Анонимно прашање: Ја гледам детската емисија Светот на Биби и ми звучи како Биби чудно да го изговара јазикот – квалитетот на самогласките е чуден и неприроден, исто и на некои согласки. И прозодијата е неправилна, со различно траење на слоговите и чудно акцентирање. Ова делумно личи на вообичаениот говор во детските емисии – променет глас и имитирање детски говор. Но за разлика од други емисии звучи и особено неправилно. Дали сте го забележале ова, и дали воопшто треба да се бара/очекува поточен изговор од Биби?


Прво, фала многу за прашањето – навистина нѐ заинтригира, но ни требаше подолго време да го одговориме бидејќи ниту една од нас ја немаше гледано емисијата! Сакавме да си издвоиме време и внимателно да изгледаме барем епизода-две за да можеме со поголема сигурност да дадеме мислење.

Ги исклучивме епизодите во кои се пее и побаравме такви во кои се зборува, така што овие коментари се врз основа на епизодите „Емотивна гимнастика 1“ (од октомври годинава), „Моите омилени места: Пелистер“ (од јули 2020), „Малата вештерка“ (од јуни 2020) и „Биби бои“ (од февруари 2019).

Сакаме да започнеме со неколку воведни забелешки во однос на емисиите наменети за деца. Прво, мора да кажеме дека се согласуваме со забелешката дека говорот во детстките емисии општо звучи доста чудно и често афектирано. Ова не е така само во македонскиот јазик, туку општо кога им се зборува на деца на кој било јазик. Имено, во рамки на својата образовна функција, емисиите за деца имитираат еден јазичен факт од секојдневниот живот: возрасните зборуваат на еден начин со деца и на друг начин со други возрасни! 

Сите сме забележале дека кога зборуваме особено со помали деца, формата и содржината на кажаното доста се разликува од тоа како зборуваме со други возрасни. Во лингвистиката ова се нарекува говор насочен кон деца (англ. child-directed speech) и многу често се наоѓа и во емисиите за деца. Меѓу другото, се одликува со подолги паузи на невообичаени места, претерано нагласување на одредени зборови, повеќе полнозначни од службени зборови (на пример повеќе именки, глаголи и придавки отколку предлози и сврзници), пократки, прости реченици и слично. Дури и без да ги набројуваме овие особености, инстинктивно ни е јасно дека јазикот во детските серии се разликува од тоа што го користиме во секојдневниот говор.

Да се вратиме конкретно на „Светот на Биби“: за детална анализа и споредба треба внимателно да се провери дали овие и слични особености се поприсутни во неа отколку во други серии, и ова е одличен пример за прашање што сосема легитимно можат да си го постават лингвистите во рамки на некое истражување 😉

Меѓутоа, прашањето е добро поставено: каде е границата меѓу особеностите на говорот насочен кон деца и едноставно неправилна употреба на стандардниот јазик? Изгледа дека е најдобро да се сконцентрираме на различни особености за да се обидеме да одговориме. Бидејќи прашањето се однесува на изговорот, во оваа прилика ќе ги изоставиме другите особености на јазикот на Биби – а и тие се доста интересни!

  • Употребата на акцентски целости во „Светот на Биби“ е сосема правилна и тоа е навистина за пофалба (примери: „Сакаш да се запознаеме со неа?“; „…и ќе дознаваме различни нешта за него.“).
  • Акцентирање и паузи: убаво сте забележале, прозодијата е навистина необична, нагласени се повеќе слогови од тоа што би било вообичаено во неутрален говор и многу од нив исто така траат подолго (пример: „моите омилени места [пауза] во Македонија“)
  • Квалитетот на самогласките и согласките на Биби: ова навистина не е едноставно да се фати без соодветна опрема што објективно може да ги измери акустичките особености на даден звук (ова е уште една идеја за интересно лингвистичко истражување!) Единствено што можеме да кажеме со сигурност е дека самогласките звучат малку потесни од стандардот, но тоа не е ништо необично и веројатно причината за тоа е дека актерката е од Скопје (една од специфичните особини на скопскиот говор е дека самогласките се потесни од оние пропишани според правоговорот).

