Што го прави човековиот јазик посебен?

Човековиот јазик не е единствениот начин на комуникација во светот на животните, но е најразвиен и најсложен. Танцот на пчелите и песната на птиците се фасцинантни системи за комуникација што може да пренесат многу информации, но ниту еден од „јазиците“ на животните не може вистински да се спореди со човековиот јазик. Еве четири причини зошто:

1. Можеме да изразиме дејства што не се случуваат сега и овде

За разлика од животните, кои во комуникацијата спомнуваат само појави што ги засегаат во моментот, човекот е способен со помош на јазикот да се изрази во врска со ситуации во минатото и иднината, но и да сподели хипотетички дејства што можеби никогаш нема ни да се случат. Некои видови мајмуни со крици ги предупредуваат останатите кога им се заканува непосредна опасност, но не можат да си направат муабет за тоа како едвај му избегале на јагуарот минатата недела.

2. Врската помеѓу формата и значењето е произволна*

Поврзаноста меѓу формата на зборот и неговото значење е произволна: значењето на зборот маса, за човек што не знае македонски, не може да се одгатне од самиот звук на зборот или пак од формата на напишаните букви. Од друга страна, насоката и темпото на танцот на пчелите директно посочуваат во кој правец се наоѓа храната и точно колку е оддалечена од кошницата.

3. Јазикот се пренесува само преку учење

Кај многу животни системот за комуникација се пренесува само генетски, па така, на пример, мајката мравка не треба да го учи бебето мравче во која ситуација се лачи одреден феромон и што значи ако го насети. Од друга страна, иако луѓето имаат генетска предиспозиција да развијат јазик, само тоа не е доволно за јазикот автоматски да се пренесе на следната генерација. Бебињата уште од најрана возраст мора да бидат изложени на мајчиниот јазик за да можат да го научат – да го слушаат јазикот, да ги гледаат изразите на лицето и движењата на тој што зборува и да се навикнат на непишаните правила на невербалната комуникација.

4. Со ограничен број гласови до неограничен број реченици

Гласовите што се користат во еден јазик сами по себе немаат значење и се во ограничен број. Сепак, кога ги комбинираме, од нив може да се состават неограничен број зборови и реченици кои имаат сопствено значење. И тоа не е сѐ! Секој од нас, со малку креативност, може да создаде граматички правилна реченица што никогаш претходно не била помислена (Валканиот облак ја фалшира химната на зелените ѕенѕачки мијалници!)

* Врската помеѓу формата и значењето е најчесто произволна. Пример за непроизволна врска помеѓу формата и значењето се ономатопеите: на пример зборот „шушкање“ го доловува звукот на шушкањето.

Напишете коментар