„Немој да ме блејмаш мене“: наследен јазик и јазикот на дијаспората

Во текстот за мајчин јазик ги објаснивме поимите како прв, втор и странски јазик, кои го опишуваат статусот што може да го има еден јазик за одредена заедница или поединец. Сепак, исто така нагласивме и дека вистинската слика во пракса е прилично комплексна, па во реалноста сите можни комбинации на јазици најчесто не се јасно разграничени.

Сѐ повеќе општества во современиот свет се повеќејазични, благодарение на постојаните преселби на луѓето низ целиот свет. Меѓутоа, постоењето на различни јазици во рамки на едно општество не значи дека сите тие имаат подеднаква употреба во секојдневиот живот на луѓето (правниот статус на јазикот е друга работа за која ќе пишуваме во друга прилика, а не мора да биде тесно поврзана со неговата реална употреба). Веќе нагласивме дека најчесто луѓето што зборуваат повеќе јазици имаат еден јазик што е за нив доминантен, а тоа е секогаш оној што го употребуваат во повеќе сфери во општеството и во приватниот живот.

Но, што се случува со оние јазици што не се доминантни? На пример, ако станува збор за автохтон малцински јазик што е засенет или потиснат од другите подоминантни јазици во даденото општество, па не се користи во образованието, медиумите или државните институции (на пр. јазикот на македонското малцинство во Грција); или, пак, јазикот на иселениците што имаат ограничен контакт со домашната култура (на пр. јазикот на македонските иселеници во Австралија). Во вакви ситуации, јазикот што го стекнуваат децата дома на многу рана возраст честопати не може да се нарече мајчин јазик, бидејќи го употребуваат во мал и ограничен број ситуации (најчесто само со потесното семејство и други блиски роднини и пријатели) и немаат можност да го употребуваат во сите општествени сфери. Во такви случаи станува збор за т.н. наследен јазик (англ. heritage language) на поединецот, односно на заедницата.

Таквиот наследен јазик се одржува пред сѐ во рамки на јазичната заедница, а понекогаш и со поддршка од страна на државниот систем. Во секој случај, во таквите повеќејазични општества поголемо е влијанието на доминантниот јазик, кој е институционализиран. Тоа значи дека поголемиот дел од реалноста на луѓето се одвива на тој јазик: контактот со јавни институции, образованието на нивните деца, рекламите што ги слушаат, најголемиот дел од медиумите со кои се опкружени итн.

Да го земеме примерот на македонската дијаспора што живее во Австралија: нивниот примарен јазик во образованието и во јавниот живот е англискиот, додека македонскиот јазик го користат во рамки на заедницата и го негуваат преку формирање на културни друштва и локални медиуми на својот јазик. Иако се работи за истиот јазик, факт е дека говорителите во дијаспората го користат македонскиот јазик под поинакви услови во споредба со родените говорители што живеат во Македонија, кои се образоваат на македонски и се секојдневно изложени на јазикот во институциите и медиумите. Поради тоа, луѓето од дијаспората не се во толкава мера изложени на стандарниот јазик, туку пред сѐ на различните дијалекти со кои израснале членовите на заедницата што се родиле во Македонија. Поновите генерации, родени во Австралија, го слушаат јазикот најмногу од страна на постарите роднини и учат токму од нив.

Со таква комбинација на „состојки“, воопшто не е чудно што јазикот на дијаспората значително отстапува од стандардниот јазик, како што впрочем отстапува и самата употреба во рамки на општеството. Особеностите на јазикот на Македонците од дијаспората што некои родени говорители ги исмеваат се всушност честа и сосема природна појава кај сите луѓе што секојдневно живеат со најмалку два јазика. На крајот на краиштата, едноставно станува збор за посебна јазична заедница што гради свој идентитет и притоа на располагање има поинакви јазични средства за да ја опише реалноста во која живее. Така, за Македонците во Австралија „во офис работам“ е прифатен разговорен израз што се слуша многу почесто отколку стандардното „работам во канцеларија“; некој наместо да каже „автомеханичар сум“, едноставно вели „поправам карои“ (овие примери и оној во насловот се делови од вистински разговори запишани во оваа одлична научна статија). Патем, не е случајно што се работи за изрази поврзани со професијата, кога работното секојдневие на луѓето се одвива пред сѐ на англиски јазик!

Начинот на кој луѓето го употребуваат својот наследен јазик претставува можност за лингвистите да ги истражат границите на човековата креативност и снаодливост при употребата на јазикот. Делот од лингвистиката што ги истражува овие појави (наследен јазик, јазик на дијаспората) е во подем во последниве години и сигурно ќе помогне да се разјаснат некои од клучните прашања поврзани со јазикот и идентитетот на луѓето.

За мајчиниот јазик

Мајчин јазик се нарекува јазикот што ја придружува личноста од нејзиното раѓање или од многу рана возраст. Најчесто тоа е јазикот што личноста го користи највешто и најинтуитивно во сите или речиси сите области од својот живот, и кој умее спонтано да го употребува во секоја прилика. Од друга страна, човек што израснал со одреден јазик се нарекува роден говорител на тој јазик. Лингвистите може да дознаат многу за јазикот што го проучуваат со анализа на начинот на кој зборуваат родените говорители и на нивните јазични навики.

Интересно е да се забележи дека една личност може да има повеќе од еден мајчин јазик. Тоа се должи на околностите во кои детето се родило и израснало; тоа се случува, на пример, кога родителите немаат ист мајчин јазик, или пак кога детето ќе се роди во држава во која се зборува јазик различен од тој на родителите. Во такви случаи, детето расте со најмалку два јазика што интензивно ги користи и најчесто точно знае со кој од возрасните кој јазик може да го користи за успешно да комуницира. Во случаи во кои и двата јазика се мајчини јазици на детето, станува збор за билингвалност (најчесто се мисли на јазиците усвоени до четиригодишна возраст). И покрај тоа што детето активно ги користи и двата јазика, најчесто едниот јазик е доминантен, па го користи поспонтано и во повеќе ситуации.

На пример, да си замислиме дека Софи се родила во Франција, во семејство во кое мајчиниот јазик на едниот родител е француски, а на другиот шпански. Јазичниот развој на Софи може да тече во две насоки:

  1. Доколку и двајцата родители дома зборуваат француски (со Софи и меѓу себе), нејзиниот мајчин јазик ќе биде француски, бидејќи тоа е јазикот што го слуша и користи и дома и во околината.
  2. Доколку родителот што зборува шпански одлучи да го користи својот мајчин јазик со Софи, па во домот се користат и двата јазика (секој родител ѝ зборува на Софи на својот мајчин јазик, меѓу себе зборуваат на француски, а таа ги користи и двата јазика) – во тој случај таа ќе порасне со два мајчини јазици. Сепак, најверојатно францускиот ќе ѝ биде доминантен јазик, бидејќи го слуша и дома (со едниот родител и кога тие зборуваат меѓу себе) и во околината (во градинка, во продавница, на телевизија итн.).