Без подетална анализа со соодветна опрема тешко можеме да кажеме повеќе, но особеностите што ги наброивме во голема мера се совпаѓаат со карактеристиките на говорот насочен кон деца.

Многу интересен е последниот дел од прашањето, односно каков изговор треба да се бара/очекува од една ваква емисија. Нашиот одговор се концентрира конкретно на македонскиот јазик како јазик на кој не постојат претерано многу вакви содржини: општо земено, би било убаво изговорот да биде стандарден. Меѓутоа, може да се случи автор(к)ите да сакаат намерно да прикажат некој дијалект или пак исечок од разговорниот јазик и ова би било многу интересно и корисно да се види и слушне, особено бидејќи македонските деца често се соочуваат со друг дијалект дури на факултет, односно кога ќе запознаат колеги од други краишта.

Додаток: Ова не беше дел од прашањето, но изгледа дека има цела рубрика „Со Биби на македонски е поубаво“, во која во кратки исечоци Биби претставува „погрешни“ и „точни“ зборови. Во описот на видеата стои дека се работи за македонскиот литературен јазик, но оваа информација недостасува во видеата и во лекциите недостасува контекст во кој би се употребиле зборовите. Поинаку кажано, од видеата се добива впечаток дека на гледачите/децата им се препорачува воопшто да не ги користат зборовите што се оценети како „погрешни“. Ова го истакнуваме бидејќи е важно како тема на која веќе имаме пишувано на блогот. Пристапот кон јазичниот материјал како нешто што може да биде „точно“ или „погрешно“ независно од ситуацијата е нешто што исто така заслужува внимание кога се разгледуваат содржините наменети за деца.

Анонимно прашање: Зошто во училиште нé учат дека во македонскиот јазик нема падежи, кога сепак во секојдневниот говор се користи вокативот?


Одлично прашање и сосема на место! Всушност, толку многу ни се допадна што одлучивме да напишеме цела објава на оваа тема, па се надеваме дека повеќе луѓе ќе го видат одговорот. Голем поздрав и уште поголемо фала! :))

Прашање од читател: Здраво, најпрво едно големо БРАВО за идејата и вашата страница. Сакам да пршам како е правилно: “Здраво Македонијо” или пак “Здраво Македонија” дали личните именки имаат вокативна форма во македонскиот јазик? Уште еден пример: “Здраво Викторија” е точно, додека според моето мислење “Здраво Викторијо” е неточно исто како што е неточно и “Здраво Македонијо”. Ви благодарам за одговорот. Срдечен Поздрав, Александар


Здраво, Александар! Фала ви многу за убавите зборови и за одличното прашање.

Како што и самите спомнувате, во македонскиот јазик многу именки имаат посебна вокативна форма што се употребува за директно обраќање или повикување: професорке, Иване, мамо, Боже, госпоѓо… Сепак, ваквите посебни вокативни форми полека исчезнуваат, па тие што сѐ уште постојат се само оние што се употребуваат; за сите останати, вокативната форма е идентична со основната (Никола, дете, дедо). Така, на пример, во теорија постои вокативна форма од сите машки лични имиња што завршуваат на согласка, но прашање е колку луѓе навистина ги употребуваат. Размислувавме ете за вашето име – дали некој вас ве вика Александре? 😀

Затоа, ова прашање би го одговориле повеќе во смисла на тоа како ги доживуваме одредените форми отколку дали постои посебна вокативна форма на некоја именка. Нам лично „Здраво Македонијо“ ни звучи сосема во ред и нема посебна нијанса во значењето, но ако некој нѐ повика со нашите лични имиња во вокативна форма со (Нино! Викторијо!) веднаш помислуваме дека нешто сме згрешиле и ќе нѐ караат! Интересно е дека во примерот што го давате, Македонијо всушност ни звучи поприфатливо од Македонија, што можеби е поврзано со тоа колку често ја слушаме таа форма во медиумите и во народните песни. Од друга страна, понавикнати сме да ни се обраќаат со основната форма (Нина! Викторија!), иако и вокативната форма постои, само не е неутрална.

