„Немој да ме блејмаш мене“: наследен јазик и јазикот на дијаспората

Во текстот за мајчин јазик ги објаснивме поимите како прв, втор и странски јазик, кои го опишуваат статусот што може да го има еден јазик за одредена заедница или поединец. Сепак, исто така нагласивме и дека вистинската слика во пракса е прилично комплексна, па во реалноста сите можни комбинации на јазици најчесто не се јасно разграничени.

Сѐ повеќе општества во современиот свет се повеќејазични, благодарение на постојаните преселби на луѓето низ целиот свет. Меѓутоа, постоењето на различни јазици во рамки на едно општество не значи дека сите тие имаат подеднаква употреба во секојдневиот живот на луѓето (правниот статус на јазикот е друга работа за која ќе пишуваме во друга прилика, а не мора да биде тесно поврзана со неговата реална употреба). Веќе нагласивме дека најчесто луѓето што зборуваат повеќе јазици имаат еден јазик што е за нив доминантен, а тоа е секогаш оној што го употребуваат во повеќе сфери во општеството и во приватниот живот.

Но, што се случува со оние јазици што не се доминантни? На пример, ако станува збор за автохтон малцински јазик што е засенет или потиснат од другите подоминантни јазици во даденото општество, па не се користи во образованието, медиумите или државните институции (на пр. јазикот на македонското малцинство во Грција); или, пак, јазикот на иселениците што имаат ограничен контакт со домашната култура (на пр. јазикот на македонските иселеници во Австралија). Во вакви ситуации, јазикот што го стекнуваат децата дома на многу рана возраст честопати не може да се нарече мајчин јазик, бидејќи го употребуваат во мал и ограничен број ситуации (најчесто само со потесното семејство и други блиски роднини и пријатели) и немаат можност да го употребуваат во сите општествени сфери. Во такви случаи станува збор за т.н. наследен јазик (англ. heritage language) на поединецот, односно на заедницата.

Таквиот наследен јазик се одржува пред сѐ во рамки на јазичната заедница, а понекогаш и со поддршка од страна на државниот систем. Во секој случај, во таквите повеќејазични општества поголемо е влијанието на доминантниот јазик, кој е институционализиран. Тоа значи дека поголемиот дел од реалноста на луѓето се одвива на тој јазик: контактот со јавни институции, образованието на нивните деца, рекламите што ги слушаат, најголемиот дел од медиумите со кои се опкружени итн.

Да го земеме примерот на македонската дијаспора што живее во Австралија: нивниот примарен јазик во образованието и во јавниот живот е англискиот, додека македонскиот јазик го користат во рамки на заедницата и го негуваат преку формирање на културни друштва и локални медиуми на својот јазик. Иако се работи за истиот јазик, факт е дека говорителите во дијаспората го користат македонскиот јазик под поинакви услови во споредба со родените говорители што живеат во Македонија, кои се образоваат на македонски и се секојдневно изложени на јазикот во институциите и медиумите. Поради тоа, луѓето од дијаспората не се во толкава мера изложени на стандарниот јазик, туку пред сѐ на различните дијалекти со кои израснале членовите на заедницата што се родиле во Македонија. Поновите генерации, родени во Австралија, го слушаат јазикот најмногу од страна на постарите роднини и учат токму од нив.

Со таква комбинација на „состојки“, воопшто не е чудно што јазикот на дијаспората значително отстапува од стандардниот јазик, како што впрочем отстапува и самата употреба во рамки на општеството. Особеностите на јазикот на Македонците од дијаспората што некои родени говорители ги исмеваат се всушност честа и сосема природна појава кај сите луѓе што секојдневно живеат со најмалку два јазика. На крајот на краиштата, едноставно станува збор за посебна јазична заедница што гради свој идентитет и притоа на располагање има поинакви јазични средства за да ја опише реалноста во која живее. Така, за Македонците во Австралија „во офис работам“ е прифатен разговорен израз што се слуша многу почесто отколку стандардното „работам во канцеларија“; некој наместо да каже „автомеханичар сум“, едноставно вели „поправам карои“ (овие примери и оној во насловот се делови од вистински разговори запишани во оваа одлична научна статија). Патем, не е случајно што се работи за изрази поврзани со професијата, кога работното секојдневие на луѓето се одвива пред сѐ на англиски јазик!