Во лингвистиката мајчиниот јазик често се нарекува и прв јазик, а наспроти него, многу луѓе имаат и втор јазик. Ова е концепт различен од мајчиниот јазик, бидејќи се работи за доминантниот јазик на општеството, кој поединецот го стекнува малку подоцна во животот и како дел од социјализацијата, на пример во текот на образовниот процес. Кој јазик ќе биде прв, а кој втор, како и тоа кој јазик ќе биде доминантен во животот на поединецот зависи од многу фактори: што се зборува дома, низ каков образовен систем поминало детето, каков е статусот на одреден јазик во државата во која живее и уште многу други околности. Покрај тоа, сосема трет и посебен концепт во лингвистиката претставува изучувањето странски јазик, кој најчесто не се зборува во општеството во кое живее личноста, па затоа за да го научи треба свесно да се потруди.

Ако се вратиме на примерот со Софи, може да си замислиме ситуација во која целото семејство се сели во Германија и таа дури таму почнува да оди на училиште. Во тој случај германскиот многу брзо станува нејзин втор јазик, бидејќи на него се образова и се социјализира со врсниците (дури и ако дома никогаш не зборува на германски со родителите). Подоцна Софи во кој било момент може да одлучи да изучува и некој дополнителен странски јазик, на пример јапонски, на курс.

Мајчиниот јазик игра важна улога при учењето странски јазици, бидејќи од јазичните особености што ни се на располагање во него зависи како ќе ги протолкуваме и научиме појавите во другите јазици. Покрај тоа, мајчиниот јазик влијае и врз тоа кои гласови ќе ни бидат најприродни за изговор, бидејќи нашиот говорен апарат многу рано се приспособува за најлесно да ги создава звуците на нашиот мајчин јазик.

Досега зборувавме за мајчиниот јазик на поединецот, но може да се зборува и за мајчиниот јазик во рамките на едно општество. Кога во една држава живеат луѓе што имаат различни мајчини јазици, станува збор за двојазичност или повеќејазичност на ниво на целото општество. Ова е многу честа и природна појава, која постои уште од првите контакти меѓу различните народи т.е. јазични заедници. Бидејќи мајчиниот јазик е тесно поврзан со идентитетот на поединците и на општествените групи, прашањето како да се регулира и да се почитува повеќејазичноста во одредена држава треба секогаш внимателно да се разгледува.

Во современото општество сѐ повеќе луѓе секојдневно користат повеќе од еден јазик, дури и ако не им е мајчин јазик или не го зборуваат течно. Постојат најразлични причини за учење странски јазици и различни околности што водат кон билингвалност, па тешко е да се разграничат сите појави и комбинации. Затоа често вреди секој случај да се разгледува посебно – како примерот со Софи. Меѓутоа, мајчин јазик имаат баш сите што пораснале во заедница со други луѓе, што значи дека со самото тоа што сме дел од општеството „добиваме“ најмалку еден јазик!

Нови зборови во стандардниот јазик – кој одлучува?

Кога пред неколку месеци пишувавме за јазичниот пуризам, во дискусијата што ја поттикнавме се појави и едно одлично прашање: дали кај нас постои некаква институција што го регулира создавањето нови зборови за поимите за кои дотогаш сме немале збор? Оваа тема заслужува посебен текст, па ајде да ја отвориме!

Во општествата на големите светски јазици често постојат институции со цел редовно и ажурно збогатување на стандардниот јазик според потребите на луѓето. Поголемиот дел од ваквите регулаторни тела се ригидни и се стремат кон јазичен пуризам, но постојат и такви што се поотворени кон промени и ја следат вистинската употреба на живиот јазик. На пример, Француската академија (Académie française) ги нормира сите нови зборови што навлегуваат во јазикот и директно го контролира влијанието на другите јазици врз стандардниот француски јазик. Од друга страна, во ниедна од државите на англиското јазично подрачје не постои државно регулаторно тело од тој вид, но затоа за зборовите што стануваат дел од стандардниот јазик одлучуваат големите издавачи како Оксфорд и Кембриџ. Тие се водат по дескриптивистички принципи, па внимателно ја следат јазичната употреба и во своите речници редовно внесуваат нови зборови.

Институцијата задолжена за редовно и ажурно збогатување на македонскиот стандарден јазик е Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, во чија надлежност (меѓу другото) спаѓаат и издавањето разни речници, ажурирањето на правописот и сл. Иако издавањето такви материјали е од неспорна важност, во нашето општество е неопходно и поактивно да се следат актуелните јазични промени, потребите од нови зборови и прашањата околу нивната правилна употреба во стандардниот јазик. Причините за недоволната активност на Институтот се сигурно многубројни – недостиг на средства, кадар, добра организација итн. Меѓутоа, без оглед на причините, недостигот од такви активности навистина се чувствува и има свои последици, особено во време на големи општествени промени, кои секогаш носат нови концепти што треба да добијат свое име.

Зошто спомнуваме редовност и ажурност? Кога луѓето се соочуваат со нови предмети и појави, ако веќе знаат дека постои збор во друг јазик што точно го опишува дадениот концепт, многу е полесно да го преземат тој збор отколку да сковаат нов. Во современото општество комуникацијата се одвива толку брзо, што нема време да се чека новите изрази да добијат нечие одобрување. Со други зборови, јазикот се менува преку неговата употреба, а не може да се направи пауза и тој да се „замрзне“ за да се извршат интервенции што ќе бидат поприфатливи за неговите корисници. Всушност, од гледна точка на лингвистиката, не може да го негираме постењето на ниту еден збор ако има многу луѓе што го користат, дури и кога нам лично воопшто не ни се допаѓа. Но, тоа што може да се направи (преку соодветната институција) е да се предложи некаква алтернатива што е можно поскоро, која на тој начин би добила шанса да се натпреварува со формата која е „непожелна“.