Анонимно прашање: Здравейте! Имам три въпроса за разликте между македонския и българския стандартни езици, както ги описвате по-долу, на 30-и ноември 2020 г. 1) Относно #4, не мислите ли, че българските показателни местоимения тази/тая и т.н. покриват употребата на оваа и таа и т.н.? За “посочување без просторна и временска определеност” не е ли “тия” равно на “тие”?

2) Относно #6, смятате ли за “има-перфект” следния израз в стандартния български език: “има постигнато споразумение…”? Ако да, #6 остава ли категорична разлика? Или само такава в честотата и широтата на употреба? 3) В #7, не важи ли следното? “бугарски: пиша → писанo, напиша → написанo, дойда → /” ДОШЛО Ако важи, #7 остава ли разлика?


Здраво! Фала за интересните прашања. Пред да ги одговориме, би сакале да истакнеме дека кај сите особености кои ги наведовме во последната објава се работи за системски разлики што се однесуваат на сржта на структурата на јазикот и на тоа како различни појави од реалноста се изразуваат преку јазикот. Инаку, тие осум особини секако не се единствените разлики меѓу двата јазика (ако ве интересира повеќе, погледнете ги коментарите од Емилија Нешкоска и Елка Јачева-Улчар тука).

Еве сега одговори на сите поединечни прашања:

  1. Во врска со показните заменки, посочуваме на тоа дека во системот на македонскиот јазик (односно на македонските дијалекти) се развиле три посебни форми, додека во системот на бугарскиот јазик постојат само две. Во лингвистиката е докажано дека формите што постојат во еден јазичен систем ги отсликуваат потребите на луѓето што го зборуваат тој јазик. Од друга страна, ако во системот не постојат посебни форми за изразување на одредени концепти или појави, а се појави потреба да се изразат, луѓето спонтано почнуваат да ги употребуваат елементите што им се веќе на располагање, односно формите што веќе постојат во јазикот. И така доаѓаме до случајот со показните заменки во бугарскиот јазик – во јазичниот систем постојат само две форми за изразување на три различни категории. Како што велите вие, тази/тая во едни случаи се употребува за посочување блиски предмети и лица (македонското оваа), а во други за посочување без просторна и временска определеност (македонското таа). Разликата лежи во тоа дека едниот систем развил три посебни форми за трите категории, а другиот користи само две форми – што самото по себе е важна структурна разлика. Тука мора да се нагласи дека не кажуваме дека едното е подобро од другото, туку само ги констатираме објективните јазични особености.
  1. Има-перфектот во македонскиот јазик со текот на времето се има развиено во целост и постои во системот на исто ниво со другите глаголски времиња; затоа ги посочуваме времињата во другите јазици (present perfect во англискиот, Perfekt во германскиот и passé composé во францускиот јазик) кои сосема соодветствуваат на македонскиот има-перфект. Тоа што ова време може да се користи во сите лица и за сите глаголи значи дека целосно се има граматикализирано. Во бугарскиот секако такви конструкции со глаголот има постојат, но не се целосно раширени на сите глаголи т.е. не се на истото ниво на граматикализација. Повторно доаѓаме до тоа дека не се работи за разлики во употребата или зачестеноста, туку за суштински структурни разлики меѓу двата јазика.
  1. Глаголските придавки во македонскиот јазик може да се образуваат од буквално сите глаголи (со наставките –т и –н), што е директно поврзано со целосната граматикализација на има-перфектот. Во низата пиша → писанo, напиша → написанo, дойда → / вие предлагате дошло наместо косата црта, но тоа не е формата што е потребна таму; формата, кога би постоела, би гласела нешто како *дойдано (но такво нешто не постои, и затоа ставаме ѕвездичка пред формата). Дошло е друга нелична глаголска форма (во македонскиот ја нарекуваме глаголска л-форма), која постои и во македонскиот и во бугарскиот јазик, но се користи во сосема други конструкции и контексти.

Се надеваме дека ги разјаснивме овие работи, пишете ни слободно ако имате и други прашања 🙂

Анонимно прашање: Здраво! Ме интересира дали именките од машки род коишто именуваат националност имаат форми за избројана множина (пример: Македонеца, Србина, Русина, Грка, Кинеза итн.)? И кои од следниве искази се исправни: 1. два Македонеца; 2. два Македонци; 3. двајца Македонеца; 4. двајца Македонци? Ви благодарам!


