Јазичен мит: „Јазикот ни е сиромашен“

Едноставно немаме доволно зборови на македонски, таков ни е јазикот, сиромашен…

Англискиот е најбогатиот јазик на светот, на англиски има збор за сѐ!

Сите сме ги чуле ваквите ставови кон јазикот, без оглед дали се работи за нашиот мајчин или за некој странски јазик. Тие се најчесто изразени во комбинација со чувство на немоќ или, во обратниот случај, надмоќ. Но дали може објективно да се каже дека некои јазици се побогати од другите?

Човековиот јазик служи за изразување на тоа што го мислиме и чувствуваме на начин што е разбирлив и за другите луѓе, па затоа овозможува комуникација и пренесување информации. Од ова следува дека секој човеков јазик има потенцијал да изрази сѐ што им е потребно на неговите зборувачи. Јазиците се разликуваат во многу аспекти и секој јазик има свои особености во однос на начинот на кој се изразуваат различни концепти, меѓутоа значењето на тоа што е искажано секогаш може да се пренесе од еден јазик на друг. Еве еден пример што често го слушаме: англискиот збор uncle покрива три значења што ги разликуваме во македонскиот јазик: чичко/стрико, вујко и тетин. Но, тоа што за вујко не постои единствен збор на англиски јазик, не значи дека не може да се преведе, туку само дека мора да се искористи описен превод (на пр. my mother’s brother или my uncle on my mother’s side). Сѐ што е кажано на еден јазик може да се изрази и на друг, иако можеби за тоа ќе бидат потребни повеќе зборови и описи.

Ставот дека некој јазик е сам по себе подобар од останатите јазици не е нешто што може да се поткрепи со научни факти, па затоа во лингвистиката не ги споредуваме јазиците на таков начин. Секако, сите имаме субјективни чувства и ставови кон различните јазици, па може да кажеме дека нам лично најубаво ни звучи одреден јазик, но нема смисла да тврдиме дека тој е објективно најубав.

Некои работи поврзани со јазикот може да се мерат и да се споредуваат, но ниеден јазик нема поголема апсолутна вредност од кој било друг. Може, на пример, да кажеме дека некој јазик се смета за покорисен од другите во рамки на одредено општество и во дадена ера, ако се работи за јазикот што го зборува мнозинството или, пак, за службениот јазик. Може да се споредува бројот на гласови (согласки и самогласки), бројот на зборувачи (како мајчин и како странски јазик), па дури и бројот на зборови – иако претставува предизвик да се определи точниот број на зборови во еден јазик (на пример, ако некој збор го користат само сто луѓе, дали треба да го броиме како збор во јазикот?). Фондот на зборови во јазикот зависи и од тоа колку содржини се создаваат на тој јазик (книги, научни и новинарски статии, телевизиски и радиоемисии итн.), бидејќи секогаш кога се зборува и пишува на нови теми мора да настанат и да се изнајдат нови зборови и термини. Затоа не е изненадувачки фактот дека на англиски постои терминологија во секоја современа област, бидејќи на овој јазик најмногу се создава и издава. Ова не значи дека англискиот јазик е супериорен во однос на другите; всушност секој јазик како средство за комуникација има неограничен потенцијал за изразување, но колку од тој потенцијал ќе се оствари зависи од неговите зборувачи.

Да направиме една кратка споредба помеѓу два сродни, а различни јазика: македонски и словенечки. Некој можеби би помислил дека македонскиот јазик е „посиромашен“ од словенечкиот бидејќи именките во македонскиот не се менуваат по падежи, додека словенечкиот е „богат“ бидејќи има шест падежи. Освен тоа, во словенечкиот постои и трет граматички број покрај еднината и множината (наречен двоина)! Меѓутоа, иако македонските именки имаат само еднина и множина и немаат посебни падежни форми, кај нив се наоѓа нешто што словенечките именки го немаат, а тоа е определениот член. Покрај тоа, македонскиот јазик е многу „богат“ со глаголски времиња, додека во словенечкиот постојат четири од кои само три се во секојдневна употреба. Вакви споредби може да се прават помеѓу многу различни јазици и секогаш се доаѓа до истиот заклучок: тоа што еден јазик го изразува поедноставно на едно поле, го надоместува со други посложени структури на друго поле.