На пример, во текот на последнава година се случија драстични промени во начинот на кој комуницираме во секојдневниот живот, бидејќи моравме сета комуникација да ја префрлиме на интернет. Ова го подразбираше и образовниот процес во кој се вклучени илјадници деца и наставници во целата држава. Со новите платформи за држење настава на далечина се јави потреба од еден цел нов вокабулар поврзан со софтверот за видеоповици, кој не беше преведен на македонски кога почна да се употребува на државно ниво. Како резултат на тоа, вистинската потреба да се зборува за различни функции на платформата ја задоволија зборови како: шерне, мјутне, кикне, скрин итн. Цела година подоцна, сѐ уште се слушаат критики во однос на тоа како учениците го користат јазикот за време на дигиталната настава, иако решение не е понудено од ниту една страна (вклучувајќи го и Министерството за образование и наука, кое е одговорно за образовниот процес). Дури и да се понуди некакво решение, сега е веќе предоцна, бидејќи англиските зборови се веќе зацврстени во секојдневната употреба на илјадници млади луѓе во државата.

Што можеме да направиме сите ние како поединци? Проактивност во однос на стандардниот јазик не треба да покажуваат само вработените во ИМЈ или МОН, туку сите што професионално се занимаваат со употребата на стандардниот јазик – новинарите, уредниците, преведувачите, лекторите, професорите… Сепак, многу би било полесно за сите кога препораките за употребата на нови зборови би биле институционално регулирани, бидејќи така може и најлесно да се следат. Иако слушаме многу критики за јазикот што го користат најмладите, важно е да се нагласи дека вината не е кај нив; фактот дека се работи за толку широка употреба посочува дека постои очигледен системски недостиг во работата на институциите што мора да се надомести.

За односот кон јазикот: Различен „јазик“ во различна ситуацијa

Кога пишувавме за јазичниот прескриптивизам и пуризам, нагласивме дека стандардниот јазик е само една од варијантите на еден јазик:

„Стандардниот јазик во општеството служи како неутрален јазик на образованието и официјалната комуникација, но за лингвистите тој не е „подобар“ или „поправилен“ од другите варијанти на јазикот (разговорниот јазик и дијалектите). Употребата на стандардниот јазик во секој случај мора да се регулира и во тоа клучна улога имаат лекторите, но нивните интервенции мора да се ограничат само на ситуациите во кои се употребува стандардниот јазик.“ (извор)

Јазикот на еден народ го сочинуваат и стандардниот јазик и сите нестандардни варијанти што ги користат луѓето што го зборуваат тој јазик како мајчин, па така:

„Тоа што некој збор е нестандарден или од туѓо потекло не значи дека не е македонски; ако голем број луѓе го употребуваат, тогаш е дел од јазикот, сакале ние или не. Покрај тоа, факт е дека секој има право во својот говор да ги користи само зборовите што му се допаѓаат, но тоа не значи и дека смее да го осудува или поправа јазикот на другите луѓе.“ (извор)

Во овој дијаграм се набројани некои елементи на сѐ она што претставува јазик – иако списокот не е исцрпен! – а сите тие дополнително си влијаат едни на други.

Сите овие форми и варијанти на јазикот се сосема легитимни, но важно е да знаеме да разграничиме во кои случаи каква варијанта на јазикот треба да се користи – стандардна или нестандардна. Во секојдневниот живот е сосема вообичаено да користиме разговорен јазик, дијалект, заемки од странски јазици и сл., особено кога зборуваме со пријатели и познаници, или, пак, се наоѓаме во неформална ситуација (во продавница, во автобус, на пазар…). Дури и во рамки на разговорниот јазик постојат разлики во начинот на кој се изразуваме во зависност од соговорниците, целта на комуникацијата, расположението… Но, исто толку важно е и да се почитуваат ситуациите во кои навистина мора да се потрудиме и правилно да го употребуваме стандардниот јазик, како на пример кога сме вклучени во образованието (без оглед дали како ученици или како наставници), кога даваме пишана или усна изјава за медиумите, кога официјално претставуваме некоја организација итн.

Вистина е дека денеска во Македонија свесноста за употребата на стандардниот јазик не е на завидно ниво, и тоа особено паѓа в очи во медиумите, книгите што се печатат без соодветна лектура, јазикот на политичарите… Сепак, тоа што стандардниот јазик не се користи така како што треба не значи дека треба да се инсистира на негова употреба таму каде што не му е местото. Проблемот со јазичниот прескриптивизам настапува кога строгите правила на стандардниот јазик по секоја цена се спроведуваат и надвор од него. Во сите ситуации во кои треба да се трудиме да го употребуваме стандардниот јазик најдобро што можеме, мора да внимаваме на правилата на правописот или правоговорот. Меѓутоа, во сите останати ситуации, во ред е да си зборуваме така како што си зборуваме.

Како членови на една јазична заедница потребно е да размислуваме за тоа како го користиме јазикот и ние и другите околу нас. Ова не е едноставна тема што може да се отвори и да се затвори во кратко време, туку нешто за што ќе треба да се развие свест и постојана дискусија. Начинот на кој зборуваме за јазикот треба да вклучува разбирање за разликите меѓу зборувачите и почит кон сечие право да зборува така како што сака на својот мајчин јазик.

Таквата свесност е истовремено одговорност и на секој поединец и на целото општество. Јазикот што го користат јавните личности, новинарите, наставниците итн. би требало да биде пример за тоа каков начин на изразување е соодветен во секоја ситуација. Освен тоа, потребно е сите варијанти на јазикот (стандарден јазик, дијалекти, разговорен јазик) да се признаат како еднаквовредни и секоја од нив да го најде своето место и својата функција во општеството. Движењето меѓу различните варијанти во зависност од тоа со кого и каде комуницираме треба да се разбере како нешто најприродно од кое зависи здравиот однос кон јазикот.

За разликите меѓу јазиците

Целта на лингвистиката е преку податоци за различните јазици што се зборуваат во светот да извлече заклучоци за човековиот јазик воопшто. Затоа лингвистите ги проучуваат сличностите меѓу јазиците, но и разликите меѓу нив.

Веќе при самото слушање на некој странски јазик може да забележиме некои негови особености, како на пример интонацијата или гласовите што ги содржи. Гласовите се најмалата единица на говорениот јазик. Тешко е да се изброи колку различни гласови можат да произведат говорните органи на човекот, но факт е дека секој човеков јазик содржи само подмножество од сите гласови што може да се изговорат. Интересно е дека нашите говорни органи се навикнати пред сѐ да ги произведуваат гласовите што ги содржи нашиот мајчин јазик – тоа е и една од причините зошто имитирањето на звуците на други јазици може да биде предизвик за некои луѓе. На пример, гласот [m] што го слушаме на почетокот на зборот месечина е дел од речиси сите светски јазици, но постојат гласови, т.н. кликови, кои се дел од само некои јазици што се зборуваат на југот на Африка.