Начинот на кој луѓето го употребуваат својот наследен јазик претставува можност за лингвистите да ги истражат границите на човековата креативност и снаодливост при употребата на јазикот. Делот од лингвистиката што ги истражува овие појави (наследен јазик, јазик на дијаспората) е во подем во последниве години и сигурно ќе помогне да се разјаснат некои од клучните прашања поврзани со јазикот и идентитетот на луѓето.

Македонски како странски јазик 2: Ник

Откако ви ја претставивме Ника, во второто видео на #ЈазичарницаПрашува за искуствата на луѓето што го учат македонскиот јазик како странски ве запознаваме со Ник!

Ник е Американец што веќе неколку години живее во Скопје и работи како професор по германски јазик. Дознајте кој е неговиот омилен македонски дијалект и кои се оние „три П“ што смета дека се неопходни ако сакате да го научите македонскиот јазик!

За разликите меѓу јазиците

Целта на лингвистиката е преку податоци за различните јазици што се зборуваат во светот да извлече заклучоци за човековиот јазик воопшто. Затоа лингвистите ги проучуваат сличностите меѓу јазиците, но и разликите меѓу нив.

Веќе при самото слушање на некој странски јазик може да забележиме некои негови особености, како на пример интонацијата или гласовите што ги содржи. Гласовите се најмалата единица на говорениот јазик. Тешко е да се изброи колку различни гласови можат да произведат говорните органи на човекот, но факт е дека секој човеков јазик содржи само подмножество од сите гласови што може да се изговорат. Интересно е дека нашите говорни органи се навикнати пред сѐ да ги произведуваат гласовите што ги содржи нашиот мајчин јазик – тоа е и една од причините зошто имитирањето на звуците на други јазици може да биде предизвик за некои луѓе. На пример, гласот [m] што го слушаме на почетокот на зборот месечина е дел од речиси сите светски јазици, но постојат гласови, т.н. кликови, кои се дел од само некои јазици што се зборуваат на југот на Африка.

Информациите што ги содржи одредена форма на зборот се нарекуваат граматички категории. На пример, формата свеќите содржи граматички информации својствени за именките во македонскиот јазик, па за оваа форма може да кажеме дека е: во женски род (според категоријата род), во множина (според категоријата број) и определена (според категоријата определеност). Формата прочитавте содржи граматички податоци својствени за македонскиот глагол: второ лице (според категоријата лице), множина (според категоријата број), свршен (според категоријата вид) и минато определено време (според категоријата време). Но, овие неколку граматички категории не се наоѓаат во сите јазици во светот, а постојат и други. Во унгарскиот јазик, на пример, именките не разликуваат граматички род, додека кај глаголите постои уште една (многу ретка) граматичка категорија: определеност. Освен тоа, како што веќе посочивме кај македонскиот и кај бугарскиот јазик, комуникативните потреби на зборувачите на одреден јазик може да доведат до развивање на нови граматички конструкции и граматички категории, или на губење на некои од старите.

Jазиците се разликуваат и во однос на зборовите што ги содржат. Еден важен извор на нови зборови во јазикот е зборообразувањето, при кое од веќе постојни елементи се создава нов збор со ново значење (на пример трка + -ачтркач). Покрај тоа, бидејќи јазиците често се наоѓаат во меѓусебен контакт, вообичаено е да позајмуваат зборови едни од други. Проучувањето на зборовите во различните јазици е особено интересно кога се работи за зборови што означуваат специфични делови од културата на еден народ: храна, обичаи, животни и растенија, облека и сл. Историски гледано, кога две различни култури доаѓаат во контакт, таквите зборови најчесто се позајмуваат од еден во друг јазик за да се доловат предметите и концептите што едната култура ги нема. Предметите и концептите често патуваат заедно со нивните имиња; така на пример, името на бананата потекнува од волофскиот јазик, кој се зборува во Западна Африка, но зборот денеска се користи во целиот свет, бидејќи се раширил заедно со овошјето.

