Што е лингвистика?

Лингвистиката е наука за јазикот, што значи дека го проучува јазикот преку научниот метод. Исто како што биологијата се интересира за живите организми, а астрономијата ги истражува небесните тела, предмет на изучување на лингвистиката е човековиот јазик. 

Јазикот што го зборуваме е природен дел од нашето секојдневие до таа мера што често не сме свесни за неговите својства, сѐ додека не направиме споредба со некој странски јазик што го изучуваме. Така, многу луѓе откриваат дека ги интересира природата на човековиот јазик дури откако ќе почнат да изучуваат повеќе јазици, да ги споредуваат и да размислуваат за нив. Преку тие размислувања за различните јазици (македонски, англиски, шведски, корејски…) испливува на површина тоа што им е заедничко на сите нив; кога во лингвистиката се зборува за јазик, се мисли на системот за комуникација што ги има тие заеднички својства.

Бидејќи јазикот е систем за комуникација во кој постојат внатрешни правила, задача на лингвистите е да ги откријат и опишат сите својства и функции на тој систем. Тоа значи дека голем дел од лингвистиката е посветен на различните структурни единици на јазикот, како што се гласовите, зборовите или речениците, па затоа за секое ниво од структурата на јазикот постои посебна лингвистичка дисциплина.

Сепак, лингвистиката е многу повеќе од само проучување на граматичките правила на јазикот. Лингвистите наоѓаат теми за проучување во сите сфери од животот. Некои од нив се интеракцијата на јазикот со: општеството, поединците, човековиот мозок, идентитетот и културата, комуникацијата, а во поново време и со технологијата.

Колку што се бројни областите што се пресекуваат со лингвистиката, толку има и различни подрачја на кои работат лингвистите. Лингвистите може да работат во библиотека, опкружени со стари ракописи; може да работат на терен и да документираат некој редок и непознат јазик; може да работат пред компјутер, создавајќи програма која ќе ги издвои сите именки што се среќаваат по придавката „син“ во делата на Дикенс; може и да спроведат некаков лингвистички експеримент (за кој сепак најчесто не се потребни епрувети) и уште многу други возбудливи нешта. 

Некогаш се случува лингвистите да проучуваат одреден јазик без да го зборуваат течно. Тоа е така бидејќи ги интересира јазикот како појава, кои се неговите елементи и како функционираат, а не како да нарачаат кафе на одреден јазик.

Со таквата анализа тие можат да извлечат заклучоци за некои универзални тенденции на човековиот јазик. Научниот метод во лингвистиката подразбира познавање на релевантна теорија, поставување хипотези, собирање и обработка на валидни податоци и нивна соодветна интерпретација. Како и секоја друга наука, и лингвистиката располага со алатки и модели за научна работа и често се труди своите сознанија да ги примени и во праксата (со тоа се занимаваат различните гранки на применетата лингвистика).

Може да заклучиме дека науката за јазикот е особено разновидна и изобилува со идеи и пристапи за збогатување на човековото знаење. Лингвистиката е секаде каде што е присутен јазикот во каква било форма, што значи дека за лингвистите секогаш постојат нови прашања на кои треба да се најде одговор.

За јазикот

Обидете се да изброите колкупати денеска бевте во некаква комуникација со некого, во живо или преку интернет. Ги поздравивте цимерите со „добро утро“? Ѝ пишавте на најдобрата другарка на Месинџер? Му се насмевнавте на соседот кога го видовте пред влезот? Речиси е невозможно да се замисли ситуација во која треба да комуницираме без да користиме некакви знаци за ги искажеме своите чувства, мисли, намери и потреби.

За да може да ги разбереме другите луѓе, а и за тие нас да нѐ разберат, знаците се групирани во системи за комуникација со свои внатрешни правила. Комуникацијата е успешна само кога тие правила им се познати на сите оние до кои треба да стигне одредена порака. Така, на пример, без разлика на тоа на кој аеродром во светот се наоѓаме, сликичката со авион чиј преден дел се крева нагоре значи дека се приближуваме кон делот за полетувања.

Најсовршениот систем од знаци за комуникација е човековиот јазик. Неговото проучување претставува огромен предизвик бидејќи тој е неразделив дел од секого од нас. Сите култури и цивилизации во историјата на човештвото имале свој јазик. 

Сепак, иако се работи за феномен со кој живееме секој ден и кој се развивал паралелно со човековиот вид навистина долго време, зачудувачки е колку работи сѐ уште не знаеме за него. Не сме сигурни како и кога настанал јазикот, ниту во колкава мера е општествен, а во колкава мера биолошки производ. Но, некои нешта се сигурни: човекот е единствено суштество што има свој јазик во вистинска смисла на зборот, и обратно: јазик постои секаде на планетава каде што живеат луѓе.

Тесната поврзаност на човекот со јазикот ќе биде мотив на кој постојано ќе се навраќаме, бидејќи претставува клуч за разбирање на огромен дел од тајните на јазикот. Од друга страна, пак, да се проучува човековиот јазик значи да се продре во сите сфери на постоењето на нашиот вид и да се осознае голем дел од тоа што го прави човекот човек.

Фасцинантно е дека сите поседуваме сложен и ефикасен систем за комуникација во кој можеме да се снајдеме толку лесно, што ретко помислуваме на механизмите поради кои тој функционира толку добро. Задача на науката за јазикот е да ги открие и опише тие механизми, и со тоа да го продлабочи човековото знаење; задача на Јазичарница е тие сознанија да ги сподели со сите вас!