Информациите што ги содржи одредена форма на зборот се нарекуваат граматички категории. На пример, формата свеќите содржи граматички информации својствени за именките во македонскиот јазик, па за оваа форма може да кажеме дека е: во женски род (според категоријата род), во множина (според категоријата број) и определена (според категоријата определеност). Формата прочитавте содржи граматички податоци својствени за македонскиот глагол: второ лице (според категоријата лице), множина (според категоријата број), свршен (според категоријата вид) и минато определено време (според категоријата време). Но, овие неколку граматички категории не се наоѓаат во сите јазици во светот, а постојат и други. Во унгарскиот јазик, на пример, именките не разликуваат граматички род, додека кај глаголите постои уште една (многу ретка) граматичка категорија: определеност. Освен тоа, како што веќе посочивме кај македонскиот и кај бугарскиот јазик, комуникативните потреби на зборувачите на одреден јазик може да доведат до развивање на нови граматички конструкции и граматички категории, или на губење на некои од старите.

Jазиците се разликуваат и во однос на зборовите што ги содржат. Еден важен извор на нови зборови во јазикот е зборообразувањето, при кое од веќе постојни елементи се создава нов збор со ново значење (на пример трка + -ачтркач). Покрај тоа, бидејќи јазиците често се наоѓаат во меѓусебен контакт, вообичаено е да позајмуваат зборови едни од други. Проучувањето на зборовите во различните јазици е особено интересно кога се работи за зборови што означуваат специфични делови од културата на еден народ: храна, обичаи, животни и растенија, облека и сл. Историски гледано, кога две различни култури доаѓаат во контакт, таквите зборови најчесто се позајмуваат од еден во друг јазик за да се доловат предметите и концептите што едната култура ги нема. Предметите и концептите често патуваат заедно со нивните имиња; така на пример, името на бананата потекнува од волофскиот јазик, кој се зборува во Западна Африка, но зборот денеска се користи во целиот свет, бидејќи се раширил заедно со овошјето.

Може да се заклучи дека (не)постоењето на конкретен збор во еден јазик е важно за културата и народот што го зборува тој јазик, бидејќи е одраз на неговите потреби. Во одреден јазик можеме да очекуваме да сретнеме зборови за предмети и појави за кои често се зборува и што се дел од секојдневието на луѓето. Од друга страна, кога зборувачите на еден јазик се соочуваат со нешто ново, потребата да зборуваат за него е толку силна што луѓето секогаш наоѓаат начин да создадат нов збор што ќе го користат.

Покрај горенаведените разлики што произлегуваат од самите јазици, постојат и разлики што се прашање на конвенција, како на пример писмото на кое се пишува и правописот. Така, според правописот на македонскиот јазик во основа се пишува онака како што се говори (односно правописот е фонетски), додека правописот на некои други европски јазици се базира на различни принципи, кои не се секогаш очигледни. Англискиот јазик, на пример, сѐ уште се пишува така како што се изговарале зборовите пред неколку века, односно сегашниот англиски правопис не ги бележи промените во изговорот што се случиле оттогаш (на пример зборот feet пред околу 700 години навистина се изговарал „феет“!).

Ова се само некои полиња на кои јазиците се разликуваат, а постојат уште многу други. И покрај голем број заеднички тенденции, човековите јазици се богати и разновидни во секој поглед. Тоа што во еден јазик се наоѓа некој глас, збор или некоја граматичка категорија помалку или повеќе не е ниту добро ниту лошо, туку само различно. Тоа што еден јазик не го разликува на едно поле, го надоместува со подетални дистинкции на друго поле, па затоа не постои јазик што е апсолутно сложен или апсолутно едноставен. Дали некој јазик е потежок или полесен за изучување зависи од повеќе фактори, а меѓу нив важна улога играат особеностите на нашиот мајчин јазик, јазиците што претходно сме ги совладале, мотивацијата и методите на учење.

Како јазикот се менува (втор дел)

Освен зборовите во јазикот, кои може да се менуваат прилично брзо, и граматиката и гласовниот систем се подложни на промени, и тоа е така во сите јазици.

До јазични промени доаѓа поради разни фактори, кои може да произлегуваат од суштинските особености и тенденции на човековите јазици, од начинот на кој луѓето го користат јазикот, како и од контактот помеѓу различните јазици или дијалекти што ги зборуваат различни заедници.

Така, како корисници на кој било човечки јазик, сите несвесно се стремиме да изразиме што е можно повеќе со што е можно помалку напор. Оваа тенденција може да го објасни, на пример, испуштањето на некои гласови во разговорниот јазик: што → шо, сега → сеа. Од друга страна, пак, сакаме тоа што го кажуваме да биде јасно и недвосмислено, дури и под услов да ни требаат повеќе зборови. На пример, во македонскиот постои удвојување на предметот: Ја гледам книгата, иако во други јазици доволно е предметот да се каже само еднаш (Vidim knjigu; I see the book). На тој начин овие процеси се во постојан натпревар – на едната страна се наоѓаат принципите на јазична економија и леснотија на изговор, наспроти стремежот кон јасност и недвосмисленост на другата страна.

Друг многу чест начин на кој јазиците се менуваат е по аналогија. Јазичните промени по аналогија се случуваат кога одредена јазична форма се менува за да ги следи истите правила како друга форма што ѝ е слична по облик или по значење. Пример за тоа се зборообразувачките процеси поврзани со именките ден и ноќ, кои се значенски поврзани. Иако ден во стандардниот македонски јазик е именка од машки род, во народниот јазик често се користи во женски род, па по аналогија со ноќ → ноќта среќаваме и ден → дента. Ова е особено очигледно во прилози како утредента. Аналогијата е силен принцип, кој има тенденција да го поедностави и изедначи системот и да ги приспособи формите што отстапуваат од шемата. Во конкретниов пример, со членување на ден како да е женски род (дента), именката може да се користи како прилог, по аналогија на ноќта

Што значи за корисниците на еден јазик фактот дека тој се менува?

Повеќето зборувачи на еден јазик ги доживуваат јазичните промени како нешто негативно, односно сметаат дека тие водат до пропаѓање и уништување на јазикот. Ст(р)авот дека јазикот на новите генерации станува нешто непрепознатливо и непосакувано е нешто што постоело отсекогаш и веројатно ќе постои и во иднина. Постојат дури и историски записи што сведочат дека учени луѓе изразувале загриженост за форми во јазикот што за нив биле нови, а денес се сосема нормален и неспорен дел од јазикот. Некои причини за ваквото размислување се носталгијата, општиот страв од промени, загриженоста за „чистотата“ на јазикот, класните предрасуди и верувањето дека некои јазици се едноставно подобри од некои други.