За крај, важно е да се запомни дека јазичното „богатство“ не е јазична категорија, туку само личен став. Кога во лингвистиката се прави споредба помеѓу два јазика, научно и објективно се разгледуваат нивните особини и секогаш во даден контекст, но без субјективно да се вреднува кој јазик е „подобар“ од другиот.

Осум особини на бугарскиот стандарден јазик што ги нема во македонскиот стандарден јазик

Во претходниот текст разгледавме некои особини на стандардниот македонски јазик што ги нема во стандардниот бугарски јазик. Иако во двата јазика постојат многу особини по кои се разликуваат, одлучивме предмет на споредба да ни бидат структурните разлики меѓу македонскиот и бугарскиот, бидејќи токму во нив се гледа нивниот различен историски развој. Овојпат издвојуваме осум интересни појави со кои се одликува бугарскиот стандарден јазик, а кои не се среќаваат во македонскиот стандарден јазик.

1. Шест самогласки

Во гласовниот систем на македонскиот стандарден јазик јасно се разграничуваат пет самогласки, додека во бугарскиот стандарден јазик постојат шест. Таа шеста самогласка во бугарскиот јазик се изговара слично на гласот што во македонскиот стандарден јазик се бележи со апостроф (). Ако употребиме пример од македонскиот јазик, тоа е самогласката во првиот слог на зборот к’смет, која звучи како „затемнето“ а (затоа се нарекува темен глас). Во бугарскиот стандарден јазик оваа самогласка е многу распространета и е целосно рамноправен дел од гласовниот систем. Во македонскиот стандарден јазик таа се појавува прилично ретко и најчесто во зборови од туѓо потекло, па затоа не се смета за дел од гласовниот систем (иако е навистина доста застапена во македонските дијалекти).

  • бугарски: път, сън, България, Въчков (презиме)
  • македонски (за споредба): пат, сон, Бугарија, Вчков

2. „Меки“ и „омекнати“ согласки

Бугарскиот е единствениот јужнословенски јазик во чиј гласовен систем согласките може да имаат т.н. тврда и мека варијанта (особини што не се поврзани со звучноста на согласките). Колку за споредба, во македонскиот јазик за меки гласови се сметаат само ќ, ѓ, њ, љ и ј. Процесот на омекнување на гласовите (палатализација) постоел уште во старословенскиот јазик, но во развојот на македонскиот јазик престанал да се одвива уште многу одамна. Како резултат на тоа, во бугарскиот јазик денеска постојат зборови во кои се јавуваат меки согласки, а на истото место во соодветните зборови во македонскиот јазик тие согласки се тврди (погледнете ги примерите подолу). Покрај тоа, вакво омекнување некогаш се слуша и во говорениот бугарски стандарден јазик, на пример кај согласките по кои следува и или при брзо зборување. 

  • бугарски: бял, вяра
  • македонски (за споредба): бел, вера 

3. Кратка и долга форма на определениот член

Во бугарскиот јазик постојат две форми на определениот член во машки род: долга и кратка форма. Нивната употреба во стандардниот јазик зависи од функцијата на именката (односно именската група) во реченицата. Долгата форма на членот (-ът или –ят) се употребува кога именката од машки род настапува како подмет или именски дел од глаголско-именскиот прирок. Ако именката има друга функција во реченицата (на пример предмет), се користи кратката форма на членот (-а или –я).

Во македонскиот јазик ваква разлика не се прави во ниту еден од трите рода, па за именките од машки род постои само формата –от (покрај, се разбира, другите две форми на тројниот определен член). Всушност, оваа карактеристика на бугарскиот јазик многу потсетува на видливи остатоци од падежниот систем, кој постоел во старословенскиот јазик.

