се развие свест и постојана дискусија. Начинот на кој зборуваме за јазикот треба да вклучува разбирање за разликите меѓу зборувачите и почит кон сечие право да зборува така како што сака на својот мајчин јазик.
Таквата свесност е истовремено одговорност и на секој поединец и на целото општество. Јазикот што го користат јавните личности, новинарите, наставниците итн. би требало да биде пример за тоа каков начин на изразување е соодветен во секоја ситуација. Освен тоа, потребно е сите варијанти на јазикот (стандарден јазик, дијалекти, разговорен јазик) да се признаат како еднаквовредни и секоја од нив да го најде своето место и својата функција во општеството. Движењето меѓу различните варијанти во зависност од тоа со кого и каде комуницираме треба да се разбере како нешто најприродно од кое зависи здравиот однос кон јазикот.
Целта на лингвистиката е преку податоци за различните јазици што се зборуваат во светот да извлече заклучоци за човековиот јазик воопшто. Затоа лингвистите ги проучуваат сличностите меѓу јазиците, но и разликите меѓу нив.
Веќе при самото слушање на некој странски јазик може да забележиме некои негови особености, како на пример интонацијата или гласовите што ги содржи. Гласовитесе најмалата единица на говорениот јазик. Тешко е да се изброи колку различни гласови можат да произведат говорните органи на човекот, но факт е дека секој човеков јазик содржи само подмножество од сите гласови што може да се изговорат. Интересно е дека нашите говорни органи се навикнати пред сѐ да ги произведуваат гласовите што ги содржи нашиот мајчин јазик – тоа е и една од причините зошто имитирањето на звуците на други јазици може да биде предизвик за некои луѓе. На пример, гласот [m] што го слушаме на почетокот на зборот месечина е дел од речиси сите светски јазици, но постојат гласови, т.н. кликови, кои се дел од само некои јазици што се зборуваат на југот на Африка.
Информациите што ги содржи одредена форма на зборот се нарекуваат граматички категории. На пример, формата свеќите содржи граматички информации својствени за именките во македонскиот јазик, па за оваа форма може да кажеме дека е: во женски род (според категоријата род), во множина (според категоријата број) и определена (според категоријата определеност). Формата прочитавте содржи граматички податоци својствени за македонскиот глагол: второ лице (според категоријата лице), множина (според категоријата број), свршен (според категоријата вид) и минато определено време (според категоријата време). Но, овие неколку граматички категории не се наоѓаат во сите јазици во светот, а постојат и други. Во унгарскиот јазик, на пример, именките не разликуваат граматички род, додека кај глаголите постои уште една (многу ретка) граматичка категорија: определеност. Освен тоа, како што веќе посочивме кај македонскиот и кај бугарскиот јазик, комуникативните потреби на зборувачите на одреден јазик може да доведат до развивање на нови граматички конструкции и граматички категории, или на губење на некои од старите.
Jазиците се разликуваат и во однос на зборовите што ги содржат. Еден важен извор на нови зборови во јазикот е зборообразувањето, при кое од веќе постојни елементи се создава нов збор со ново значење (на пример трка + -ач → тркач). Покрај тоа, бидејќи јазиците често се наоѓаат во меѓусебен контакт, вообичаено е да позајмуваат зборови едни од други. Проучувањето на зборовите во различните јазици е особено интересно кога се работи за зборови што означуваат специфични делови од културата на еден народ: храна, обичаи, животни и растенија, облека и сл. Историски гледано, кога две различни култури доаѓаат во контакт, таквите зборови најчесто се позајмуваат од еден во друг јазик за да се доловат предметите и концептите што едната култура ги нема. Предметите и концептите често патуваат заедно со нивните имиња; така на пример, името на бананата потекнува од волофскиот јазик, кој се зборува во Западна Африка, но зборот денеска се користи во целиот свет, бидејќи се раширил заедно со овошјето.
Може да се заклучи дека (не)постоењето на конкретен збор во еден јазик е важно за културата и народот што го зборува тој јазик, бидејќи е одраз на неговите потреби. Во одреден јазик можеме да очекуваме да сретнеме зборови за предмети и појави за кои често се зборува и што се дел од секојдневието на луѓето. Од друга страна, кога зборувачите на еден јазик се соочуваат со нешто ново, потребата да зборуваат за него е толку силна што луѓето секогаш наоѓаат начин да создадат нов збор што ќе го користат.
Покрај горенаведените разлики што произлегуваат од самите јазици, постојат и разлики што се прашање на конвенција, како на пример писмото на кое се пишува и правописот. Така, според правописот на македонскиот јазик во основа се пишува онака како што се говори (односно правописот е фонетски), додека правописот на некои други европски јазици се базира на различни принципи, кои не се секогаш очигледни. Англискиот јазик, на пример, сѐ уште се пишува така како што се изговарале зборовите пред неколку века, односно сегашниот англиски правопис не ги бележи промените во изговорот што се случиле оттогаш (на пример зборот feet пред околу 700 години навистина се изговарал „феет“!).