Здраво, одлично прашање! На прв поглед звучи како нешто банално, но всушност многу е интересно дека не сме чуле некој да вели „два Македон(е)ца“. Иако и двете ја користиме избројаната множина во нашиот личен говор, во примерите што сте ги навеле не би ја искористиле за ниту една од именките што означуваат лица од одредена националност.

Од друга страна, кога се зборува за лица може да се користат и формите двајца, тројца итн., но во тој случај именката е секогаш во обична множина (а не во избројана). Па така: два лекара ИЛИ двајца лекари; три ученика ИЛИ тројца ученици. Всушност во дадените примери најмногу ни одговара оваа комбинација – двајца + обична множина од именката.

Според тоа, од наведените опции во прашањето, ние лично природно би рекле (4); евентуално би го прифатиле и (2), но самите не би рекле така. Другите два примера (1 и 3) ни се чинат сосема неграматични, односно нешто што не би очекувале да го чуеме од роден говорител на македонски.

Уште еднаш, многу интересно прашање, баш нѐ интересира што би рекле и другите наши читатели за ова :))

Анонимно прашање: Која е етимологијата на македонското презиме “Секов”?


Со потеклото на имињата се занимаваат македонистите од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Меѓу другото на нивниот вебсајт може да се најде „Речникот на презимињата кај Македонците“: http://www.imj.ukim.edu.mk/mk/%D0%98%D0%B7%D0%B4%D0%B0%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0/%D0%A0%D0%B5%D1%87%D0%BD%D0%B8%D1%86%D0%B8.aspx 

Во томот што ги содржи презимињата на С за ова презиме го пишува следното:

Фала многу за интересното прашање и поздрав! 🙂

Анонимно прашање: Добар ден. Една моја професорка честопати го користи изразот “во колку” со значење доколку. Па сакав да ве прашам дали е правилен тој израз. Поздрав.


Здраво! И ние сме го чуле тој израз со значење „доколку“, но не е многу чест. Изразот не е нов и најверојатно навлегол во македонскиот јазик преку српскиот, каде што постои сврзникот уколико со истото значење. Всушност, кога се користи воколку во македонскиот јазик, тој секогаш може да се замени со доколку. Сепак, иако некогаш се употребува, се согласуваме дека не е дел од стандардниот јазик. Фала за прашањето и поздрав!

Анонимно прашање: Препевот на Гавранот од Едгар Алан По што го паметам го користи Nevermore како рефрен во оригинал. Денес се обидовме да најдеме соодветен препев на овој стих, препев кој би бил колоквијален, а би ги имал концизниот ритам и чувството на мрачна судбина како во оригиналот.


Здраво! Благодариме за ова навистина интересно прашање од областа на книжевниот превод. Јас (Викторија) особено многу се интересирам за книжевен превод и одвреме-навреме преведувам, особено поезија. Иако преведувањето не е дел од темите за кои (ќе) пишуваме на Јазичарница, ова се моите размислувања во врска со вашето прашање.

Навистина, во препевот на Гане Тодоровски во последниот стих на строфите каде што се појавува Nevermore, тој збор е оставен во оригинал. Не сум сигурна дали воопшто оттогаш е објавен друг препев на стандарден македонски јазик, но знам дека постои креативен препев на скопски, во кој Nevermore станало „Никад, брат.“

Интересното е дека стиховите во песната што содржат Nevermore се римуваат со секој последен стих од секоја строфа, а воедно и со три други стиха од секоја строфа (од кои два завршуваат со истиот збор). На По тоа му успева во секоја строфа, а и Тодоровски секогаш наоѓа соодветна рима, дури и кога зборовите што кај По се исти, кај Тодоровски се само слични:

Гавранот, штом седна таму, еден збор тој гракна само
в душа божем тој збор може сам да начне разговор.
Друго појќе ни да каже, ни да пафне пердув влажен,
дур не сронив мрмор тажен: „Осамен сум долго створ.
И ти како мојта Надеж исчезнат ќе бидеш створ!” 
Тој сал гракна: „Nevermore!”