Постои и гледиштето дека јазичните промени водат до некој „повисок стадиум“ на развојот на еден јазик. Вака размислувале пред сѐ некои филолози од 19 век, кои го споредувале јазикот со жив организам што еволуира, сѐ додека не достигне некој естетски идеал на пишан литературен јазик (лингвистот Ото Јесперсен, на пример, сметал дека упростувањето на англискиот јазик води кон негово подобрување). Иако споредбата на јазикот со живо суштество што постојано се менува е многу привлечна, факт е дека јазикот не е живо суштество бидејќи не може да се менува сам од себе. Сѐ што се случува во јазикот е нераскинливо поврзано со човекот; нашиот јазик зависи од нашите потреби да се изразиме онака како што сакаме.

Современите лингвисти гледаат на јазичните промени објективно: јазикот ниту се уништува, ниту еволуира, туку едноставно се менува, како што истовремено се менуваат и луѓето, технологијата, предметите што нѐ опкружуваат, општествата и заедниците во кои се движиме. Лингвистите ги следат јазичните процеси со голем интерес, бидејќи од нив може да се дознае многу за промените во сите области од нашите животи. Токму затоа, промените во јазикот не се нешто ново и загрижувачко, туку сведочат за неговата виталност како систем за комуникација што постојано се менува за да може да одговара на потребите на неговите корисници.

Како јазикот се менува (прв дел)

Овие три текста биле објавени во три различни периоди во распон од 76 години во истиот дневен весник, Нова Македонија. Иако без проблем ги разбираме сите три текста, веднаш забележуваме дека постојат и некои разлики во јазикот. Колку подалеку во минатото одиме, толку подалечна изгледа формата на јазикот од она на што сме навикнати денес.

Интересно е дека воопшто не ни мора да се навраќаме многу години назад во времето за да забележиме промени во јазикот што нѐ опкружува. Јазикот што го користиме кога зборуваме со нашите другари и другарки во многу нешта се разликува од тој што го користеле нашите родители во опуштен муабет со нивните блиски. Најбрзо и најзабележливо се менуваат зборовите што ги користиме, па дури може да се каже дека секоја генерација има свои зборови, кои може да се употребуваат за да го засилат чувството на припадност. На пример, кога некои од постарите генерации изразуваат воодушевување, може да речат дека нешто е шизичко; генерациите по нив велат дека нешто е закон, а уште помладите генерации би рекле дека нешто е јако. Секако, овие зборови може секој да ги користи, но сепак шансите дека ќе чуете тинејџер да рече шизичко или пензионер да рече јако се мали!

Овој податок ни открива една од многубројните причини поради кои доаѓа до јазични промени: запазување на неговата експресивност. Ако еден збор се користи подолго време со исто значење, може да се случи зборувачите на јазикот веќе да не го доживуваат толку силно и да бараат некој друг збор со поголем интензитет, кој и повеќе ќе одговара на „духот“ на нивната генерација. Истовремено, вреди да се нагласи дека младите корисници на јазикот се често токму тие што ја започнуваат промената во јазикот, а тоа е сосема природно.

Јазичните промени на ниво на зборови се најзабележливи и подразбираат и навлегување на нови зборови во јазикот, но и губење на некои зборови од кои веќе нема потреба. Јазикот што го зборуваме ги отсликува нашите потреби, нашето секојдневие и предметите што ги користиме. Кога некоја појава станува актуелна и за неа многу се зборува, логично е да ни притребаат нови зборови со кои најпрецизно и најлесно ќе можеме да се разбереме кога комуницираме во врска со неа. На пример, лингвистите насекаде низ светот во последнава година будно го следат јазикот поврзан со пандемијата на коронавирусот: новите зборови што масовно навлегоа во сите јазици на кои се пишува и се говори за ситуацијата, метафорите што ги користиме за да го опишеме нашето искуство, значењето со кое сите почнавме да ги поврзуваме зборовите маска, дистанца итн.

Од друга страна, постојат зборови што означуваат предмети, места или појави што порано биле дел од секојдневието на нашите предци, но со развојот на технологијата престанале да се употребуваат или станале излишни. Покрај тоа, во зависност од тоа како се менува реалноста околу нас, се менува дури и нашата ментална слика т.е. тоа што си го замислуваме кога употребуваме одреден збор. Помислете на зборот чинија. За повеќето луѓе во современото општество првата помисла е порцеланска, керамичка или пластична чинија, бидејќи повеќето чинии што ги употребуваме во секојдневниот живот се најчесто направени од тие материјали. Меѓутоа, секојдневието на нашите предци било исполнето со погрубо изработени метални и дрвени чинии, па така и сликата што ја имале за тој предмет во главата сигурно била малку поинаква.

Покрај фондот на зборови, и гласовниот систем и граматиката на сите јазици се подложни на промени, иако таквите промени се одвиваат доста побавно. На пример, разликите помеѓу македонскиот и бугарскиот јазик за кои пишувавме се резултат на такви подолгорочни системски промени.

Промените почнуваат во говорениот јазик, но дури ни пишаниот стандарден јазик не е сосема ригиден. Со оглед на тоа дека неговата најважна функција е јасна и непречена комуникација, зборувачите и него го приспособуваат на своите комуникативни потреби. Во вториот текст на оваа тема ќе зборуваме за уште неколку начини на кои јазикот се менува и за ставот на луѓето кон тие промени.

Како е правилно, „јаболка“ или „јаболки“? – За јазичниот прескриптивизам

Дали ви се случило некој да ви рече дека не го владеете својот мајчин јазик? Сите некогаш сме се поколебале околу правилниот начин да се каже нешто. Всушност ни лингвистите не се рамнодушни во однос на оваа тема!

Централната цел на лингвистиката како наука за јазикот е да ги открие тајните на човековиот јазик и да разбере како тој функционира. Научниот метод подразбира објективност при набљудувањето на предметот на истражување, па така, на пример, биологот може да ги проучува специфичните особини на пингвините без да ги суди за тоа што се толку нетипични птици. Така и лингвистите само го опишуваат јазикот што го проучуваат, а стекнатото знаење вообичаено не го користат за да го поправаат начинот на изразување на луѓето што зборуваат одреден јазик.