Ова се само некои полиња на кои јазиците се разликуваат, а постојат уште многу други. И покрај голем број заеднички тенденции, човековите јазици се богати и разновидни во секој поглед. Тоа што во еден јазик се наоѓа некој глас, збор или некоја граматичка категорија помалку или повеќе не е ниту добро ниту лошо, туку само различно. Тоа што еден јазик не го разликува на едно поле, го надоместува со подетални дистинкции на друго поле, па затоа не постои јазик што е апсолутно сложен или апсолутно едноставен. Дали некој јазик е потежок или полесен за изучување зависи од повеќе фактори, а меѓу нив важна улога играат особеностите на нашиот мајчин јазик, јазиците што претходно сме ги совладале, мотивацијата и методите на учење.
Едноставно немаме доволно зборови на македонски, таков ни е јазикот, сиромашен…
Англискиот е најбогатиот јазик на светот, на англиски има збор за сѐ!
Сите сме ги чуле ваквите ставови кон јазикот, без оглед дали се работи за нашиот мајчин или за некој странски јазик. Тие се најчесто изразени во комбинација со чувство на немоќ или, во обратниот случај, надмоќ. Но дали може објективно да се каже дека некои јазици се побогати од другите?
Човековиот јазик служи за изразување на тоа што го мислиме и чувствуваме на начин што е разбирлив и за другите луѓе, па затоа овозможува комуникација и пренесување информации. Од ова следува дека секој човеков јазик има потенцијал да изрази сѐ што им е потребно на неговите зборувачи. Јазиците се разликуваат во многу аспекти и секој јазик има свои особености во однос на начинот на кој се изразуваат различни концепти, меѓутоа значењето на тоа што е искажано секогаш може да се пренесе од еден јазик на друг. Еве еден пример што често го слушаме: англискиот збор uncle покрива три значења што ги разликуваме во македонскиот јазик: чичко/стрико, вујко и тетин. Но, тоа што за вујко не постои единствен збор на англиски јазик, не значи дека не може да се преведе, туку само дека мора да се искористи описен превод (на пр. my mother’s brother или my uncle on my mother’s side). Сѐ што е кажано на еден јазик може да се изрази и на друг, иако можеби за тоа ќе бидат потребни повеќе зборови и описи.
Ставот дека некој јазик е сам по себе подобар од останатите јазици не е нешто што може да се поткрепи со научни факти, па затоа во лингвистиката не ги споредуваме јазиците на таков начин. Секако, сите имаме субјективни чувства и ставови кон различните јазици, па може да кажеме дека нам лично најубаво ни звучи одреден јазик, но нема смисла да тврдиме дека тој е објективно најубав.
Некои работи поврзани со јазикот може да се мерат и да се споредуваат, но ниеден јазик нема поголема апсолутна вредност од кој било друг. Може, на пример, да кажеме дека некој јазик се смета за покорисен од другите во рамки на одредено општество и во дадена ера, ако се работи за јазикот што го зборува мнозинството или, пак, за службениот јазик. Може да се споредува бројот на гласови (согласки и самогласки), бројот на зборувачи (како мајчин и како странски јазик), па дури и бројот на зборови – иако претставува предизвик да се определи точниот број на зборови во еден јазик (на пример, ако некој збор го користат само сто луѓе, дали треба да го броиме како збор во јазикот?). Фондот на зборови во јазикот зависи и од тоа колку содржини се создаваат на тој јазик (книги, научни и новинарски статии, телевизиски и радиоемисии итн.), бидејќи секогаш кога се зборува и пишува на нови теми мора да настанат и да се изнајдат нови зборови и термини. Затоа не е изненадувачки фактот дека на англиски постои терминологија во секоја современа област, бидејќи на овој јазик најмногу се создава и издава. Ова не значи дека англискиот јазик е супериорен во однос на другите; всушност секој јазик како средство за комуникација има неограничен потенцијал за изразување, но колку од тој потенцијал ќе се оствари зависи од неговите зборувачи.
Да направиме една кратка споредба помеѓу два сродни, а различни јазика: македонски и словенечки. Некој можеби би помислил дека македонскиот јазик е „посиромашен“ од словенечкиот бидејќи именките во македонскиот не се менуваат по падежи, додека словенечкиот е „богат“ бидејќи има шест падежи. Освен тоа, во словенечкиот постои и трет граматички број покрај еднината и множината (наречен двоина)! Меѓутоа, иако македонските именки имаат само еднина и множина и немаат посебни падежни форми, кај нив се наоѓа нешто што словенечките именки го немаат, а тоа е определениот член. Покрај тоа, македонскиот јазик е многу „богат“ со глаголски времиња, додека во словенечкиот постојат четири од кои само три се во секојдневна употреба. Вакви споредби може да се прават помеѓу многу различни јазици и секогаш се доаѓа до истиот заклучок: тоа што еден јазик го изразува поедноставно на едно поле, го надоместува со други посложени структури на друго поле.