Може да се заклучи дека (не)постоењето на конкретен збор во еден јазик е важно за културата и народот што го зборува тој јазик, бидејќи е одраз на неговите потреби. Во одреден јазик можеме да очекуваме да сретнеме зборови за предмети и појави за кои често се зборува и што се дел од секојдневието на луѓето. Од друга страна, кога зборувачите на еден јазик се соочуваат со нешто ново, потребата да зборуваат за него е толку силна што луѓето секогаш наоѓаат начин да создадат нов збор што ќе го користат.

Покрај горенаведените разлики што произлегуваат од самите јазици, постојат и разлики што се прашање на конвенција, како на пример писмото на кое се пишува и правописот. Така, според правописот на македонскиот јазик во основа се пишува онака како што се говори (односно правописот е фонетски), додека правописот на некои други европски јазици се базира на различни принципи, кои не се секогаш очигледни. Англискиот јазик, на пример, сѐ уште се пишува така како што се изговарале зборовите пред неколку века, односно сегашниот англиски правопис не ги бележи промените во изговорот што се случиле оттогаш (на пример зборот feet пред околу 700 години навистина се изговарал „феет“!).

Ова се само некои полиња на кои јазиците се разликуваат, а постојат уште многу други. И покрај голем број заеднички тенденции, човековите јазици се богати и разновидни во секој поглед. Тоа што во еден јазик се наоѓа некој глас, збор или некоја граматичка категорија помалку или повеќе не е ниту добро ниту лошо, туку само различно. Тоа што еден јазик не го разликува на едно поле, го надоместува со подетални дистинкции на друго поле, па затоа не постои јазик што е апсолутно сложен или апсолутно едноставен. Дали некој јазик е потежок или полесен за изучување зависи од повеќе фактори, а меѓу нив важна улога играат особеностите на нашиот мајчин јазик, јазиците што претходно сме ги совладале, мотивацијата и методите на учење.

Јазичен мит: „Јазикот ни е сиромашен“

Едноставно немаме доволно зборови на македонски, таков ни е јазикот, сиромашен…

Англискиот е најбогатиот јазик на светот, на англиски има збор за сѐ!

Сите сме ги чуле ваквите ставови кон јазикот, без оглед дали се работи за нашиот мајчин или за некој странски јазик. Тие се најчесто изразени во комбинација со чувство на немоќ или, во обратниот случај, надмоќ. Но дали може објективно да се каже дека некои јазици се побогати од другите?

Човековиот јазик служи за изразување на тоа што го мислиме и чувствуваме на начин што е разбирлив и за другите луѓе, па затоа овозможува комуникација и пренесување информации. Од ова следува дека секој човеков јазик има потенцијал да изрази сѐ што им е потребно на неговите зборувачи. Јазиците се разликуваат во многу аспекти и секој јазик има свои особености во однос на начинот на кој се изразуваат различни концепти, меѓутоа значењето на тоа што е искажано секогаш може да се пренесе од еден јазик на друг. Еве еден пример што често го слушаме: англискиот збор uncle покрива три значења што ги разликуваме во македонскиот јазик: чичко/стрико, вујко и тетин. Но, тоа што за вујко не постои единствен збор на англиски јазик, не значи дека не може да се преведе, туку само дека мора да се искористи описен превод (на пр. my mother’s brother или my uncle on my mother’s side). Сѐ што е кажано на еден јазик може да се изрази и на друг, иако можеби за тоа ќе бидат потребни повеќе зборови и описи.

Ставот дека некој јазик е сам по себе подобар од останатите јазици не е нешто што може да се поткрепи со научни факти, па затоа во лингвистиката не ги споредуваме јазиците на таков начин. Секако, сите имаме субјективни чувства и ставови кон различните јазици, па може да кажеме дека нам лично најубаво ни звучи одреден јазик, но нема смисла да тврдиме дека тој е објективно најубав.