Во лингвистиката се водиме по начелото дека сите јазици и сите варијанти на еден јазик се рамноправни и подеднакво интересни за проучување. Секој телефонски разговор, твит, антички законик, рецепт за торта, политички говор или муабет на пазар е валиден јазичен податок што лингвистите може да го искористат во своите истражувања.

Меѓутоа, една од последиците на тоа што јазикот во целост им припаѓа на сите што го зборуваат е што сите имаме некакви ставови околу тоа како нашиот јазик звучи и како треба да звучи. Јазикот на една заедница секогаш постои во рамки на некакво општество и на различни начини ги отсликува состојбите што постојат во него; на пример, јазикот што го зборуваме открива многу за тоа на која општествена група ѝ припаѓаме. Во сите општества низ историјата секогаш јазикот на богатите, образованите и моќните се сметал за престижен, односно се вреднувал повеќе од јазикот на обичните луѓе, сиромашните и необразованите. Врз основа на тоа, се изделувале јазичните особини што се сметале за пожелни и прифатливи од една страна, и таквите што биле осудувани од друга страна.

Верувањето дека само една јазична варијанта е „точна“ и има посебен статус во однос на другите, кои се „погрешни“, се нарекува јазичен прескриптивизам. Ова е тесно поврзано со идејата дека кога во јазикот постојат два или повеќе начина да се изрази истата работа, само еден од нив може да е „правилен“. Од друга страна, употребата на другите варијанти во очите на прескриптивистите може да создаде впечаток дека тој што зборува е неписмен, необразован или не се потрудил доволно. 

Најчесто варијантата што се зема како „точна“ и во споредба со која другите начини на изразување се сметаат за „погрешни“ е стандардниот јазик (оттаму доаѓа и терминот прескриптивизам – се однесува на пропишаните правила што ги наоѓаме во правописите, речниците и граматиките). Стандардниот јазик во општеството служи како неутрален јазик на образованието и официјалната комуникација, но за лингвистите тој не е „подобар“ или „поправилен“ од другите варијанти на јазикот (разговорниот јазик и дијалектите). Употребата на стандардниот јазик во секој случај мора да се регулира и во тоа клучна улога имаат лекторите, но нивните интервенции мора да се ограничат само на ситуациите во кои се употребува стандардниот јазик.

„Потајно ти ги поправам граматичките грешки“ лево и „Не те судам ако правиш граматички грешки, само ги анализирам“ десно

Во реалноста, секако, варијацијата во јазикот, односно постоењето на повеќе варијанти за истата работа, сведочи за богатството, разновидноста и креативноста на човековиот јазик. Постоењето на тие варијанти се должи на најразлични фактори: возраста и потеклото на тој што зборува, различните дијалекти, дали се работи за пишан или говорен јазик, постар или понов јазичен материјал, или пак се работи за варијација што не е условена од ниту еден фактор  – понекогаш навистина едноставно имаме повеќе начини да кажеме едно исто нешто. Постоењето на варијација е возбудливо за лингвистите, бидејќи може да биде предвесник на промени во јазикот што се случуваат пред нашите очи.

Меѓутоа, кога зборувачите на еден јазик се соочуваат со повеќе варијанти, тоа кај нив може да доведе до сомневање во сопствените јазични способности при користењето на мајчиниот јазик. На пример, ако во нашиот дијалект множина од јаболко е јаболка и таа е единствената форма што сме ја слушале и читале, а одеднаш слушнеме роден говорител на македонскиот јазик што вели јаболки, природно е да се посомневаме дека некој од нас греши. Во ваквите случаи, прескриптивизмот знае да понуди едноставно решение: сигурно само една од понудените варијанти е правилна, а другите се погрешни. Тоа доведува до едно од најчесто поставуваните прашања: Како е правилно?

Прескриптивизмот на прв поглед изгледа како совесна грижа за јазикот, но претераното поправање на јазикот што го користат луѓето во своето секојдневие е всушност штетно за неговиот развој и за односите меѓу различните зборувачи. Јазикот им припаѓа на сите негови корисници и не може да се оддели од нив. Според ова, лингвистите немаат улога на „чувари на јазикот“, токму бидејќи идејата е тој да не се чува од никого, туку напротив, да се уважува секој начин на кој луѓето го користат. Вистинската грижа за јазикот подразбира воочување на соодветната варијанта што треба да се употреби во дадена ситуација и отвореност кон различните начини на кои може да се изразуваме.

За крај, да одговориме на прашањето во насловот – и двете опции се правилни, бидејќи и двете се многу чести во македонскиот јазик! Стандардна е само множинската форма јаболка, па би требало таа да е формата што ја слушаме на телевизија или ја читаме во учебниците. Сепак, ако чичкото на пазар напишал дека продава зелени јаболки, нема потреба да го поправаме, бидејќи станува збор за неформална комуникација што сепак се одвива на македонски јазик.

Јазик или дијалект?

Едно од најзбунувачките прашања во лингвистиката, особено за луѓето што не се занимаваат со неа, се однесува на тоа која е разликата помеѓу поимот јазик и поимот дијалект.

Проблемот лежи во тоа дека не постои јасна граница помеѓу двете нешта. На прв поглед звучи јасно: под јазик подразбираме стандарден јазик, а наспроти него постојат дијалектите кои се зборуваат на територијата на една држава. Сепак, поделбата воопшто не е толку едноставна (а оваа поделба не е ни сосема точна).

Прво мора да се разјасни дека во рамките на еден јазик влегуваат и стандардниот јазик и различните нестандардни варијанти (вклучувајќи ги дијалектите). Ова дополнително ја усложнува разликата меѓу јазик и дијалект, бидејќи едно од значењата на поимот дијалект се однесува и на локалните нестандардни варијанти кои се дел од еден јазик (т.е. јазик како поим го содржи поимот дијалект).

Освен тоа, постојат уште многу фактори што придонесуваат кон комплексноста на целата приказна. Да го разгледаме подетално ова прашање од неколку различни гледни точки.

Јазично потекло

Кога два јазика имаат различно потекло, не е воопшто спорно дека се работи за различни јазици. На пример, арапскиот и финскиот јазик се посебни јазици бидејќи немаат заеднички јазичен предок. Сепак, често за посебни јазици ги сметаме и јазиците што се сродни меѓу себе, како на пример шпанскиот и италијанскиот. Латинскиот јазик им е непосреден заеднички предок на овие два јазика, а нивните говорители низ вековите често доаѓале во близок контакт. Меѓутоа, и двата јазика поминале свој пат на развој низ стотици години, па денес секој од нив има посебна граматика, посебен систем на гласови и фонд на зборови. И покрај нивната заедничка историја, ги сметаме за посебни јазици бидејќи и шпанскиот и италијанскиот јазик со векови се развивале во посебни правци.