За крај, важно е да се запомни дека јазичното „богатство“ не е јазична категорија, туку само личен став. Кога во лингвистиката се прави споредба помеѓу два јазика, научно и објективно се разгледуваат нивните особини и секогаш во даден контекст, но без субјективно да се вреднува кој јазик е „подобар“ од другиот.
Освен зборовите во јазикот, кои може да се менуваат прилично брзо, и граматиката и гласовниот систем се подложни на промени, и тоа е така во сите јазици.
До јазични промени доаѓа поради разни фактори, кои може да произлегуваат од суштинските особености и тенденции на човековите јазици, од начинот на кој луѓето го користат јазикот, како и од контактот помеѓу различните јазици или дијалекти што ги зборуваат различни заедници.
Така, како корисници на кој било човечки јазик, сите несвесно се стремиме да изразиме што е можно повеќе со што е можно помалку напор. Оваа тенденција може да го објасни, на пример, испуштањето на некои гласови во разговорниот јазик: што → шо, сега → сеа. Од друга страна, пак, сакаме тоа што го кажуваме да биде јасно и недвосмислено, дури и под услов да ни требаат повеќе зборови. На пример, во македонскиот постои удвојување на предметот: Ја гледам книгата, иако во други јазици доволно е предметот да се каже само еднаш (Vidim knjigu; I see the book). На тој начин овие процеси се во постојан натпревар – на едната страна се наоѓаат принципите на јазична економија и леснотија на изговор, наспроти стремежот кон јасност и недвосмисленост на другата страна.
Друг многу чест начин на кој јазиците се менуваат е по аналогија. Јазичните промени по аналогија се случуваат кога одредена јазична форма се менува за да ги следи истите правила како друга форма што ѝ е слична по облик или по значење. Пример за тоа се зборообразувачките процеси поврзани со именките ден и ноќ, кои се значенски поврзани. Иако ден во стандардниот македонски јазик е именка од машки род, во народниот јазик често се користи во женски род, па по аналогија со ноќ → ноќта среќаваме и ден → дента. Ова е особено очигледно во прилози како утредента. Аналогијата е силен принцип, кој има тенденција да го поедностави и изедначи системот и да ги приспособи формите што отстапуваат од шемата. Во конкретниов пример, со членување на ден како да е женски род (дента), именката може да се користи како прилог, по аналогија на ноќта.
Што значи за корисниците на еден јазик фактот дека тој се менува?
Повеќето зборувачи на еден јазик ги доживуваат јазичните промени како нешто негативно, односно сметаат дека тие водат до пропаѓање и уништување на јазикот. Ст(р)авот дека јазикот на новите генерации станува нешто непрепознатливо и непосакувано е нешто што постоело отсекогаш и веројатно ќе постои и во иднина. Постојат дури и историски записи што сведочат дека учени луѓе изразувале загриженост за форми во јазикот што за нив биле нови, а денес се сосема нормален и неспорен дел од јазикот. Некои причини за ваквото размислување се носталгијата, општиот страв од промени, загриженоста за „чистотата“ на јазикот, класните предрасуди и верувањето дека некои јазици се едноставно подобри од некои други.
Постои и гледиштето дека јазичните промени водат до некој „повисок стадиум“ на развојот на еден јазик. Вака размислувале пред сѐ некои филолози од 19 век, кои го споредувале јазикот со жив организам што еволуира, сѐ додека не достигне некој естетски идеал на пишан литературен јазик (лингвистот Ото Јесперсен, на пример, сметал дека упростувањето на англискиот јазик води кон негово подобрување). Иако споредбата на јазикот со живо суштество што постојано се менува е многу привлечна, факт е дека јазикот не е живо суштество бидејќи не може да се менува сам од себе. Сѐ што се случува во јазикот е нераскинливо поврзано со човекот; нашиот јазик зависи од нашите потреби да се изразиме онака како што сакаме.
Современите лингвисти гледаат на јазичните промени објективно: јазикот ниту се уништува, ниту еволуира, туку едноставно се менува, како што истовремено се менуваат и луѓето, технологијата, предметите што нѐ опкружуваат, општествата и заедниците во кои се движиме. Лингвистите ги следат јазичните процеси со голем интерес, бидејќи од нив може да се дознае многу за промените во сите области од нашите животи. Токму затоа, промените во јазикот не се нешто ново и загрижувачко, туку сведочат за неговата виталност како систем за комуникација што постојано се менува за да може да одговара на потребите на неговите корисници.