  • бугарски:
    • Професорът е много умен. (именката е во улога на подмет)
    • Видях професора. (именката е во улога на директен предмет)
  • македонски:
    • Професорот е многу паметен.
    • Го видов професорот

4. Менливи форми на честичките ќе и би

Во македонскиот стандарден јазик идните глаголски времиња се образуваат со честичката ќе, а можниот начин со честичката би – при што двете честички се неменливи т.е. ја имаат само таа форма. За разлика од македонскиот јазик, во бугарскиот стандарден јазик идните глаголски времиња и можниот начин се образуваат со менливи форми на помошните глаголи ща и съм соодветно. Така, во зависност од лицето и бројот, во бугарскиот постојат неколку различни форми, кои во македонскиот воопшто ги нема.

  • македонски: ќе дојде, ќе дојдеше, ќе дојдел
  • бугарски: ще дойде, щеше да дойде, щял да дойде
  • македонски: јас би дошол, тој би дошол, ние би дошле…
  • бугарски: аз бих дошъл, той би дошъл, ние бихме дошли …

5. Менување на коренот кај некои несвршени глаголи

Како и сите словенски јазици, и македонскиот и бугарскиот разликуваат свршени и несвршени глаголи. Меѓутоа, во македонскиот стандарден јазик изведувањето несвршени глаголи од нивниот свршен пар се одвива само со наставка, а не со промена на самогласката во коренот на глаголот, како во бугарскиот јазик. Во македонскиот јазик таа промена (редување) на самогласката во коренот на зборот веќе не се случува.

  • македонски: отвори отвора; скокне скока, изгори изгорува
  • бугарски: отвори отваря; скочи скача, изгори изгаря

6. Присвојност со кратки заменски форми

Еден од начините за изразување присвојност и во македонскиот и во бугарскиот јазик е со употреба на кратките заменски форми за индиректен предмет (на македонски тоа се: ми, ти, му, ѝ, ни, ви и им). Во бугарскиот стандарден јазик ваквата употреба на кратките заменски форми (која во лингвистиката ја нарекуваме посесивен датив) е многу распространета и може да се користи со сите именки, а именката е секогаш членувана (исклучок се само некои роднински зборови). За разлика од бугарскиот, во македонскиот стандарден јазик ваква присвојност може да се изрази само со многу ограничен број именки, кои, пак, не смеат да бидат членувани.

  • македонски:
    • мојот син →  син ми
    • неговата девојкадевојка му
    • нивната куќа /
  • бугарски:
    • моят син →  синът ми
    • неговата приятелкаприятелката му
    • тяхната къщакъщата им

7. Различни прашални и односни заменки

Во бугарскиот стандарден јазик постои јасна разлика помеѓу прашалните и односните заменки. Односните заменки се образуваат од прашалните заменки со додавање на наставката –то, па така овие два вида заменки се организирани во систем. Од друга страна, во македонскиот стандарден јазик сликата не е толку јасна. На некои од прашалните заменки при образувањето односни заменки може да им се додаде што, меѓутоа овој процес не е задолжителен и систематизиран, а употребата на различните форми зависи од повеќе фактори.

  • бугарски:
    • кой? какво? кога? къде? как? (прашални заменки)
    • който; каквото; когато; където; както (односни заменки)
  • македонски:
    • кој? што? кога? каде? како?
    • што или кој(што); кога; каде што или кајшто; како што

8. Неличната глаголска форма на –щ

Во стандардниот бугарски јазик постои нелична глаголска форма што активно се употребува, а ја нема во македонскиот јазик. Тоа е т. н. сегашно деятелно причастие, глаголска придавка што се образува од несвршени глаголи во сегашно време со наставките –ащ/-ещ/-ящ. Значењето на оваа форма може во некои случаи да се спореди со англиските глаголски придавки на –ing (speaking, barking), додека во недостиг на соодветна форма на македонски, значењето најблиску може да се пренесе со односна реченица со што.

  • бугарски:
    • Уважавам хората, говорещи няколко езика.
    • Уплаших се от лаещите кучета.
  • македонски (за споредба):
    • Почитувам луѓе што зборуваат повеќе јазици.
    • Се уплашив од кучињата што лаеја.