Некои работи поврзани со јазикот може да се мерат и да се споредуваат, но ниеден јазик нема поголема апсолутна вредност од кој било друг. Може, на пример, да кажеме дека некој јазик се смета за покорисен од другите во рамки на одредено општество и во дадена ера, ако се работи за јазикот што го зборува мнозинството или, пак, за службениот јазик. Може да се споредува бројот на гласови (согласки и самогласки), бројот на зборувачи (како мајчин и како странски јазик), па дури и бројот на зборови – иако претставува предизвик да се определи точниот број на зборови во еден јазик (на пример, ако некој збор го користат само сто луѓе, дали треба да го броиме како збор во јазикот?). Фондот на зборови во јазикот зависи и од тоа колку содржини се создаваат на тој јазик (книги, научни и новинарски статии, телевизиски и радиоемисии итн.), бидејќи секогаш кога се зборува и пишува на нови теми мора да настанат и да се изнајдат нови зборови и термини. Затоа не е изненадувачки фактот дека на англиски постои терминологија во секоја современа област, бидејќи на овој јазик најмногу се создава и издава. Ова не значи дека англискиот јазик е супериорен во однос на другите; всушност секој јазик како средство за комуникација има неограничен потенцијал за изразување, но колку од тој потенцијал ќе се оствари зависи од неговите зборувачи.

Да направиме една кратка споредба помеѓу два сродни, а различни јазика: македонски и словенечки. Некој можеби би помислил дека македонскиот јазик е „посиромашен“ од словенечкиот бидејќи именките во македонскиот не се менуваат по падежи, додека словенечкиот е „богат“ бидејќи има шест падежи. Освен тоа, во словенечкиот постои и трет граматички број покрај еднината и множината (наречен двоина)! Меѓутоа, иако македонските именки имаат само еднина и множина и немаат посебни падежни форми, кај нив се наоѓа нешто што словенечките именки го немаат, а тоа е определениот член. Покрај тоа, македонскиот јазик е многу „богат“ со глаголски времиња, додека во словенечкиот постојат четири од кои само три се во секојдневна употреба. Вакви споредби може да се прават помеѓу многу различни јазици и секогаш се доаѓа до истиот заклучок: тоа што еден јазик го изразува поедноставно на едно поле, го надоместува со други посложени структури на друго поле.

За крај, важно е да се запомни дека јазичното „богатство“ не е јазична категорија, туку само личен став. Кога во лингвистиката се прави споредба помеѓу два јазика, научно и објективно се разгледуваат нивните особини и секогаш во даден контекст, но без субјективно да се вреднува кој јазик е „подобар“ од другиот.

Јазичен мит: „Фала не е македонски збор“

Аман веќе со тие србизмите, не се вели закаснив на македонски, туку задоцнив!

Што ти значи тоа фасцинантен? Преведи го на македонски!

Вакви коментари се дел од нашето секојдневие, било во живо, било на социјалните мрежи. Често се среќаваме со луѓе што изразуваат грижа дека странски зборови го уништуваат „нашиот убав македонски јазик“ и што се залагаат за исфрлање на зборовите што не се од домашно потекло.

Таквиот пристап кон јазикот се нарекува јазичен пуризам. Овој став е близок на прескриптивизмот, односно се фокусира само на една „правилна“ варијанта која треба да се користи, а ги отфрла сите други како „неточни“ или спротивни на духот на јазикот. Пуризмот и прескриптивизмот немаат никаква научна основа, туку претставуваат целосно субјективен политичко-идеолошки однос кон јазикот што се користи во едно општество. Ваквите пристапи се маскирани како грижа за јазикот, но нивната ригидност е всушност многу штетна за него и за неговите зборувачи. 