Значи, за решението да ги задоволува формалните критериуми, треба да се најдат три слога што би се римувале на овој точно определен начин. Мислам дека Тодоровски ги нашол и употребил сите или речиси сите македонски решенија што се римуваат со Nevermore: спор (и со значење ‘расправа’ и со значење ‘бавен’), однадвор, взор, збор, створ, одговор, разговор, двор, хор, неизгор, развигор, преумор, непрегор, судботвор, беспрекор…

Едно можно решение е за тоа што го грака гавранот, односно за Nevermore, да се најде израз што би се римувал со сите овие зборови, но да значи никогаш. Оваа варијанта ми се чини потешка, а некои препејувачи, како на пример еден од германските, ја постигнале: Nie, du Tor., препев на Манфред Улиг од 1999. Притоа препејувачот нашол збор што има две значења (Tor како ‘порта’ и Tor како ‘лудак’), што овозможува креативна употреба, нешто слично како спор кај Тодоровски.

Од друга страна, поинакво решение е да се земе друга рима и сите зборови што завршуваат на -ор да се заменат со нешто сосема ново. Тоа всушност се случува во повеќе германски препеви, каде што Nevermore се заменува со Nimmermehr со истото значење, па соодветните стихови се римуваат со тоа.

Второво решение ми се чини пореално, бидејќи во тој случај преведувачот може да тргне од значењето што се бара, па потоа да бара рими за трите слога што ќе ги најде. Еве три решенија што ми паднаа на памет: никогаш, нема пак, никојпат. Мислам дека во сите три случаи можат да се најдат убави рими за останатите стихови што треба да се римуваат со овој.

Кога би имала задача да ја препеам песната, мислам дека би постапила на овој начин. Во секој случај мислам дека е добра идеја да се најде соодветен македонски збор и задачата воопшто не е невозможна. Ако најдете некое креативно решение, слободно споделете го со нас, и мене и на Нина ќе ни биде мило!

Анонимно прашање: Дали може повеќе да ми објасните за балканскиот шпрахбунд? Ме фасцинира меѓусебното влијание на балканските јазици, па би сакал да знам повеќе за тоа 🙂


Здраво! Фала ви што ни пишавте и се охрабривте да ни го поставите првото прашање на Јазичарница :)) Навистина се работи за фасцинантна тема поврзана со македонскиот јазик и всушност и пред да ни пишете веќе планиравме да пишуваме за ова наскоро, односно откако ќе ги покриеме воведните теми. Сепак, за да не ве оставиме без одговор, еве едно кратко објаснување за сега, а за неколку недели ќе напишеме и поопширен текст.

Балканскиот јазичен сојуз, познат и како Балкански шпрахбунд (Sprachbund е германски термин што се користи и во англискиот јазик), е лингвистички термин што се однесува на неколку јазици што се зборуваат на Балканот кои низ вековите развиле многу слични јазични својства под меѓусебно влијание, а без да имаат близок заеднички јазичен предок. Постојат различни ставови за тоа точно кои јазици и дијалекти се дел од Балканскиот јазичен сојуз, но најчесто се зборува за македонскиот, бугарскиот, албанскиот, ароманскиот (влашкиот), мегленороманскиот, романскиот и грчкиот јазик, како и преодните дијалекти помеѓу македонскиот, српскиот и бугарскиот јазик (торлачки дијалекти).

Да ги погледнеме на пример македонскиот и романскиот јазик: македонскиот е словенски јазик, што значи дека се развил од истиот прасловенски јазик од кој се развиле сите словенски јазици (како полскиот и рускиот, но и старословенскиот јазик, кој е веќе изумрен); романскиот, пак, се развил од народниот латински јазик (кој бил разговорен, за разлика од класичниот латински, кој бил литературен јазик и го изучуваме и денес). Затоа, на пример, тоа што и во македонскиот и во романскиот членувањето се врши на крајот на зборот (волк-от, lup-ul) не може да се објасни како генетска поврзаност, бидејќи такво нешто не постои. Но, тоа не значи дека оваа заедничка особина е случајна, туку дека е резултат на географската блискост, што овозможила допир и меѓусебно влијание меѓу јазиците на Балканскиот јазичен сојуз низ вековите.

Толку за сега, а ако сакате да зборуваме повеќе на оваа тема, пишете ни на jazicharnica@gmail.com!