Зошто… се вели дека во македонскиот нема падежи, кога сепак има вокатив?

Завчера добивме едно толку интересно прашање од некој анонимен читател (или читателка), што одлучивме да напишеме посебна објава за да го разјасниме! Прашањето гласи: зошто учиме дека во македонскиот јазик нема падежи, кога сепак во секојдневниот говор се користи вокативот?

Прво да разјасниме дека се точни и двете тврдења – точно е дека во современиот македонски јазик навистина нема падежи, но точно е и дека многу именки имаат вокативни форми, кои се користат во секојдневниот говор и во стандардниот јазик! „Цаката“ лежи во тоа дека овие две работи не се исклучуваат меѓу себе, а за тоа постојат две причини.

Првата причина всушност се крие во тоа како се дефинира концептот за граматички падеж кога се зборува за кој било јазик, концепт што е патем особено збунувачки за луѓе чиј мајчин јазик нема падежи, како македонскиот. Велиме дека во еден јазик има падежи кога именките, заменките и придавките имаат различни форми (најчесто добиваат наставки) во зависност од функцијата во реченицата и начинот на кој се поврзани со останатите зборови во реченицата. Овие форми се сосема задолжителни т.е. дел од граматичките правила на јазикот, па неупотребувањето на падежните наставки води кон неграматички реченици (вистински граматички погрешни, нешто што не е поврзано со прескриптивизмот и стандардниот јазик!).

Ова е тешко да се илустрира со пример на македонски јазик, бидејќи во современиот македонски јазик остатоци од таквиот стар падежен систем има само кај заменките: „Само него го видов, неа не ја видов вчера“; „Само нему му се јавив, нејзе не ѝ се јавив вчера.“ Кога ја употребуваме заменката „тој“ како директен предмет, ги користиме формите „него го“, а кога е индиректен предмет ги користиме формите „нему му“ (во примерите ги има и соодветните форми за заменката „таа“). Најблискиот роднина на македонскиот што има падежи е српскиот јазик, па еве неколку примери на српски во кои може да се забележат некои од различните форми на името Марија:

  1. Марија ми је донела књигу. (Марија ми донесе книга)
  2. Данас сам видела Марију. (Денеска ја видов Марија)
  3. Марији сам купила поклон. (Ѝ купив подарок на Марија)

Во првата реченица Марија се јавува во улога на подмет односно вршител на дејството; во втората е директен предмет, а во третата индиректен предмет. Изборот на наставката зависи единствено од функцијата на зборот во реченицата. Ако ги погледнеме преводите на овие три реченици, веднаш ги забележуваме падежните остатоци во формите на кратките заменки за директен и индиректен предмет (ја видов / ѝ купив), плус предлогот на кој е всушност дел од индиректниот предмет во третата реченица. Меѓутоа, формата на именката не се менува, односно не се додава наставка, па во сите три реченици формата е Марија.

Но добро, да се вратиме на вокативот! Тој традиционално се смета за падеж бидејќи во јазиците кои имаат развиен падежен систем, вокативот се издвојува со посебни наставки за искажување на функцијата обраќање или повикување. Сепак, вокативот се разликува од останатите падежи бидејќи неговата употреба не е во зависност од другите зборови, туку упатува на ситуацијата „надвор“ од самата реченица т.е. на тоа на што му се обраќаме со исказот. Ова е нешто што важи за сите јазици, бидејќи обраќањето во суштина не е дел од реченицата, туку еден вид нејзин „додаток“ (и токму затоа во многу јазици се користи во комбинација со запирка!). Поврзано со тоа, терминот „вокатив“ се користи и во јазиците што немаат различни вокативни форми, како англискиот, кога се мисли на функцијата обраќање.

Конечно, втората причина за тоа зошто вокативот не го сметаме за „вистински“ падеж е специфична за неговата употреба во современиот македонски јазик. Еднаш веќе пишуваме за тоа дека само кај именките има посебни вокативни форми, и тоа не кај сите. Покрај тоа, за „статусот“ на вокативот е уште поважно тоа дека употребата на вокативната форма е честопати незадолжителна, туку по избор на зборувачот, бидеќи функцијата за обраќање се пренесува и без неа: помеѓу „Стефан, дојди малку!“ и „Стефане, дојди малку!“ нема разлика во значењето, туку само во стилот и во додадената емоционална нијанса. Исклучок кон ова се само најчесто употребуваните вокативни форми како професоре, наставничке, мамо, Боже, господине, госпоѓо итн., кои се неутрални и ги доживуваме како задолжителни, бидејќи без нив реченицата звучи неправилно: „Се извинувам, професор“ или „Бог, дај ми сила!“.

Значи, да заклучиме: македонскиот јазик нема падежи и поради тоа е (заедно со бугарскиот) единствен словенски јазик без падежи, но сепак има падежни остатоци во заменскиот систем (кои се задолжителни) и кај некои именки (некои од нив се задолжителни, а некои не).

Анонимно прашање: Зошто во училиште нé учат дека во македонскиот јазик нема падежи, кога сепак во секојдневниот говор се користи вокативот?


Одлично прашање и сосема на место! Всушност, толку многу ни се допадна што одлучивме да напишеме цела објава на оваа тема, па се надеваме дека повеќе луѓе ќе го видат одговорот. Голем поздрав и уште поголемо фала! :))

Прашање од читател: Здраво, најпрво едно големо БРАВО за идејата и вашата страница. Сакам да пршам како е правилно: “Здраво Македонијо” или пак “Здраво Македонија” дали личните именки имаат вокативна форма во македонскиот јазик? Уште еден пример: “Здраво Викторија” е точно, додека според моето мислење “Здраво Викторијо” е неточно исто како што е неточно и “Здраво Македонијо”. Ви благодарам за одговорот. Срдечен Поздрав, Александар


Здраво, Александар! Фала ви многу за убавите зборови и за одличното прашање.

Како што и самите спомнувате, во македонскиот јазик многу именки имаат посебна вокативна форма што се употребува за директно обраќање или повикување: професорке, Иване, мамо, Боже, госпоѓо… Сепак, ваквите посебни вокативни форми полека исчезнуваат, па тие што сѐ уште постојат се само оние што се употребуваат; за сите останати, вокативната форма е идентична со основната (Никола, дете, дедо). Така, на пример, во теорија постои вокативна форма од сите машки лични имиња што завршуваат на согласка, но прашање е колку луѓе навистина ги употребуваат. Размислувавме ете за вашето име – дали некој вас ве вика Александре? 😀

Затоа, ова прашање би го одговориле повеќе во смисла на тоа како ги доживуваме одредените форми отколку дали постои посебна вокативна форма на некоја именка. Нам лично „Здраво Македонијо“ ни звучи сосема во ред и нема посебна нијанса во значењето, но ако некој нѐ повика со нашите лични имиња во вокативна форма со (Нино! Викторијо!) веднаш помислуваме дека нешто сме згрешиле и ќе нѐ караат! Интересно е дека во примерот што го давате, Македонијо всушност ни звучи поприфатливо од Македонија, што можеби е поврзано со тоа колку често ја слушаме таа форма во медиумите и во народните песни. Од друга страна, понавикнати сме да ни се обраќаат со основната форма (Нина! Викторија!), иако и вокативната форма постои, само не е неутрална.