Јазичниот пуризам води кон осиромашување на зборовниот фонд на еден јазик и намалување на неговите потенцијали за изразување на различни концепти. Што би се случило кога англискиот јазик би се отарасил од сите зборови од француско и латинско потекло? Неговите зборувачи би ги изгубиле скоро сите зборови поврзани со готвењето, управувањето на државата, правото, војската, религијата, филозофијата… Покрај тоа, знаеме колку е важно еден јазик да располага со синоними, кои се најчесто од различно потекло; ако настојуваме да ги употребуваме само домашните зборови, ќе ги изгубиме нивните синоними што изразуваат слични значења. Навлегувањето на зборови од туѓо потекло во еден јазик е сосема природен процес што отсекогаш се случувал во сите јазици. Ниту еден јазик не е „чист“, бидејќи секогаш доаѓа до контакт меѓу луѓето што зборуваат различни јазици, а тоа води кон позајмување на зборови (па дури и на граматички особини).

Корените на пуризмот и прескриптивизмот се длабоки и тесно поврзани со прашањата на идентитетот на една заедница, која се труди да го разграничи сопствениот јазик од јазикот на другите заедници. Таквите ставови веќе со векови доминираат насекаде во светот и се дел од нашата култура, образование и воспитување. Застапувањето на антипрескриптивистички (дескриптивистички) став е сѐ уште ретко, иако сѐ поголем број лингвисти го креваат својот глас и укажуваат на неговата научна издржаност и објективност. Во нашиот регион е позната состојбата со хрватскиот јазик и неговиот развој во последните неколку децении, па интересно е дека постои еден понов антипрескриптивистички проект на група хрватски лингвисти што се бори за поинакво сфаќање на јазикот. Книгата на Анѓел Старчевиќ, Мате Каповиќ и Далиборка Сариќ „На јазикот му е сеедно“ (”Jeziku je svejedno) е достапна бесплатно во електронска верзија.

Кога станува збор за македонската јазична култура, еден добар пример за илустрација на сегашната состојба е групата на Фејсбук Пуздер правам… од македонскиот јазик!, со која многу од нашите читатели се сигурно веќе запознаени. Од основањето на групата во 2012 година до денес, таа има прераснато во платформа на која секој може да започне дискусија во врска со македонскиот јазик, да се посоветува во врска со употребата на јазикот или, пак, да посочи на добра или лоша употреба на јазикот во медиумите и сл. Меѓутоа, и покрај добронамерната цел на групата и на нејзините администратори, многу корисници на Пуздер… изразуваат ставови што поттикнуваат пуризам и прескриптивизам, а го прават тоа исмејувајќи ги нестандардните варијанти и претворајќи го секое прашање за совет во предавање за тоа што е „правилно“, а што не. 

Администраторите на групата прават сѐ што можат да ја одржат комуникацијата на соодветно ниво и тоа е нагласено во правилата на групата, но сепак не се мешаат во дискусиите во кои често се шират ваквите пуристички и прескриптивистички ставови (што е добро, бидејќи тоа би било цензура). Сепак, сметаме дека е потребно отворено да се обесхрабрува јазичниот пуризам, односно да се поттикнува и негува широк и толерантен однос кон сите варијанти и зборови на јазикот. 

Да се вратиме сега на насловот, односно на зборчето фала, кое го користиме секојдневно кога се заблагодаруваме. Зборот на прв поглед изгледа како србизам, но всушност води потекло од прасловенската именка хвала (со значење пофалба, чествување, слава), од која се развиле и голем број сродни зборови во сите словенски јазици. Интересно е дека во сите други словенски јазици се задржал почетокот на хв-, а само во македонскиот тој во сите дијалекти се променил во ф– (за оваа специфична особина на македонскиот јазик зборувавме тука, во втората точка). Истиот корен го делат и зборовите пофалба, фалење, фалбаџија и пофалница; фала е всушност домашен македонски збор.

Сосема легитимни зборови во македонскиот јазик се и останатите зборови во примерите на почетокот на овој текст. Тоа што некој збор е нестандарден или од туѓо потекло не значи дека не е македонски; ако голем број луѓе го употребуваат, тогаш е дел од јазикот, сакале ние или не. Покрај тоа, факт е дека секој има право во својот говор да ги користи само зборовите што му се допаѓаат, но тоа не значи и дека смее да го осудува или поправа јазикот на другите луѓе. Како што пишува и во правилата на Пуздер…, јазикот ни припаѓа на сите!