Географски фактори

Кога на едно поголемо географско подрачје се зборуваат повеќе сродни јазици, тоа најчесто значи дека тие историски се рашириле од една почетна точка низ целото подрачје. Со ширењето на населението од една територија на друга и природниот развој на народниот јазик дошло до создавање на различни дијалекти, кои постепено се развивале во посебни јазици.

Замислете си подрачје на кое се зборуваат дијалектите означени на сликата со бројки од 1 до 6, така што со нивната местоположба еден до друг обликуваат замислен ланец. За потребите на овој пример замислете си дека секој го зборува само својот дијалект и нема претходни познавања од другите дијалекти во ланецот. Луѓето што го зборуваат дијалектот 1 без проблем се разбираат со нивните соседи што го зборуваат дијалектот 2; говорителите на дијалектот 2 исто толку лесно се разбираат и со тие што зборуваат на дијалект 1 и со тие што зборуваат на дијалект 3 – всушност, сите се разбираат со најблиските соседи кон лево или десно. Тоа е така бидејќи соседните дијалекти делат многу заеднички јазични особини, а разликите не го попречуваат меѓусебното разбирање. Меѓутоа, дијалектите што се малку пооддалечени еден од друг не се веќе толку слични; 3 и 5 можат да се разберат, но разликите се позабележителни. На истиот начин, ако се сретнат говорители на дијалектите 3 и 6, тие веќе се разбираат само ако зборуваат побавно и појасно, итн. Во комбинација и со некои други фактори (освен меѓусебното разбирање), најооддалечените дијалекти 1 и 6 може да се сметаат веќе за различни јазици, бидејќи иако се постепено поврзани меѓу себе, нивните говорители не се разбираат кога зборуваат секој на својот говор.

Ваквата појава кога постои постепено „прелевање“ на јазични особини од еден дијалект во друг се нарекува дијалектен континуум. Ова е појава што се среќава во различни јазични фамилии на различни места во светот: на пример, јужнословенскиот дијалектен континуум (во кој спаѓа и македонскиот јазик) ги покрива териториите на сите држави каде што се зборуваат јужнословенски јазици и дијалекти од Словенија па сѐ до Бугарија; скандинавскиот континуум ги опфаќа шведскиот, данскиот, норвешкиот, фарскиот и исландскиот јазик (заедно со сите нивни дијалекти); арапскиот континуум се протега на огромно подрачје што ги покрива цела Северна Африка, целиот Арапски Полуостров и некои од околните земји од Блискиот Исток, итн. Тука е важно да се нагласи дека кога зборуваме за дијалектен континуум на едно подрачје зборуваме само за јазиците т.е. дијалектите што се сродни меѓу себе, дури и кога на истото подрачје постојат и се користат и некои други јазици. Во такви случаи, употребата на терминот континуум не ги исклучува останатите несродни јазици.

Во секој дијалектен континуум јазичните особености се толку испреплетени низ дијалектите што станува многу тешко да се одреди каде точно започнува односно завршува одреден јазик. Може да се обидеме да го замислиме континуумот како на сликата долу, на која левата страна е обоена во розовo, а десната во синo; на средината двете бои постепено се мешаат, па како резултат се прелеваат повеќе различни нијанси на виолетово. Но, каде точно започнува виолетовото од двете страни? Проблемот е што не можеме прецизно да кажеме која е точната граница меѓу розовото и виолетовото односно виолетовото и синото.

Така и во дијалектниот континуум јазичните карактеристики се преплетуваат меѓу различните дијалекти, па не може да се каже дека му припаѓаат само на еден од нив, а уште помалку дека му припаѓаат само на еден од посебните јазици. Меѓу различните „нијанси“ во континуумот не постојат строги граници, па затоа при дефинирањето на границите на еден јазик мора да се послужиме и со други критериуми (за кои ќе пишуваме подолу).

Како последица на ова, границите на еден јазик најчесто не се поклопуваат со границите на државата во која се зборува тој јазик. Ако се навратиме на визуелниот приказ на македонските дијалекти од претходната објава, гледаме дека на мапата е обоено целото подрачје каде што луѓето го зборуваат македонскиот јазик како мајчин јазик. Покрај тоа, забележуваме дека боите на трите наречја не згаснуваат нагло на север и на исток, туку постепено се прелеваат во соседниот јазик од дијалектниот континуум – на север во српски, а на исток во бугарски.

Општествено-политички фактори

Сѐ досега зборувавме за релативно објективни нешта, како географското подрачје на кое се протега еден јазик или дијалект, јазичните особености на дијалектите за кои станува збор и меѓусебното разбирање помеѓу луѓето што зборуваат сродни дијалекти кои се дел од дијалектен континуум. Покрај овие фактори, при одлучувањето дали еден дијалект ќе го добие „статусот“ на јазик често се одлучувачки некои други, покомплексни критериуми, кои спаѓаат во областа на социолингвистиката и применетата лингвистика, бидејќи се тесно поврзани со општествено-политичкиот контекст на тој дијалект односно јазик.

Пред сѐ, мора да се нагласи дека јазикот на една заедница е тесно поврзан со идентитетот на луѓето во заедницата и нивното чувство на припадност. Од чувството на идентитет произлегува правото на самоопределување како посебна заедница со свој јазик различен од тој на другите заедници во општеството. Поради ова, доколку припадниците на заедницата т.е. самите говорители сметаат дека нивниот јазик е посебен ентитет (односно целина сама по себе, а не само дел од некоја друга целина), правото на самоопределување значи дека може да се занемарат објективните причини што би го определиле нивниот јазик за дијалект. Важи и обратното – ако припадниците на една заедница сметаат дека дијалектот што го зборуваат припаѓа на поголемата целина на еден јазик, дури и кога формално значително се разликува од другите дијалекти на тој јазик, нивното право на самоопределување мора да се почитува.

Покрај тоа, важна е и врската помеѓу јазикот и државата. Често кога се отвора ова прашање се спомнува еден познат цитат од лингвистот Макс Вајнрајх: „Јазик е дијалект со армија и морнарица“. Низ историјата многу јазици се сметале за дијалекти само бидејќи немале своја држава, дури и кога јазичните особености ги издвојувале од соседните сродни јазици. При признавањето на статусот на еден јазик често доаѓа до отворање на контроверзни прашања во кои општествено-политичките околности се многу поодлучувачки од степенот на лингвистички разлики присутни меѓу јазиците.

