Зошто… се вели дека во македонскиот нема падежи, кога сепак има вокатив?

Завчера добивме едно толку интересно прашање од некој анонимен читател (или читателка), што одлучивме да напишеме посебна објава за да го разјасниме! Прашањето гласи: зошто учиме дека во македонскиот јазик нема падежи, кога сепак во секојдневниот говор се користи вокативот?

Прво да разјасниме дека се точни и двете тврдења – точно е дека во современиот македонски јазик навистина нема падежи, но точно е и дека многу именки имаат вокативни форми, кои се користат во секојдневниот говор и во стандардниот јазик! „Цаката“ лежи во тоа дека овие две работи не се исклучуваат меѓу себе, а за тоа постојат две причини.

Првата причина всушност се крие во тоа како се дефинира концептот за граматички падеж кога се зборува за кој било јазик, концепт што е патем особено збунувачки за луѓе чиј мајчин јазик нема падежи, како македонскиот. Велиме дека во еден јазик има падежи кога именките, заменките и придавките имаат различни форми (најчесто добиваат наставки) во зависност од функцијата во реченицата и начинот на кој се поврзани со останатите зборови во реченицата. Овие форми се сосема задолжителни т.е. дел од граматичките правила на јазикот, па неупотребувањето на падежните наставки води кон неграматички реченици (вистински граматички погрешни, нешто што не е поврзано со прескриптивизмот и стандардниот јазик!).

Ова е тешко да се илустрира со пример на македонски јазик, бидејќи во современиот македонски јазик остатоци од таквиот стар падежен систем има само кај заменките: „Само него го видов, неа не ја видов вчера“; „Само нему му се јавив, нејзе не ѝ се јавив вчера.“ Кога ја употребуваме заменката „тој“ како директен предмет, ги користиме формите „него го“, а кога е индиректен предмет ги користиме формите „нему му“ (во примерите ги има и соодветните форми за заменката „таа“). Најблискиот роднина на македонскиот што има падежи е српскиот јазик, па еве неколку примери на српски во кои може да се забележат некои од различните форми на името Марија:

  1. Марија ми је донела књигу. (Марија ми донесе книга)
  2. Данас сам видела Марију. (Денеска ја видов Марија)
  3. Марији сам купила поклон. (Ѝ купив подарок на Марија)

Во првата реченица Марија се јавува во улога на подмет односно вршител на дејството; во втората е директен предмет, а во третата индиректен предмет. Изборот на наставката зависи единствено од функцијата на зборот во реченицата. Ако ги погледнеме преводите на овие три реченици, веднаш ги забележуваме падежните остатоци во формите на кратките заменки за директен и индиректен предмет (ја видов / ѝ купив), плус предлогот на кој е всушност дел од индиректниот предмет во третата реченица. Меѓутоа, формата на именката не се менува, односно не се додава наставка, па во сите три реченици формата е Марија.

Но добро, да се вратиме на вокативот! Тој традиционално се смета за падеж бидејќи во јазиците кои имаат развиен падежен систем, вокативот се издвојува со посебни наставки за искажување на функцијата обраќање или повикување. Сепак, вокативот се разликува од останатите падежи бидејќи неговата употреба не е во зависност од другите зборови, туку упатува на ситуацијата „надвор“ од самата реченица т.е. на тоа на што му се обраќаме со исказот. Ова е нешто што важи за сите јазици, бидејќи обраќањето во суштина не е дел од реченицата, туку еден вид нејзин „додаток“ (и токму затоа во многу јазици се користи во комбинација со запирка!). Поврзано со тоа, терминот „вокатив“ се користи и во јазиците што немаат различни вокативни форми, како англискиот, кога се мисли на функцијата обраќање.

Конечно, втората причина за тоа зошто вокативот не го сметаме за „вистински“ падеж е специфична за неговата употреба во современиот македонски јазик. Еднаш веќе пишуваме за тоа дека само кај именките има посебни вокативни форми, и тоа не кај сите. Покрај тоа, за „статусот“ на вокативот е уште поважно тоа дека употребата на вокативната форма е честопати незадолжителна, туку по избор на зборувачот, бидеќи функцијата за обраќање се пренесува и без неа: помеѓу „Стефан, дојди малку!“ и „Стефане, дојди малку!“ нема разлика во значењето, туку само во стилот и во додадената емоционална нијанса. Исклучок кон ова се само најчесто употребуваните вокативни форми како професоре, наставничке, мамо, Боже, господине, госпоѓо итн., кои се неутрални и ги доживуваме како задолжителни, бидејќи без нив реченицата звучи неправилно: „Се извинувам, професор“ или „Бог, дај ми сила!“.

Значи, да заклучиме: македонскиот јазик нема падежи и поради тоа е (заедно со бугарскиот) единствен словенски јазик без падежи, но сепак има падежни остатоци во заменскиот систем (кои се задолжителни) и кај некои именки (некои од нив се задолжителни, а некои не).

Зошто… не се пишува надреден знак над „ни“?

Пред некое време добивме одлично прашање од нашиот читател Драган: дали во стандардниот јазик се пишува надреден знак над кратката заменска форма ни (пр. Тие ни испратија писмо) или не?

Прво, краток преглед на овој правописен знак. Надредниот знак во македонскиот јазик е само цртичка што некогаш се пишува над е или и (т.е. è и ѝ), и тоа во обратен правец од цртичката над ќ и ѓ. Правописот (стр. 141) пропишува употреба на надредниот знак само во три зборчиња, и тоа во кратките заменски форми нè и ѝ, и во количествената заменска форма сè.

Причината зошто тие зборови се пишуваат со надреден знак е многу едноставна – за да се разликуваат од особено честите не (за негација), и (како сврзник) и се (помошен глагол или повратна заменка), за да не дојде до забуна или недоразбирање:

  • Нѐ прашаа како се викаме. —– Не прашаа кога сум дошол.
  • Kога стигнав ѝ се јавив. —– Кога стигнав и се јавив, не беше дома.
  • Сѐ гледам од врвот. —– Се гледам во огледалото.

Покрај тоа, ваквите зборови што исто се пишуваат, но имаат различно значење (хомоними) често се случува да се најдат еден до друг во реченица, па со надредниот знак постои начин да ги разликуваме (пр. Сѐ се случува со причина; Не нѐ викнаа на забавата; Тој влезе и ѝ се обрати).

За нѝ најчесто нема потреба, бидејќи значењето на кратка заменска форма скоро невозможно е да се помеша со другото значење на разделен сврзник (пр. Не бил ни во Охрид, ни во Струга), односно контекстот во најголем дел од случаите е доволен за да се сфати значењето на реченицата. Сепак, постојат примери во коишто надредниот знак би помогнал веднаш да се направи разлика помеѓу двата хомонима:

  • Ни играа, ни пееја, ни свиреа… (пример на Денис Бојаров – реченицата може да се протолкува на два начина, а вистинското значење може да се открие само во поширокиот контекст)
  • Сакаат да им одговориме, а не ни ни пишале.

Засега, според последниот Правопис на македонскиот јазик, над ни не се пишува надреден знак, без разлика на неговото значење или функција во реченицата. Интересни се примерите што сведочат дека веројатно постои потреба за разликување на сврзникот од кратката заменска форма, но само времето ќе покаже во кој правец ќе се развива ова јазично прашање и дали правилото ќе се промени во некое од следните изданија на Правописот.