Значи, јазик или дијалект?

Иако звучи логично да се почитуваат само објективните географско-јазични околности, во праксата тоа едноставно не е можно. Од сите овие фактори што ги наведовме погоре може да произлезат најразлични случаи, кои ќе ги илустрираме со неколку примери од европската јазична реалност:

  • Постојат јазици што немаат своја држава, а се зборуваат на мала територија во рамките на поголема држава. Ваков пример е баскискиот јазик, кој се зборува во регионот Баскија околу западниот дел на границата меѓу Шпанија и Франција. Баскискиот јазик нема заедничко потекло со ниту еден друг европски јазик, па неговиот статус како посебен јазик не може да се оспори.
  • Постојат јазици што немаат своја држава, а се зборуваат во повеќе различни држави. Еден таков пример е ромскиот јазик, кој е мајчин јазик на милиони луѓе низ цела Европа и се зборува секаде каде што живеат Роми. Ромскиот јазик е толку распространет што има голем број свои дијалекти, кои се разликуваат во зависност од тоа каде живеат неговите говорители.
  • Постојат јазици што се зборуваат на толку голема територија и имаат толку многу дијалекти што често се случува луѓето да не се разбираат меѓу себе. На пример, човек од северот на Германија би имал проблеми да се разбере со човек од Швајцарија, иако и двајцата би рекле дека нивниот мајчин јазик е германски. Германскиот е мајчин јазик и службен јазик во повеќе држави, па нормално е дека постојат повеќе варијанти што може прилично да се разликуваат меѓу себе.
  • Постојат јазици што се многу слични меѓу себе, но нивните говорители ги сметаат за одделни јазици. Правото на посебен идентитет и јазик може да биде засилено со постоењето на посебна држава, во која јазикот на заедницата има статус на службен јазик. Овие случаи се често контроверзни, како што ни е познато од примерот на српскиот, хрватскиот, босанскиот и црногорскиот јазик, кои се денес четири стандардни јазици во рамки на јужнословенскиот дијалектен континуум.

Дури откако ќе се земат предвид сите овие околности станува јасно зошто ова прашање е толку комплицирано. Кога статусот на еден јазик не е потполно разрешен, мора да се разгледаат главните аспекти: јазичното потекло, географските и општествено-политичките фактори. Тие придонесуваат за појаснување на посебноста на еден јазик, но за жал ретко доведуваат до заклучок кој ќе биде прифатлив за сите засегнати страни. Во секој случај, пред сѐ мора да се слушне гласот на заедницата чиј јазик се разгледува и едно вакво отворено прашање да се проучи од сите гледишта за да се разбере целосниот контекст.

За стандардниот јазик

Не постојат две човечки суштества што се сосема исти, дури и кога се работи за идентични близнаци. Исто како што сите имаме различни отпечатоци на прстите и различни гласови, постојат разлики во начинот на кој зборуваме, дури и кога во една група сите зборуваме ист јазик (македонски, дански, јапонски…). Разликите во јазикот што го користиме се условени од различни фактори: кога и каде сме се родиле, со кого го поминуваме најголемиот дел од времето, каде сме оделе на училиште, дали зборуваме други јазици и уште многу други нешта.

Меѓутоа, иако сме сите различни, постојат ситуации кога треба да се изразиме на начин што ќе можат да го разберат сите што го зборуваат истиот јазик, без разлика на тоа каде се родиле, колку се стари или образовани. Тоа е стандардниот јазик – неутрален, надрегионален, службен јазик со практична комуникативна функција. Неговата цел е да биде еднаков и јасен за сите негови корисници. Тој е пишаниот и устен јазик на медиумите и на државните институции, на образованието и на литературата (уметничка* и стручна), односно на сѐ што официјално се објавува. Воедно, тоа е и јазикот што се поврзува со државноста и со националниот идентитет.

Покрај институциите, стандардниот јазик (со истото значење се користи и терминот литературен јазик) го употребуваме и сите ние како поединци кога сме во формални ситуации, при контакт со институциите и медиумите, или кога едноставно сакаме да бидеме разбрани во поширок регионален контекст. Меѓутоа, факт е дека во секојдневната комуникација со семејството, пријателите, како и во поопуштен социјален контекст, не го употребуваме стандардниот јазик. Всушност, тој воопшто не е првиот јазик што го усвојуваме кога ќе се родиме и никому не му е мајчин јазик во вистинската смисла на зборот.

Тоа е така бидејќи родителите на своето дете му зборуваат на обичен, секојдневен, разговорен јазик. Разговорниот јазик варира поради многу различни фактори, а најочигледни разлики забележуваме во зависност од местото каде што сме се родиле и израснале. Кога зборуваме за таквите локални варијанти на јазикот, зборуваме за дијалекти. Дијалектот е првиот јазик што го стекнуваме преку нашите родители и непосредната околина, додека стандардниот јазик го усвојуваме преку литературата и медиумите, а најдоцна на училиште.

Дијалектите се развиваат природно и така му претходат на стандардниот јазик; без дијалекти не може да постои стандарден јазик, бидејќи нема јазичен материјал што би се стандардизирал. Кога зборуваме за развојот на различните јазици, често се среќаваме со терминот народен јазик, кој всушност само се однесува на разговорниот јазик т.е. дијалектите.

За разлика од разговорниот јазик, стандардниот јазик е свесно создаден од страна на водечките научници на еден народ, при што главниот принцип е создавање воедначени правила што ќе ги зближат сите што го зборуваат истиот јазик. Ова не значи дека тој е поважен од другите варијанти што луѓето ги зборуваат како мајчин јазик, туку тие се надополнуваат меѓу себе.

Стандардниот јазик е всушност единствена варијанта во чие одржување општеството може институционално да интервенира преку правописи, речници и граматики, во кои се запишуваат и пропишуваат неговите правила. За разлика од него, никој нема контрола врз разговорниот јазик, бидејќи сите зборувачи го користат слободно во нивното секојдневие, при што тој природно и брзо се менува. Во сите јазици промените прво се јавуваат во разговорниот јазик, па дури потоа „официјално“ стануваат дел од стандардниот јазик.

Сите стандардни и нестандардни варијанти имаат своја функција и се неопходни за развојот на еден јазик, но и за народот кој ги зборува. Покрај тоа, сите имаат свои внатрешни правила, па затоа се подеднакво интересни за лингвистите.

* Во уметничката литература не се користи само стандарден јазик, бидејќи разговорниот јазик е често посликовит и поблизок до вистинскиот живот.